Груевски се заканува: конструктивноста заврши | Македонија | DW | 29.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски се заканува: конструктивноста заврши

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговори на обвиненијата од СЈО со став дека неговата партија е „нападната“ со цел да се уништи. СЈО е канцеларија на СДСМ, вели тој

Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски обвини дека неговата партија е нападната и прогонета во процес чија цел е партијата да се „уништи или замолкне“. Груевски излезе на прес-конференција откако Специјалното јавно обвинителство објави дека покренало обвиненија против голем број високи партиски, и поранешни државни функционери, од партијата на Груевски, меѓу нив и тој.

„ВМРО е нападната. Никогаш во историјата не се случило вакво гонење на политички противници, со цел партијата да се уништи или замолкне. Не постои историски пример за вакво нешто. СЈО не е обвинителство туку канцеларија на СДСМ“, рече Груевски.

Експремиерот тврди дека „политичката елиминација“ на неговата партија се должи на „поголеми цели кои му се потребни на оној кој го креираше овој процес“. „Кршење на ВМРО за слабеење на Македонија“, вели Груевски, додавајќи дека во тоа нема да успеат: „ние остануваме на бедемот на државата“.

Гревот на ВМРО-ДПМНЕ, рече понатаму Груевски, е што 11 години била „на браникот на одбраната на државата и на националните интереси“. „Што одолеавме на притисоци и закани поврзани со името на државата и идентитетот на народот. Што не прифаќавме штетни договори и платформи на туѓи држави“.

На крајот Груевски се закани дека неговата партија тоа нема да го дозволи.
„Ова нема така да помине. Ако мислат дека ВМРО ќе го преспие ова длабоко се лажат. Конструктивноста, која некои ја нарекуваа попустливост, во нашето делување завршува денес. Историјата ќе оценува и суди. Ние се плашиме само од судот на историјата“, рече Груевски.

DW.COM

Реклама