1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рубљи за гас: Ескалација на економската војна

Андреас Бекер | дпа
24 март 2022

Русија веќе не сака евра или долари за испораките на гас, туку само рубљи. Ова прекршување на договорот би можело да резултира со ембарго од Западот.

https://p.dw.com/p/48y6n
Deutschland | Verdichterstation für russisches Erdgas in Mallnow
Фотографија: Patrick Pleul/dpa ZB/picture alliance

Најавата од страна на Русија за промена на методот на плаќање при испораките на гас на „непријателски држави“  значи заострување на економскиот конфликт со Западот, оценува економскиот советник на германската влада, Јенс Сидекум.

„Тоа претставува ескалација на економската војна“, вели Сидекум за агенцијата Ројтерс. Според него, барањето за гас да се плаќа само во рубљи претставува и јасно прекршување на договорите.

„За доставување гас има долгорочни договори кои се поврзани со доларот“, објаснува Сидекум, кој е професор на Институтот за компетитивна економија на универзитетот „Хајнрих Хајне“ во Диселдорф. Тој додава: „Ако Путин сега вели дека прифаќа само рубљи, тој ги прекршува тие договори.“ Западот сега ќе мора да реагира на некаков начин: „Ембарго на увозот на енергија од Русија сега стана поверојатно.“

Доколку Западот го следи руското барање, ќе мора самиот да си ги поткопа сопствените санкции и да купува рубљи од Руската централна банка. „Тоа е всушност под санкции и затоа не може да се прави“, вели Сидекум.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги предупреди државите на ЕУ да не потклекнуваат пред руските барања. Би било понижувачки доколку некоја ЕУ-држава го направи тоа, напиша Кулеба на Твитер. „Тоа би било како со една рака да ѝ се помага на Украина, а со друга да ѝ се помага на Русија да убива Украинци“, напиша Кулеба. Според него, Европејците треба да донесат „мудра и одговорна одлука“. 

Infografik Karte Erdgasleitungen aus Russland in die EU EN

Путин: И натаму се испорачува гас во полн обем

Рускиот претседател Владимир Путин вчера (23.03) најави дека европските земји во иднина ќе мора да го плаќаат гасот во рубљи. Плаќање во евра или долари нема да биде можно.

Шефот на Кремљ на видео-конференција на руската влада, пренесувана на руската државна телевизија, уверуваше дека испораката на гас и натаму се одвива во полн обем. Плаќање за руска стока во девизи загубило смисла, смета Путин.

Од ваквиот потег на Русија би биле опфатени „непријателските држави“ кои се ставени на црна листа. На таа листа се Германија и сите други држави на ЕУ, но и САД, Канда, Велика Британија, Швајцарија и Јапонија. Од балканските држави на листата се Северна Македонија, Албанија и Црна Гора.

- повеќе: Бегство од рускиот гас со помош на арапските земји

Путин им даде на руските институции рок од една недела за спроведување на одлуката. Тој укажа и дека оваа мерка е реакција на замрзнувањето на руски имот на Западот.