Лидерски дуел: кога популизмот води пред понудата | Северна Македонија | DW | 21.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Лидерски дуел: кога популизмот води пред понудата

„Преширок фокус, премногу теми, премалку време, што ја сведува дебатата на пароли и површни примери“, оценува аналитичарот Петар Арсовски за вчерашниот тв дуел меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Зоран Заев и Христијан Мицкоски својот прв тв дуел го имаа на крајот на мај 2018 година

Зоран Заев и Христијан Мицкоски својот прв тв дуел го имаа на крајот на мај 2018 година

Не беше ни прв, ниту поразличен од претходните. И вчерашниот тв дуел на „Канал 5“ меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, помина под нивото на очекувањата на граѓаните да слушнат идеи, понуди и аргументи. Наместо тоа, доминираа критики, упаѓања во збор, манифестација на суети во битката кој ќе го преземе „пехарот“ дека бил во право. Ако се тргнат настрана навивачките реакции на социјалните мрежи од страна на нивните поддржувачи, она што останува „помеѓу“, главно се коментари од типот „Ништо ново“, „Тешко беше да се следи таа врева“, „Бетер од турска серија“ итн.

Дебата на пароли

Според аналитичари, однесувањето на опонентите не е изненадувачко, со оглед дека претстојат локални збори, па секој од нив дуелот го користи и за мобилизација на гласачите.

„Најголемиот проблем со дуелот е што доаѓа после релативно долго време без вакво соочување“, смета аналитичарот Петар Арсовски. „Двата лидера се во борба за политички впечаток, се наметна атмосфера премалку фокусирана на аргументи и понуда, а премногу фокусирана на напади и контранапади. Ова е, зашто долго време лидерите немале можност да се соочат, па се во борба што повеќе да покријат во премалку простор. Соодветно на тоа, и дополнително обременети од вкупната тензична политичка атмосфера, Заев и Мицковски се во борба за симпатии кај повеќе публики – мораат да бидат агресивни заради сопствените табори, мораат да изнесат и некаква политичка понуда заради иманентните избори, а притоа играат и за неопределените гласачи. Преширок фокус, премногу теми, премалку време, што ја сведува дебатата на пароли и површни примери“, сумира Арсовски.

„Најголемиот проблем со дуелот е што доаѓа после релативно долго време без вакво соочување“, смета аналитичарот Петар Арсовски

„Најголемиот проблем со дуелот е што доаѓа после релативно долго време без вакво соочување“, смета аналитичарот Петар Арсовски

Повеќе: Кој треба да биде Пушкин: Мицкоски или Заев

Тој смета дека би требало да има повеќе дуели, за првите популистички теми да се исцрпат, па лидерите да можат да се фокусираат на споредба на реална визија, политики и понуда, наместо доминантно да разговараат за политичкото поведение на другиот.

„Кога се оди на ТВ дуел, секогаш оној кој е власт во моментот, е под поголем ризик, зашто има што повеќе да изгуби. Тоа е впрочем, една од причините зошто Груевски долго време избегнуваше ТВ дуели додека беше премиер. Во таа смисла, дуелот помина без јасен победник, што по дефиниција е добро за Заев“, оценува Арсовски.

Анкети и вистински анкети

Во битката за нивните претпоставени политички судбини - кој ќе добие кој ќе изгуби на изборите, вчера беше спомната и последната анкета на Брима. На изјавата на Мицкоски дека таа била платена од владини пари на јавен тендер, вчера реагираше Владата.
„Не постои јавна набавка за анкетата односно истражување на јавното мислење на Брима, ниту пак истата е платена со пари на граѓаните. Ваквите лаги се неодговорно однесување кон јавниот интерес и имаат за цел да и наштетат на Владата доведувајќи ги граѓаните во заблуда и поткопувајќи ја довербата во институцијата. Бараме од Христијан Мицкоски да се извини на граѓаните и на Владата за ваквата груба лага“, беше наведено во реакцијата од Владата.

Мицкоски на вчерашниот дуел уште еднаш обвини дека последната анкета на Брима била платена од владини пари на јавен тендер.

Мицкоски на вчерашниот дуел уште еднаш обвини дека последната анкета на Брима била платена од владини пари на јавен тендер.

Мицкоски, кој вистинската анкета ја очекува на 17-ти октомври, вчера го обвини Заев дека обезбедил хибриден режим, најнесреќна и најкорумпирана земја во Европа, а одговори и на обвинувањата за политичко профитерство во врска со модуларната болница во Тетово.

„Сетете се на малата Тамара, сетете се како ги лажевте родителите на децата од Смилковско езеро, сетете се на Мартин Нешковски. Ако некој злоупотребувал човечки судбини за политиканство тоа сте вие“, му одговори Мицкоски на Заев.

Во дебатата беше правена и споредба за напредокот во одредени сфери некогаш и денес.

„Ние се бориме против криминалот, а вие сте претседател на политичка партија што има осудени криминалци“, рече Заев во дуелот. „Во времето на ВМРО-ДПМНЕ немаше разрешено судии, имаше судии поставени од тефтерчето. Денес се разрешени 16 судии од страна на независен судски совет, денес се гонат тие кои нѐ делат правда. Се гонат по допрен глас сите за кои има докази, без разлика дали некој бил близок со еден или со друг. Нема некој кој е поштеден заради тоа што е близок со власта или да се гони некој само заради тоа што е од опозицијата. Денес има јасна антикорупциска политика во државата“, потенцираше премиерот Заев.

Премиерот Заев во дебатата често правеше споредби за напредокот во одредени сфери некогаш и денес.

Премиерот Заев во дебатата често правеше споредби за напредокот во одредени сфери некогаш и денес.

Коперникански скок

И покрај низата од меѓусебни обвинивања, на крајот од вечерашниот тв дуел, двајцата си подадоа рака за фер и демократски локални избори.

„Драго ми е што атмосферата е демократска и би било убаво почесто да гледаме вакви соочувања", вели политикологот Ана Чупеска.

„Во минатото паметиме, немаше дебати. Од тој аспект ме радува одреден демократски капацитет кој го покажа Мицковски. Но, останува прашањето како после толку години, Мицковски сѐ уште не се дистанцира и не ги осудува постапките на владеењето на Груевски. Исто така малку е несериозно лидерот на најголемата опозициска партија да ја нарекува надворешната политика на оваа Влада катастрофална, со оглед дека во периодот на владеењето на неговата партија Македонија беше тотално изолирана од меѓународната заедница, а денес имаме коперникански скок напред со членството во НАТО и решавањето на деценискиот спор со Грција“, нагласува Чупеска.

На крајот од вечерашниот тв дуел, Мицкоски и Заев си подадоа рака за фер и демократски локални избори на 17 октомври.

На крајот од вечерашниот тв дуел, Мицкоски и Заев си подадоа рака за фер и демократски локални избори на 17 октомври.

Според неа, значајно е да се нотира и подобрувањето на економските перформански.

„Дополнително, за економските стратегии на партиите, очигледно и очекувано тие се во духот на предизборната атмосфера, но факт дека општеството во последниве неколку години со зголемувањето на своите демократски капацитети на сите нивоа, консеквентено ги зголеми и економските перформанси. Денес се воспоставуваат се подобри услови за здрава пазарна конкуренција и раст, кој е и фактички нотиран. Она што сѐ уште ме загрижува во голема мера е отсуството на конструктивност кај ВМРО-ДПМНЕ, посебно во надворешната политика“, посочува Чупеска.

Првиот дуел Заев - Мицкоски се одржа на крајот на мај 2018 година, на тема „една година власт, една година опозиција“. Дуелот го побара лидерот на опозициската партија, а фрлената ракавица беше прифатена од премиерот. Во периодот потоа следеа и други соочувања меѓу двајцата лидери.