ЕУ подготвува санкции против македонски политичари и одземање на препораката | Северна Македонија | DW | 21.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ЕУ подготвува санкции против македонски политичари и одземање на препораката

Санкции за водечки политичари и одземање на препораката за почеток на преговорите со ЕУ. Тоа се следните чекори на ЕУ по откажувањето на преговорите во Виена, дознава Дојче веле од свои извори во Брисел.

Во Брисел сериозно се размислува за воведување санкции против водечки македонски политичари, потврдија за Дојче Веле извори во Европската Унија. Планот е подготвен и најверојатно постапката која ќе предвидува серија мерки против поединци, но и кон државата наскоро ќе влезе во процедура преку Европската Комисија.

ЕУ политичар кој инсистираше на анонимност попладнево за ДВ потврди дека откако претседателот Ѓорге Иванов прогласи амнестија и се откажаа разговорите во Виена, тоа е следниот чекор.

„Точно е. Се размислува за сериозни санкции. Прв чекор ќе биде одземањето на препораката за почеток на преговорите“, вели изворот.

Таквата можност, меѓу редови, беше најавена и во денешната заедничка изјава на комесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници кои посредуваа во македонската политичка криза, Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едуард Кукан.

„Во недостаток на натамошен напредок, сега сме принудени да размислуваме за натамошни чекори за исполнување на барањата кои беа поставени од Советот на ЕУ, Европската Комисија и Европскиот парламент“, се наведува во неа.

Минатата недела и „Вол Стрит Џрнал“ цитираше анонимен дипломат на ЕУ кој ја најави можноста за санкции.

Според изворот на Дојче веле, паралелно со одземањето на препораката, однапред ќе биде најавено дека нема да бидат признаени резултатите од изборите на 5 јуни.

Целни санкции против поединци

Последните чекори ќе бидат „целни санкции“ против одредени политичари.

„Таргетираните санкции против политичарите ќе вклучуваат и замрзнување на банкарски сметки и забрана за патување во ЕУ“, вели дипломатот.

Процедурата за мерките кон земјата и санкциите кон политичарите ќе се одвива преку Европската Комисија со консултации со државите членки на ЕУ.

Во Брисел ги отфрлаат стравувањата дека ваквите мерки само дополнително ќе ја влошат кризата и ќе ги радикализираат состојбите. Фактот што експремиерот Никола Груевски и неговите соработници ќе бидат дополнително притиснати до ѕид не може да ја влоши состојбата, затоа што таа и онака е драматична.

„Не воопшто не сме загрижени за тоа. Далеку повеќе сме загрижени дека се влошува состојбата и дека земјата оди кон поголема нестабилност. Не би размислувале за вакви мерки ако не сметавме дека се неопдхони. Многу е опасна состојбата“, вели политичарот на ЕУ кој инсистира на анонимност.

Реклама