Косово стана 55-та членка на УЕФА | Панорама | DW | 03.05.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Косово стана 55-та членка на УЕФА

Со тесно мнозинство, конгресот на УЕФА во Будимпешта го прими Косово како членка во Европската фудбалска унија. Косовската фудбалска федерација наскоро сака да биде примена и во ФИФА.

Република Косово се придружува како 55-та членка на Европската фудбалска унија (УЕФА). На барање на Фудбалската федерација на Косово (ФФК), УЕФА на конгресот во Будимпешта со тесно мнозинство гласаше за влегување на Косово во оваа меѓународна спортска организација: 28 членки на УЕФА беа за, 24 против. Две ливчиња беа неважечки. „Многу сум трогнат. Ви благодарам за оваа одлука, посебно во име на младите играчи во мојата земја. Ова е историски ден за нас“, изјави Фадиљ Вокри, претседател на ФФК. Пред гласањето тој истакна дека Република Косово е веќе членка на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК): „Само недостасува фудбалот“.

„Многу политичка одлука“

Оваа балканска земја дури во 2008 година прогласи независност од Србија. Регионот беше тешко погоден од војната на Косово во 1998 и 1999 година. Во меѓувреме 111 држави ја имаат признато независноста на земјата со 1,8 милиони жители. Германија беше меѓу првите држави кои ја поддржаа. „Тоа ќе биде тесна одлука“, рече поранешниот претседател на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) Волфганг Нирсбах пред конгресот во Будимпешта, но истотака и „многу политичка“.

Како што беше и очекувано Србија се спротистави на ваквата одлука „Политиката и фудбалот не треба да се мешаат на ваков најлош можен начин. Ќе предизвикаме немир во регионот“, изјави пред гласањето Томислав Караџиќ, претседател на Фудбалската федерација на Србија. „Границите во регионот не смеат да се менуваат. Самопрогласената република не смее да добие дозвола да стане членка на УЕФА“, додаде Караџиќ.

Поради овој успех во УЕФА, Косово би можело да стане членка и на Светската фудбалска федерација (ФИФА), веќе за време на конгресот во Мексико на 12. и 13. мај. Малиот фудбалски сојуз се надева дека накнадно ќе добие право да учествува и на квалификациите за Светското првенство во Русија во 2018 година.