1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин лобира за датумот за почеток на ЕУ преговори

14 јуни 2018

Во Берлин е клучот за надежите на Македонија, по договорот со Грција во спорот за името, да добие експресно ефектуирање на желбата за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ.

https://p.dw.com/p/2zW5p
Europarede von Außenminister Heiko Maas
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска во Берлин ќе побара поддршка од својот германски колега Хајко Мас за ефектуирање на ветувањата за добивање датум за почеток на преговори. Не е тајна дека неколку ЕУ земји, а во прв ред Франција, се противат на одредувањето датум за Македонија и Албанија и бараат одлуката да се одложи за втората половина на 2019 година, по завршување на изборите за Европскиот парламент во нивните земји. Последните изјави на Мас говорат во насока дека Димитров, сепак, нема да има тешка задача и нема да треба да троши многу енергија на убедување на германскиот министер.
Мас во средата вечер одржа говор насловен „Храброст за Европа- Обединета Европа" пред група студенти во кој изрично се заложи за одредување датум за почеток на преговори со Македонија и Албанија на крајот на месецов.
Потенцирајќи дека исполнувањето на критериумите, во прв ред во однос на демократијата и функционалната правна држава, остануваат најважни, Мас рече дека Македонија најмногу направила на тој план.
„Некои земји добро напредуваат- во прв ред пјр Македонија, каде во последните денови и јас лично се борев за изнаоѓање решение во спорот за името".
„Оттука јас сум изрично за условено отворање на преговорите за членство со двете земји (Македонија и Албанија, н.з.)

Повеќе:

-Хајко Мас: Скопје и Атина напишаа историја

-НАТО и ЕУ го поздравија договорот на Скопје и Атина

-Димитров: Ќе нѐ биде... и покрај Иванов

Europarede von Außenminister Heiko Maas
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

Притоа, Мас предупредува дека последиците доколку овие земји не добијат датум за почеток на преговори би можеле да бидат фатални.
„Доколку ЕУ не успее да оствари напредок во процесот на приближување со овие земји, ќе има фатални последици", вели германскиот министер и дополнува дека земји како „Русија, Кина и некои Блискоисточни држави, кои имаат сосема поинакви сфаќања за ред и стабилност од Европејците- се обидуваат да ја пополнат таа празнина".

Одвоени шини

Главниот аргумент на Македонија е секако решението во спорот за името, иако, како што вели и Мас, напредок има и во бараните реформи.
Тоа може, но и не мора да биде доволно за земјата да го добие посакуваниот датум за почеток на преговорите. Клучен во таа насока може да се покаже состанокот на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Макрон закажан за вторник следната недела на кој проширувањето на ЕУ ќе биде една од главните теми.

Хендикеп за Македонија е инсистирањето на некои земји-членки на ЕУ, а делумно и на Европската Комисија, одредувањето датум за почеток на преговори да оди во пакет со Албанија. Отпорот кон Албанија е многу поголем, не само во Франција, туку и во Германија, особено во владејачката ЦДУ на канцеларката Меркел, каде владее големо незадоволство од темпото на реформи кое го спроведува официјална Тирана. Проценките се дека доколку двете земји се одвојат и тргнат самостојно по својот пат кон ЕУ, Македонија не би имала пречки да го добие посакуваниот датум.

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Фотографија: Reuters/C. Baltas

Берлин бара брз потпис на договорот

Дека договорот со Грција отвора нови перспективи кон ЕУ и НАТО за Македонија, вчера потврди и германската Влада. Портпаролот Штефан Зајберт потсети дека за приближување кон ЕУ е потребно исполнување „на сите потребни услови" и додава дека „македонскиот премиер Заев и неговата влада во таа насока претставиле амбициозен план".
„Договорот меѓу премиерите надминува една пречка за македонската интеграција во евро-атлантските структури, односно во ЕУ и НАТО".

„Германската влада се надева дека постигнатиот договор многу брзо ќе биде потпишан и дека ќе ја добие потребната поддршка во обете земји. Тоа ќе биде историски исчекор за обете земји", рече Зајберт.