1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Рускиот гас е од витално значење за функционирањето на голем дел од германската индустрија
Рускиот гас е од витално значење за функционирањето на голем дел од германската индустријаФотографија: picture-alliance / dpa

Германската индустрија и гасот– план за вонредни ситуации

31 март 2022

Гасот од Русија сè уште пристига , но со активирањето на првата фаза од кризниот план започна да трепка алармот во германската индустрија. При прекин на дотокот на руски гас на многу фабрики им се заканува затворање.

https://p.dw.com/p/49GM9

„Мора да се подготвиме за најдрастичното сценарио доколку ни се прекине дотокот руски гас“, вели генералниот директор на енергетскиот гигант Евоник, Кристијан Кулман. Тој звучи загрижено во интервјуто за јавниот сервис ВДР говорејќи за планот за вонредни ситуации.

Гасот од Русија сè уште пристига, но забрзано се работи на планот „што да се преземе во случај ако дотокот на гас од Русија биде прекинат?“. Загриженоста е зголемена по спонтаната конференција за новинари која во средата рано наутро ја свика министерот за економија Ронерт Хабек.

Од ниво на рано предупредување до вонредна ситуација

Хабек на пресконференцијата најави дека ќе се активира првото ниво на предупредување од Планот за вонредни ситуации за гас. Причината е барањето на Русија да испорачува гас само за рубљи, а Германија и другите земји од Г7 тоа го отфрлаат.

Планот за вонредни ситуации за гас ја регулира процедурата во Германија доколку постои закана од значително влошување на ситуацијата со снабдувањето, или ако тоа е веќе така, и има три нивоа: ниво на рано предупредување, ниво на тревога и ниво на вонредна состојба. Во фазата на рано предупредување, снабдувачите со гас треба да направат подготовки. Безбедноста на снабдувањето во моментов сè уште е загарантирана, како што нагласи Хабек.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек
Германскиот министер за економија Роберт ХабекФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Треба максимално да се искористат расположливите капацитети за транспорт во мрежите. Треба да се интензивира соработката со операторите на мрежите во соседните земји. Сојузната агенција за мрежи сега има задача да развие критериуми по кои индустријата и секторите и понатаму ќе се снабдуваат со гас во контекст на таканаречениот недостиг на гас.

Повеќе: Војна во Украина: Шолц ги потврди плановите за противракетна одбрана

Потоа следи ниво на тревога. Според планот, овој степен е достигнат кога ќе дојде до прекин во снабдувањето со гас или има исклучително голема побарувачка за гас што доведува до значително влошување на ситуацијата со снабдување на гас – но пазарот сè уште е во состојба да се справи со ова нарушување или ниво на побарувачка.

На крајот доаѓа највисокото ниво – вонредна ситуација. Во таков случај значи дека има „исклучително висока побарувачка за гас, значителен прекин во снабдувањето со гас или друго сериозно влошување со снабдувањето,“ пишува Сојузното министерство за економски прашања и клима опишувајќи ги можните сценарија во документ на 37 страници.

Во тој момент, пазарните мерки не се доволни да ја покријат преостанатата побарувачка за гас. Последицата од вонредната состојба е дека државата мора да интервенира, особено во снабдувањето со гас на „заштитените купувачи“, на пример приватните домаќинства.

Сојузната агенција за мрежи тогаш станува „сојузен дистрибутер на оптоварување“, велат од Министерството за економија – односно, ја регулира дистрибуцијата на гасот во координација со мрежните оператори, а во одреден момент може да нареди исклучување на индустриските корисници и да побара од крајните потрошувачи да користат помалку природен гас.

Кој кога би бил исклучен?

Во овој трет и највисок степен, најмногу се заштитени приватните домаќинства, но и болниците и установите за нега, пожарникарите и полицијата. Тоа значи дека тие мора да бидат обезбедени со гас, вклучително и преку државна интервенција на пазарот. Индустријата, од друга страна, може да биде исклучена од мрежата со декрет. Но, од каде да се започне?

Повеќе: Со студени домови против Путин и за Украина?

Веројатно прва на удар е индустријата. Овде има голем потенцијал за заштеда, бидејќи индустријата троши околу четвртина од вкупната потрошувачка на гас во Германија. Компаниите веќе предупредија на последиците. Итна забрана за увоз на руски гас ќе доведе не само до запирање на производството во челичната индустрија, туку и до пад на индустриското производство во Германија и ЕУ, вели Ханс Јирген Керкоф, претседател на здружението за челик.

Хемиската индустрија во Германија ќе биде меѓу првите погодени од запирањето на  дотокот на руски гас
Хемиската индустрија во Германија ќе биде меѓу првите погодени од запирањето на дотокот на руски гасФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Слична изјава дојде и од шефот на Евоник, Кристијан Кулман, кој е и претседател на хемиската индустрија (ВЦИ). “Мора да имате на ум дека германската индустрија функционира „како човековото тело. А енергијата  е кардиоваскуларниот систем на ова тело. Ако го прекинете снабдувањето, тогаш таквиот механизам не може да преживее,“ рече Кулман.

Сите погледи вперени кон кризниот тим

Сè е поврзано. Оваа дилема е добро илустрирана преку хемиската индустрија: речиси ништо не функционира без нафта и гас. Индустријата е исклучително енергетски интензивна и особено важна за многу полупроизводи.

„Околу 95 отсто од сите индустриски производи во Германија денес, бараат хемиски производи во нивниот производствен процес“, се наведува на веб-страницата на ВЦИ. Доколку хемиската индустрија би морала да го прекине производството, повеќе нема да има боја за автомобилската индустрија, материјали за изолација за градежната индустрија ниту пак амбалажа за лекови, вели Кулман.

Во случај на прекин на гасот, и синџирите на снабдување ќе бидат нагло прекинати. Затоа Мајкл Василијадис, шеф на хемискиот синдикат ИГ БЦЕ, во изјава за весникот „Франкфуртер алгеманје цајтунг“, предупреди во понеделникот дека во случај на нагло прекинување на увозот на гас ќе бидат изгубени „стотици илјади работни места“ и дека снабдувањето ќе се влоши. Хемиската групација БАСФ дури најави дека ќе мора да ја затвори фабриката во Лудвигсхафен доколку испораките на гас бидат повеќе од преполовени.

Со активирањето на нивото на рано предупредување се состанува кризниот тим. Очите на индустријата се вперени кон нив и внимателно ќе следат што ќе се одлучува таму. Бидејќи тоа кој, кога и како ќе се исклучи од гасоводната мрежа може да има егзистенцијални последици за одредени стопански гранки. Но, на сите им е јасно: доколку дојде до вонредна состојба, индустријата директно или индиректно ќе биде засегната. Треба да се напомене дека уделот на рускиот природен гас е намален од 55% на 40%. Со други зборови: најмалку 60 отсто од потребниот гас ќе продолжи да пристигнува во Германија.

 

 

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Главниот град на Албанија, во вторник (06.12.2022) ќе биде домаќин на самитот ЕУ-Западен Балкан

Самит кој не смее да се пропушти

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница