Изборите како прво, или последно гајле | Северна Македонија | DW | 28.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Изборите како прво, или последно гајле

Она што се одвива зад грижата за здравјето на луѓето и за економскиот колапс сепак е жестока предизборна пресметка. Колумна на Ерол Ризаов.

На политичката сцена во Македонија во вонредна состојба повеќе од еден месец се одвиваат истовремено два процеса. Еден јасно видлив, каде сите политички партии и лидери имаат ист став. Сите без исклучок се категорични дека најголемиот и единствен приоритет е борбата со епидемијата од корона вирусот и заздравување на економијата. На сите тоа им е првата и најголема грижа. Тоа ни го повторуваат секој ден сототици пати како да насетуваат дека се сомневаме во тоа што го зборуваат.

Ако може да им се верува, изборите им се последното гајле на кое ќе му се посветат откако ќе заврши опасноста по здравјето на граѓаните и ќе се укине вонредната состојба. Да, така тврдат нашите партиски челници сите до еден, доволно итри и внимателни да препознаат дека во овој момент да се бараат избори е крајно непопуларна и опасна работа која наидува на осуда во јавноста. Но, она што се одвива зад грижата за здравјето на луѓето и за економскиот колапс на државата, сепак е жестока предизборна пресметка која се’ повеќе е видлива и се’ повеќе валкана. Па така, големата грижа поприма грда слика на лицемерие и недоверба. 

За што се залагаат Заев и Мицкоски

Во последните настапи на партиските лидери можат да се видат нијансите кој за што се залага. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за nezavisen.mk вели: „Рано е да се зборува за избори. Посветени сме целосно на борбата против пандемијата од корона вирусот и против последиците што таа ги остава врз здравството, врз економијата, образованието, социјалниот живот. Избори ќе се случат кога ќе ја победиме оваа криза и општеството ќе биде подготвено за тоа. Кога дошол тој момент ќе почувствуваме заедно со граѓаните и со стручните лица од здравствениот сектор.“ Заев не гледа потреба од лидерска средба и е оптимист за надминување на проблемите со Бугарија.

Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара итна лидерска средба кај претседателот на државата најавувајќи цел пакет мерки кои треба да се преземат за ублажување на кризата со тоа што не сакаше да презентира детали пред да се расправа за нив на лидерската средба, што е сосема разбирливо. Но содржината на пакетот остана тајна само еден ден.

ВМРО-ДПМНЕ веќе обелодени дека на претстојната лидерска средба, покрај за состојбата со здравствената заштита на населението и мерките за економската криза, кои, како што велат, се приоритет број еден во моментов, неопходно е да се разговара и усогласи заедничка стратегија, но и да се донесе  документ како одговор на условувањата на Бугарија. Воедно да се разговара и за поставување основи за заеднички усогласена надворешна политика, како и стратегија за национална безбедност. Тоа, според опозициската партија, би биле документи од долготраен карактер и ќе бидат обврзувачки за сите идни влади.

Нови стратегии за одбрана од Бугарија

Кога ќе се соопштат вакви теми за распрaва и усвојување на документи и нови стратегии за нацинална безбедност на лидерска средба за одбрана од Бугарија кај претседателот на државата во вонредна состојба, кога парламентот е распуштен, изгледа како да сме добиле од соседите објава на војна. Згора на тоа, кога ќе се стават на маса толкувањата на партиските правни експерти кои од веќе видените јавни настапи уставот го читаат и толкуваат по мерка на партиските лидери, тогаш однапред е познат исходот од таква лидерска средба.

Тоа може да биде само една јалова и тешка и дебата за националните интереси, најблаго кажано - без никаков конкретен резултат. Појасно кажано, тоа би бил дебакл кој веројатно е пресметан од предлагачите како силна популистичка придобивка, или како купување време на штета на државата.

Лесно  може да се случи да се врати како бумеранг отварањето на пакетот на Мицкоски уште пред лидерската средба. Форсирањето како најважна тема на ВМРО-ДПМНЕ изјавата на Бугарија за преговорите со ЕУ и нејзиното проблематизирање до степен на национална трагедија и крај на надежите за почеток на преговорите со ЕУ, како предавство на СДСМ поопасно и од вирусот и од економската криза, е јасна пропагндна порака. Огромното мнозинство граѓани ќе се увери дека сиот овој период на вонредна состојба нашата најзагрижувачка  реалност е фактот дека вистинската опасност за Македонија не е ни Бугарија, ни Грција, ни ЕУ, туку ВМРО-ДПМНЕ и неизвесноста до кога ќе трае корона вирусот и последиците по економијата, што е заеднички именител за сите држави во светот.

Тоа дефинитивно ќе означи дека само здравствените стручни луѓе, епидемиолозите  се тие кои ќе треба меродавно да соопштат кога опасноста е надмината и да им предложат на политичарите укинување на вонредната состојба. Тоа е можно само кога чекор по чекор ќе се нормализира состојбата, кога ќе почнат да одат децата на училиште, кога ќе се врати јавниот живот без ограничувања, кога ќе заживее економијата. Само тогаш може да се одржат изборите, што во овој момент е последно гајле на граѓаните. 

Други колумни од авторот:

Денот потоа, или враќање во иднината

Еден петел секогаш чини колку две кокошки

Сега или никогаш Европа

Зошто не е можен заеднички договор

Она што е неопходно и политичка закономерност во парламентарните демократии, не е можно во Македонија. Тоа е консензус, заеднички прифатлив договор, меѓу политичките партии, тргнувајќи од нивните позиции во Собранието за клучните општо познати и веќе прифатени стратегиски приоритети на државата и на граѓаните.

Ако имаат фер договор, можат тоа да го спроведат во парламентот како единствено место за такви одлуки. ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа фактот дека борбата против корона вирусот досега се води успешно, над очекувањата. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа дека економската криза е предизвикана од надворешен факто, како и во целиот свет. Христијан Мицкоски секојдневно предлага алиби мерки, дека нешто работи за надминување на кризата, кои се можни само на хартија. Не се прифаќа ни фактот дека преговорите со ЕУ нема да се одложат со Изјавата на Бугарија. Попрво преговорите можат да бидат одложени со заговарање на декларации и стратегии кои ги влошуваат односите меѓу двете земји, иако е потпишан Договор за добрососедство.

Само со мудра политика двете страни можат да дојдат до решенија какви што веќе заговараат јавни личности и политичари и во Бугарија и во Македонија. За ниедно од овие прашања не е можен консензус, ниту договор меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Консензус се постигна за членството во НАТО во моментот кога тоа стана реалност. Истото се случи и за одлуката да се воведе вонредна состојба кога се виде дека ѓаволот ја однел шегата и дека епидемијата е тука кај нас. Таков консензус ќе се постигне и кога ќе почнат преговорите со ЕУ и кога ВМРО-ДПМНЕ конечно ќе сфати дека не учествувал во реализацијата на ниту еден стратегиски приоритет на Македонија.

Консензусот пак ќе го прават странци?

ВМРО-ДПМНЕ, кога е на власт, не прифаќа никаков договор со опозицијата, а кога е во опозиција диктира услови како да е на власт. Затоа повиците за лидерски средби и консензуален договор се параван зад кој се води жестока предизборна кампања насочена кон домашните предавници и лошите комшии. Непречено тече кампањата на делби и омраза како да е нормална демократска придобивка во вонредна состојба. По се’ изгледа како последна надеж е консензусот да го прават пак странските (не)пријатели од меѓународната заедница.

Христијан Мицкоски е во право кога вели дека Македонија е во здравствена, образовна, економска и политичка криза. Само што не кажува, од разбирливи причини,колкав е уделот на пандемијата во здравствената, економската и образовната криза, бидејќи сите три дејности пред корона вирусот беа во евидентна нагорна линија на развој. Се разбира, не може да се очекува од еден опозициски лидер да каже колакв е неговиот придонес и на ВМРО-ДПМНЕ во политичката криза кога се форсира амбиент на делби, омраза и предавства  редовно позаразни од корона вирусот. Тоа ќе го кажат секако граѓаните на избори и ако ги прифатат и ако ги отфрлат аргументите на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, во зависност колку од нив ќе бидат инфицирани од новиот бран на лажен патриотизам.

Реклама