Европа ги спаси парите, но го загуби образот | Свет | DW | 11.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Европа ги спаси парите, но го загуби образот

Вистински проблем за иднината на ЕУ е што членки како Полска, Унгарија и Бугарија, ќе продолжат да бидат нејзин дел и ќе ги кршат нејзините правила и вредности. Токму на тоа поле ЕУ стана соучесник. Пишува Ивор Мицковски

Ѓаволот се крие во деталите, а деталите се суштината: германското претседателство постигна договор за повеќегодишниот заеднички буџет и Пакетот за закрепнување, кои беа под ризик од вето на Полска и Унгарија, но новата норматива која бара буџетското финансирање да зависи од почитувањето на владеењето на правото во земјите членки – нема веднаш да стапи на сила.

Новиот механизам е буквално суспендиран, неговата апликација ќе зависи од проценка на Судот на правдата и од можноста за жалба до Европскиот совет на земјите против кои механизмот може да биде отпочнат. Во превод, според договорот, Унгарија и Полска барем уште една цела година ќе можат да земаат пари од ЕУ, додека во исто време го кршат владеењето на правото во своите земји, без кој било да може да ги спречи, или пак да им го блокира дотокот на пари.

Победи компромисот на Меркел, еден вид на „фаустовски“ договор со Полска и Унгарија, кој го преиначува договорот постигнат во Европскиот парламент, кој бараше и доби норматива која што ги врзуваше европските фондови за фундаменталните вредности на Унијата. На некој начин излегува дека Европскиот совет го прекрши правниот поредок на Европските договори со цел да ја спаси нормативата на ЕУ која се однесува на владеењето на правото. Европската комисија пак, како заштитник на Договорите на Европската унија, всушност се стави во позиција да ги игнорира договорите кои го поставуваат правниот поредок на Унијата, нејзината насока и нејзините институции.

Компромисот во суштина е повторна капитулација пред Орбан и Моравјецки. Уште еднаш, Унијата се потчинува пред авторитарното однесување и волја на овие две земји, правејќи му особена услуга на Орбан, кого го чекаат избори во 2022 година и кој ќе може слободно да продолжи со киднапирање на државата без мешање од страна на Брисел.

ЕУ со скршени коски

На овој начин, компромисот на Меркел ја спаси унијата на ЕУ, избегнувајќи го решението да се продолжи со буџетот и Пакетот за закрепнување меѓу 25 земји, наместо 27, и со тоа затворајќи ја опцијата за некакво заобиколување на Полска и Унгарија, па дури и во иднина за нивно парцијално или целосно исклучување од механизмите на Унијата. Настрана бугарското вето за Македонија, Меркел може да го прогласи за успешно германското претседателство, но останува прашањето: по која цена и со каков образ излегува Унијата од овој компромис и од бугарското вето?!

Унијата излегува со скршени коски од ваквиот компромис и од бугарското вето. И во двата случаи Унијата оди против, или ги погазува своите фундаментални принципи и вредности. Во случајот со Полска и Унгарија тоа го прави кршејќи ја или суспендирајќи ја сопствената норматива, газејќи ги сопствените демократски вредности. Во случајот на Македонија, иако ги почитува своите институционални и правни механизми, ЕУ ја продава својата душа, дозволувајќи земја членка да ги погази нејзините конститутивни демократски вредности и принципи за бедно да уценува и да се изживува врз земја кандидат на полето на историјата, јазикот и идентитетот.

Со остварување на овој срамен компромис Унијата всушност испрати порака дека популистичките, ксенофобните и националистички партии и Влади низ ЕУ, можат да прават што сакаат, а во исто време да заработуваат од придонесите на Германците, Холанѓаните и останатите, додека во исто време ќе плукаат во чинијата од која што јадат.

Двојна победа за Бојко

Ова се дополнително лоши вести за Македонија. Националистите во Софија излегуваат засилени од оваа ситуација. Поминуваат неказнето за ветото кое нанесува енормна штета на Унијата и регионот, како и на одредени земји членки, додека во исто време Бојко и Каракачанов во март идната година со полн паричник ќе одат на избори. Најлошата и најкриминална членка на Унијата, Бугарија, која денес едвај може да се третира дека ги исполнува демократските и правните критериуми на ЕУ, доби дополнително честење во висина од 1,5 милијарди евра. Се разбира, исплатата на средствата може да потрае и неколку месеци, бидејќи зависи од одлуките на националните парламенти. Но, Бојко на избори ќе излезе со двојна победа – со вето и со чек за мавтање пред народот.

Други колумни од авторот:

Македонија на крстопат

Бајден и Балканот

Вето за ЕУ и обединета Европа

Европа научи уште една горка лекција од овој компромис, а тоа е дека не може преку економски пат да се решаваат политичките конфликти. Двата тумори во Унијата, наместо да бидат отстранети, гледаме дека дополнително метастазираат и во таа насока треба да се интерпретира и однесувањето на Софија. Во тој поглед, разочарувањето од Германија е двојно. Прво, како земја која низ годините најмалку сакаше да се соочи со авторитарното однесување на Полска и Унгарија, а потоа и од Меркел како лидер кој се одлучи за суспензија наместо за исфрлање на партијата на Орбан од ЕПП. Познавајќи ја Меркел како исклучителен прагматик, истиот однос можеме да го препознаеме и во однос кон Борисов и ГЕРБ, кои беа заштитени од канцеларката во рамки на Европската народна партија.

Помеѓу принципите и конкретните економски интереси се избра последново: овој метод на решавање на моменталните кризи, во безброј наврати се покажа дека само ја влошува конечната состојба и криза која продолжува да се влошува и да станува се позаплеткана.

Хипокризија

Ако сме реални, ќе заклучиме дека вистинскиот проблем на Унијата не е откажувањето од принципите и вредностите, не е проблем ниту блокадата на проширувањето за малите и безначајни Македонија и Албанија. Проблем не е ниту дали Унијата утре ќе функционира со 25, 26 или 27 членки. Вистинскиот проблем за иднината на ЕУ е што членките како Полска, Унгарија и Бугарија, ќе продолжат да бидат дел од Унијата и отворено ќе ги кршат нејзините правила и вредности, ќе се изживуваат врз своите граѓани или своите соседи. Токму на тоа поле ЕУ стана соучесник во нивното однесување и уривање на европската обединетост и иднина.

Немам намера да изигрувам моралист или да продавам некаква наива, но важно е работите да ги гледаме реално и нарекуваме со нивното име. Оваа хипокризија ќе има своја цена. Историјата покажала и не' научила дека хипокризијата во умерена доза, всушност е кардинална цивилизациска придобивка. Единствено кога е правична, мудра и умерена, произведува компромис кој државите и човештвото ги спасува од конфликт и војна.

Но, како што и самите знаеме предобро и деновиве тоа го чувствуваме и на наш грб, постои и хипокризија која не дозволува помирување, напредок, ниту пак компромис. Бугарија, Полска, Унгарија, па и самата ЕУ, ја преминаа границата на разумот и достоинството, нанесувајќи огромна штета, разочарување и навреда на искрените европеисти. Тоа е рана која тешко ќе заздрави, и во ЕУ и надвор од неа.

Лулката на демократијата, Унијата, која својата мека моќ ја проектира преку почитување на демократските вредности и принципи, го изгуби образот.

Реклама