1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Bildergalerie Ukraine-Krieg, Momentaufnahmen zwei Wochen | Russland, Protest | Yelena Osipova, Verhaftung
Руската полиција ја апси Јелена Осипова, преживеана од опсадата на Ленинград додека протестира против војната во УкраинаФотографија: REUTERS

Кој генерира русофобија?

Димитар Димитров
14 март 2022

Ова атавистичко враќање на Путин кон законот на џунглата, го прави не војна против Западот, не војна против Украина, туку војна против Русија - фундаментално антируска војна! Пишува Димитар Димитров

https://p.dw.com/p/48QEF

Руското МНР соопштува за тенденција за засилена русофобија во Европа и САД, поврзана со „спецоперацијата” во Украина. Државите (48 на број, меѓу нив и Македонија) кои воведоа економски санкции против Руската Федерација, Москва ги прогласи за „непријателски”. 

Со полно право, во едно издание на Топ тема на Телма, беше проблематизирана синтагмата русофобија со аргументот дека осудата на почнување војна не е израз на антируска позиција, туку е позиција против војната на која било држава. Дека станува збор за принципи, а не за спротивставување меѓу русофобија и русофилија. 

Укажувањето на корелација меѓу „спецоперацијата” и „русофобијата” цели осудата на војната да ја изведе од русофобијата. Тоа е софистички маневар што обезбедува алиби за војната, со обвинение за „непријателите-русофоби” кои манипулираат со негативни стереотипи за Русија. Тука се превидува дека негативните стереотипи не зборуваат добро ни за страната што ги следи, ни за страната на која се однесуваат. Логичкиот след оди дотаму што, заради одбрана на војната, се жртвува Русија. Тоа, ова атавистичко враќање на Путин кон законот на џунглата, го прави не војна против Западот, не војна против Украина, туку војна против Русија - фундаментално антируска војна! 

Корелацијата/идентификацијата на војната со русофобијата, е грозен и самоубиствен цинизам. Една голема култура, суштествен дел на европската култура, една нација овенчана со слава на пресуден борец против нацизмот и фашизмот, се сведува на крвави „записи на лудиот” (Гогољ) во вид на смртоносни операции врз Украина и Украинците, што го сместуваат Путин во графата на озлогласени сатрапи. Блокадите на украинските градови и изгладнувањето на Украинците, се обрнува во самоблокада на „Русија”. За денови, војната од 142 земји членки на ОН направи „русофоби”. Се најде во обрач од пандемија на „русофобија” па прибегна кон помош од „русофили” од Сирија, решени да убиваат Украинци „не за пари”, известува лично Путин без да трепне, туку од што ја сакаат Русија! Која цел свет ја мрази! 

Мирисот на сталинизмот 

Објаснувањето на осудата на војната со „русофобијата”, ги прави „русофоби” и руските противници на војната. Руси се оние кои убиваат Украинци или го одобруваат убивањето на Украинците. Русите кои се за прекин на војната и за мир, не се Руси. 

Познат стар мирис - мирисот на сталинизмот. Со Русија сведена на режимот, со Гулаг за отстапниците/престапниците. 

Dimitar Dimitrov, ehemaliger Professor Philologische Fakultät in Skopje, Nord-Mazedonien
Димитар Димитров, автор на колумнатаФотографија: privat

Обратно, Русија и тогаш била, и сега е на другата страна. Критичарите на Путин сметаат дека војната е престап не само според меѓународното право и Повелбата на ОН, туку и според рускиот кривичен законик. Илјадници и илјадници припадници на креативна Русија, научници, уметници, спортисти; индивидуално или преку професионални асоцијации, креваат глас против оваа најголема криминална инструментализација на Русија след Втората светска војна. Целосна солидарност со нив манифестираат нивните колеги и аналогни асоцијации од Европа, Америка и од други страни на светот. Во тој глас, одекнува предупредувањето на Достоевски (Браќата Карамазови): со никаква политичка цел не може да се правда фрлањето во оган на едно новороденче! А токму тоа го прави војната на Путин. И ја обесчести волшебната Украина на Гогољ (Вечерите на фармата близу Диканка): „Ги знаете ли вие украинските ноќи? Не, не ги знаете вие украинските ноќи!” Со небо осветлено од месечината, накитено со рој ѕвезди, со чудесни луѓе и привиденија по земјата. 

Биофилија наместо русофобија 

Ги читал ли Путин Гогољ и Достоевски? Каков Русин е, ако ги читал, а ова го прави? Каков Русин е, ако не ги читал? 

Тоа што за Кремљ е „русофобија”, всушност е биофилија, што се расцуте сред таа широка креативна заедница наспроти операцијата на усмртување на една 44-милионска европска нација - уште цинички идентификувана како дел на ист руски народ. 

По дефиниција, биофилијата не може да биде каков било вид на етнофобија, вклучително ни русофобија. Но поради русофилијата да се дава благослов на војната, би значело Русија да се идентификува со убијците од Кремљ. И за тоа соодветен нарек е русоманија, што човека го прави ајван. 

Поддршката на внатрешниот отпор на војната и на одбраната на Украина е истовремена и заедничка солидарност и со Русија и со Украина. Што ќе стане со секоја од нив одделно и со односот меѓу нив, останува нивен избор. Украина се консолидира/етаблира врз позиција на одбрана до саможртвување. На Русија останува да се одбрани од путинизација. Милиони и милиони граѓани да застанат зад креативна Русија и да му наредат на оној кој не ги праша дали да ја почне војната, веднаш да ја запре. 

Па наместо украинските градови да трпат повторувања на опсадата на Ленинград, да ја слушаат ленинградската симфонија на Шестакович. 

Илјадници Украинци во бегство: „Зошто се случува ова? Зошто да бидеме бездомници?“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Денеска (31.01) во Владата ќе се одржи средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари

Мнозинство под ризик - едни да влезат, други да излезат

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница