1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Strafrecht Änderung

29 мај 2009

Отсега во Германија ќе биде полесно правно да се гонат потенцијалните терористи. И покрај противењето на опозицијата, владата ги заостри законите.

https://p.dw.com/p/HzQf
Според германската тајна служба, се` поголем број лица посетуваат терористички камповиФотографија: DW / Gazon

Според досегашниот закон, во Германија е казниво да се членува во терористичка организација. Тука се мисли на група од повеќе лица, кои преку извршување напади се борат против државниот поредок. На потенцијалните напаѓачи им се заканува затворска казна до десет години, доколку може да се докаже дека планирале терористички напад. Токму тука беше дупката во законот. Тој не дозволуваше правно да се гонат поедини лица, особено потенцијални бомбаши-самоубијци. Но, сега ова ќе се промени, убедена е министерката за правда, Бригите Циприс. „Со новиот закон се земаат предвид и новите форми на организација на тероризмот. Во иднина и поединечните напаѓачи, кои долго сме ги следеле, ќе можат соодветно да се казнуваат“, вели министерката.

Значајна карактеристика на новиот закон е можноста да се казнуваат и лицата кои посетуваат т.н. терористички кампови за обука. Нив во иднина им се заканува затворска казна од десет години. Според податоците на германската тајна служба, има се` поголем број соминтелни лица кои посетуваат вакви кампови, каде се обучуваат за изведување напади во Германија.

Јирген Геб, портпарол на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг, не се согласува со тврдењата на опозицијата дека со новиот закон се кршат принципите на правната држава.„Ако некој бил во Авганистан, Пакистан или каде и да е на друго место, со цел да се обучи како да ракува со оружје и експлозивен материјал, тогаш сигурно не го направил тоа за да биде шампион во стрелање на некој панаѓур. Со новиот закон создаваме подлога за спроведување истрага против осомничените од овој тип “, изјави Геб.

Опозицијата беше задоволна и со претходниот закон

Bin Laden und El Zawahiri in El Kaida Camp
Досега можеа правно да се гонат само лица кои се членови на терористичка организацијаФотографија: picture-alliance / dpa

Политичарката од редовите на зелените, пак, Ула Јелпке, го критикува законот донесен од владеачката коалиција, затоа што според него во иднина ќе станат сомнителни и лица кои бараат планови за конструкција на експлозивни направи. „Дали барањето рецепти за експлозивна направа на интернет е поттикнато од научен интерес, чиста љубопитност, или, пак, се работи за подготовка за терористички напад - тоа зависи од политичките и религиозни убедувања на личноста“, истакна Јелпке.

За либералите досегашниот закон беше сосема доволен. И претходно беше возможно да се гонат потенцијалните атентатори. Парламентарецот од либералите, Јерг ван Есен, смета дека заострувањето на законот не е добро и поради тоа што врз негова основа, ќе се измешаат надлежностите на полицијата и тајната служба: „И самиот работев неколку години во одделот за државна безбедност и од искуството стекнато таму знам дека е подобро кога се прави разлика меѓу работата на тајната служба и кривичното гонење“.

Но, министерката за правда, Бригите Циприс, не можат да ја разубедат критиките од опозицијата. Таа смета дека со новиот закон се создава поголема безбедност и се зајакнува правната држава.


Автор: Марсел Фирстенау / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска