1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски е марионета за нечии поголеми игри

16 ноември 2018

Барањето азил во Унгарија од страна на осудениот поранешен премиер, не е само класично бегство од правдата, туку создавање марионета за нечии поголеми игри и цели, тврдат безбедносни извори.

https://p.dw.com/p/38MXq
Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Бегството на Груевски во Будимпешта е дел од поголема геополитичка игра со точно одредени цели, тврдат за ДВ безбедносни извори. Заради суптилноста на моментот, не споделуваат поконкретни сознанија за сценариото и за ефектите што ги очекуваат оние кои го помагале ваквиот развој на настаните.

Во однос на „техничкиот аспект“, засега има непотврдени сознанија дека договарањето на бегството на Груевски и упатствата како тоа да се изведе, биле пренесувани преку посредник од Македонија, кој за таа цел во изминатиот период патувал во престолнината на една соседна земја. Но, заради трка со времето, крајните упатства непосредно пред бегството, биле дадени во Скопје.

Повеќе: Груевски од Црна Гора продолжил во Србија

Ако се имаат предвид информациите што за ДВ ги соопштија извори од полицијата во Црна Гора, освен непознатиот начин на кој влегол во Абанија, Груевски практично немал никаков проблем да стигне до Будимпешта. Со дипломатско возило на унгарската амбасада и во придружба на нејзин дипломатски персонал бил префрлен од Албанија во Црна Гора, на истиот начин бил префрлен и во Србија, а потоа оттаму до Будимпешта. Три дипломатски возила на унгарски амбасади во три балкански земји биле ставени на располaгање за безбедно примопредавање на бегалецот во текот на целата операција.

Mazedoenien, Skopje: Nicola Gruevski und Viktor Orban
Никој нема бенефит од однесувањето на Орбан, освен Путин, критикуваат европските ЗелениФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Бенефит има само Путин

Ваквите сознанија дополнително ќе ја вжештат политичката температура во Будимпешта, која барањето на Груевски за азил го сведе на правно, а не политичко прашање. Но, ако се потврди инволвираноста на унгарските дипломати во целата оваа операција, прашањето најмалку ќе биде правно. Орбан ќе треба да одговара на повеќе прашања уште понепријатни за него, од оние кои досега му беа упатени. По бегството на Груевски во Унгарија, Европската партија на Зелените објави соопштение во кое го обвини Орбан дека сака да испровоцира конфликт.

„Премиерот Орбан е гениј кога станува збор за наоѓање нови начини да се травестира владеењето на правото. Неговиот последен 'успех' да прими политички криминалец од соседна Македонија како бегалец, е спротивно со антибегалските закони кои самиот ги воведе“, се вели во соопштението потпишано од потпретседателот Рајнхард Битикофер и Моника Фрасони.

Повеќе: Конечно еден бегалец кој е добредојден кај Орбан

Тие го осудија и портпаролот на Орбан за изјава во која го нарекол Зоран Заев „кукла на Сорос“.

Во соопштението Зелените силно го критикуваат „цинизмот и провокативниот однос кои можат да бидат толкувани само како обид да се создадат тензии на Балканот, и да се распалат конфликти со кои ЕУ и македонската Влада макотрпно се обидуваат да се справат на инклузивен, праведен и културен начин".

„Никој нема бенефит од извонредното однесување на господинот Орбан, освен рускиот претседател Путин кој е ужаснат од секој чекор кој го прави македонската нација кон вклучување во евроатлантската заедница. Русија се обиде директно да се вмеша во Македонија и Грција но безуспешно досега. Срамно е членка на политичката фамилија на ЕПП да игра во антиевропска екипа“, критикуваат тие.

Одговори чека и унгарската јавност. Адам Миркоцки од опозициската партија „Јобик“, кој е претседател на унгарскиот Советот за национална безбедност, веќе најави дека следната недела ќе се расправа за случајот на пребеганиот поранешен премиер.

„Нема сомнение дека ова прашање ќе биде на дневен ред. Прво и најважно прашање е како осудениот криминалец успеа да влезе во земјата“, изјави Миркоцки.

äsident Wladimir Putin und mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski Russland Mazedonien Sankt Petersburg
Заминување на Груевски од Унгарија за Русија е една од опциите кои не се исклучуваатФотографија: MIA

Дали стигнал со авион од Белград?

Во контекст на Груевски, во Будимпешта се шират шпекулации околу чуден лет на австриски приватен луксузен авион на релација Виена-Будимпешта-Белград и набрзо потоа Белград-Будимпешта. Тој мистериозен лет се случил еден ден по објавата на Груевски на Фејбук дека е во Будимпешта, што отвора сомнежи, кога тој вистински стигнал таму. 

Тие дилеми во интервју за РСЕ ги отвора унгарскиот новинар Габор Бодиш, кој смета дека правната ситуација со случајот Груевски е компликувана.

„Но, тоа лесно се решава овде во Унгарија. Ќе се донесе нов закон во рок од 24 часа, така што нема да има проблеми. Ќе има поголеми проблеми за Виктор Орбан како да објасни дека примил еден осуден премиер во земја членка на ЕУ и НАТО. Тоа ќе биде меѓународен проблем, но ќе видиме што ќе се случи“, вели новинарот.

Повеќе: Кој ќе одговара за бегството на Груевски?

Во контекст на епилогот тој прогнозира три варијанти: Едната е да се одбие барањето за азил на Груевски, но тој лично не верува во таа варијанта. Втората е да се му се даде азил, што се заканува со голем меѓународен скандал за Унгарија, и третата е - да го качат Груевски во авион за Москва.

Бодиш потенцира дека владата на Орбан е тесно поврзана со Путин, но и со една огромна инвестиција: со руски пари ќе се гради втор дел од нуклеарка во местото Пакш, со што Унгарија се смета за прилично задолжена кон Русија.