Иран си игра со оган | Свет | DW | 06.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Иран си игра со оган

Иран продолжува со облагородување ураниум, а тоа значи објава на војна кон меѓународната заедница. Зад тоа стои борбата за власт во Техеран. Европејците би морале да ја преиспитаат својата политика, смета Барбара Везел.

За ниеден меѓународен договор Франција, Велика Британија и Германија не се бореле толку ангажирано како за Атомскиот договор со Иран. Тој беше потпишан пред пет години, а од крајот на 2018 година е ставен на мраз, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја напушти спогодбата.

Договорот за намалување на иранската нуклеарна програма долго важеше како најголем успех на заедничката европска надворешна политика, а сега е сериозно доведен во прашање.

Се чини дека јастребите во Техеран надвладеаја. Законски е регулирано во нуклеарната постројка Фордас да се зголеми производството на ураниум на 20 проценти. Иран на овој начин и натаму е под границата потребна за производство на атомско оружје, но го пречекорува договорениот лимит за преку три проценти. Истовремено, на инспекторите на Меѓународната атомска агенција од Виена не би требало да им се дозволи пристап до постројките.

Доверба не влева ни запленувањето на јужнокорејски танкер, ниту продолжувањето на заложничката политика на Техеран со заробување граѓани од западните земји или оние со двојно државјанство. Затоа, најавата за облагородување ураниум е рамна на објавување војна на меѓународната заедница.

Barbara Wesel Studio Brüssel

Барбара Везел, автор на коментарот

Целта на договорот беше да се спречи Иран да прерасне во нуклеарна сила која би вршела притисок на соседните земји и би го дестабилизирала ионака експлозивниот регион. Военото влијание на Техеран веќе сега го одржува тлеењето на војната во Сирија и стои на патот на меѓународните мировни напори. Иран кој поседува атомско оружје, за Запад е морничава визија.

Иран се коцка

Претседателот Рохани ја критикуваше најавената промена на политиката. Но, умерените како него губат тло под нозете, а изборите се в лето. Се формира фракција на тврдолинијаши која агресивно јури напред. Со оглед на економската криза во која западна земјата, меѓу другото и поради најновите американски санкции, иранските експерти исто така се прашуваат како мулите воопшто ќе ги платат центрифугите и ќе ја забрзаат нуклеарната програма. Зашто, се чини дека тука нема реална економија.

Повеќе на темата: 

Може ли уште да се спаси атомскиот договор со Иран?

Прекршување на атомскиот договор со најава

Гласно ѕвечкање со оружје во Персискиот залив

Техеран ја предизвикува меѓународната заедница и се обидува да уценува. На пример вака: кога другите потписници на договорот, а посебно САД, повторно ќе ги исполнуваат своите обврски, Иран би можел брзо да се врати на почитување на договорот.

Затоа односот со новата американска влада уште од почеток е затегнат. Советниците на Џо Бајден навестија можно враќање кон спогодбата. Но, таа приказна тешко ќе помине на внатрешно-политички план во САД ако се види дека Вашингтон е предизвикан со отворено кршење на договорот од страна на Техеран.

Фактот што Иран најави ново облагородување ураниум една година откако Трамп ја напушти спогодбата и по убиството на моќниот воен командант Сулејмани со американско беспилотно летало, е сигнал до националистите и има за цел демонстрирање моќ на режимот на мулите.

На испит

Најдобрите сојузници на режимот во Техеран досега седеа во Париз, Лондон и Берлин. Секогаш одново даваа поддршка на владата на оваа земја,  економска и политичка. Непосредно пред Божик изјавија дека ќе одобрат продолжување на преговорите со Иран без никакви условувања на Техеран.

За тоа Европејците не добија ништо од Техеран за возврат. Кога германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на крајот апелираше до Техеран да не се затвора кон САД, изгледаше очајно и како да зборува во ветар.

Можеби ваквите дипломатски напори во Иран се толкуваат за слабост на која неказнето можат да одговорат со агресивност. Европејците со својот метод на кадифени ракавици дојдоа до самиот крај. Сега би морале да се договорат со администрацијата на Бајден дали и на кој начин може да се оживее Атомскиот договор. 

Тука спаѓа и дускусијата околу иранската ракетна програма и политичко-воената улога на земјата во регионот. Власта во Техеран веќе не може да биде поштедувана од конфронтација, конструктивната соработка на која пред пет години се надеваа сите потписници на спогодбата, може да се оствари само со препознатливи противуслуги.

 

Реклама