Гошев: С. Македонија е „shock apsorber“, три децении ништо не планира! | Северна Македонија | DW | 28.02.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Гошев: С. Македонија е „shock apsorber“, три децении ништо не планира!

На обичниот набљудувач му се чини дека лекот е да „лижеме од исто лажиче“, агресорот да го удри зрно совест, а демократските земји ем да го скротат, ем да ја совладаат инфлацијата, вели Гошев

Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги стави во специјална готовност силите за одвраќање на земјата, кое го вклучува и нивото на подготвеност на нуклеарниот арсенал, наиде на бројни реакции во светот. Одлуката тој ја образложи со „непријателските мерки со економска димензија што ги преземале западните држави“ против Русија, и со „агресивни изјави на водечки функционери на НАТО“.

Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин, смета дека таквата одлука е со најмалку три пропагандни цели.

„Прво, настојува да изврши притисок врз НАТО, ЕУ и Украина дека е во состојба да употреби и ограничени дејствија со нуклеарни боеви глави доколку украинското раководство не прифати преговори околу капитулацијата, односно доколку воените дејствија во Украина не се одвиваат како што било планирано, Второ, да им порача на НАТО и ЕУ дека не постојат граници на неговата воена радикализација, со оглед дека санкциите на Западот се од големо влијание врз бројни домени на Русија, и особено одлуката на ЕУ со оружје да ја помага и снабдува Украина, што е голем пресврт во досегашната доктрина на ЕУ по ова прашање. Трето, да го охрабри јавното мислење и армијата на Русија дека во никој случај Русија нема да претрпи неуспех“, оценува Ружин.

Светот станува сѐ помал

Но, и покрај неверувањето дека Русија би ризикувала да посегне по нуклеарно оружје, светот веќе стравува од  разорните последици  што ќе ги претрпи светската економија како последица на руската агресија во Украина.

„Овој напад врз Украина, не е само војна меѓу две држави, туку неизбежно ќе има огромни последици за светот, кој станува сѐ помал“, вели Петар Гошев, поранешен министер за финансии и поранешен гувернер на НБРМ.

Тој посочува дека размерите на економските штети  во овој момент никој не може да ги процени, бидејќи ќе зависат од острината на судирот, од неговото времетраење и од начинот на кој ќе одговори демократскиот свет. Ако не се изнуди друго сценарио, смета дека Европа како континент ќе биде најголемиот страдалник по директната жртва, Украина. Доколку војната продолжи, можни се нови пикови на цените на енергијата и храната и голема застрашеност на инвеститорите, како дополнително масло на огнот од непроценливите кусоци на виталните производи.

„Македонија, за жал, е само во позиција на ‘shock apsorber’, не само затоа што е мала држава и мала економија. Повеќе од три децении ништо не планира. Не ѝ се познати никакви политики именувани како ‘управување со макро-економски’ и други ризици. Термините ‘зависност-независност’, колку што е тоа можно во денешниот глобализиран свет, никогаш не биле на дневен ред, речиси во врска со ниту едно важно прашање и во ниту едно стратешко тело. Такви де факто не постојат во државата на партиските солдатески, освен во вид на некави имитации за дневни паради и замајување на неуката јавност“, вели Гошев.

Petar Gosev

Петар Гошев: Цените на храната исто така ќе добијат нов импулс за дополнителни височини

Укажува дека состојбата и сега е неповолна, бидејќи и пред руската агресија во Украина како последица од пандемијата светот во изминатите две години веќе загубил над 13 трилиони долари БДП. Директната штета врз БДП на Македонија во истиот период изнесува над 800 милиони евра, а имајќи ја предвид големината на нашиот БДП, тоа е голем износ. А токму во овој период, вели Гошев, јавноста е сведок какви проблеми претставуваат дефицитите што ги имаме во областа на енергијата и секторот храна, кои се главните канали за увоз на тековната инфлација.

„Оние што малку се разбираат од јавни финансии знаат колку неодговорно беше изарчен фискалниот простор за амортизирање на вакви и други евентуални шокови врз економијата и стандардот на граѓаните - особено од оние кои денес од опозициските клупи најмногу  врескаат за зголемени плати и пензии,  за субвенционирање на сѐ што мрда. На обичниот набљудувач, кој гледа како власта помогната во тоа од опозицијата, се ‘прпелка’, како се движи без компас, со што е, или, заедно со опозицијата се преокупирани, му се чини дека единствениот лек за состојбата е да ‘лижеме од исто лажиче’, да се молиме агресорот да го удри некое зрно совест, а големите демократски држави ем да го скротат разбеснетиот агресор, ем да успеат да ја совладаат инфлацијата, па преку погоре спомнатите канали и нас да не заплисне скротување на инфлацијата и какво такво враќање кон ‘нашата нормалност’. Се разбира, црново може да стане помалку црно, без оглед на критичната состојба, само ако проработат институтите одговорност и компетентност, кои за жал, одамна ги протеравме од нашиот простор“, вели поранешниот министер за финансии.

Можни цени без плафон

Каква е состојбата сега? Руската агресија во Украина следи по истоштувачка и сѐ уште незавршена пандемија, кога во битката за справување со неа најголемиот број држави во светот го зголемија јавниот долг, финансирајќи ги со задолжувања растечките дефицити наменети за спасување на што е можно повеќе работни места и обезбедување егзистенција на најранливите категории.

„Така и  С. Македонија го искачи својот јавен долг  на загрижувачките над 60 проценти од БДП, позајмувајќи главно од странство и од домашните банки. Големите централни банки со конвертибилни валути, отпечатија вонредно многу пари, зголемувајќи ги драматично своите биланси, колку да може да ја одбегнат рецесијата. За да се почувствува драматичноста на овој процес на ‘спасување’ од рецесија и глад, на пример, Федералните резерви на САД во период од февруари 2020 до крајот на 2021 година, паричната маса (најшироката категорија) ја зголемија за фантастични 6,5 трилиони долари. Поконкретно, овој двегодишен раст на паричната маса, емитиран од американските Федерални резерви, е еднаков на вкупниот раст од претходните десет години“, компарира поранешниот гувернер.

Kако последица од намалената понуда на производи и услуги поради пандемијата, како и борбата против рецесијата, светот се соочи со високи стапки на раст на инфлацијата, какви што во некои земји не се паметат во последните 40 години. Гошев укажува и дека цените на нафтата веќе се на највисоко ниво споредено со 2014 година, а доколку конфликот продолжи, висините може да бидат „без капак“.

„Истражувачите на Голдман (Њујорк Тајмс) пресметале дека 10 долари дополнителен пораст на цената на нафтата за еден барел би ја зголемило инфлацијата во САД за околу една петтина процентни поени и би влијаело на намалување на БДП за 0.1 процентен поен. Снабдувањето со гас, може да стане уште покритично зашто Европа купува од Русија скоро 40 проценти од нејзините потреби, а доколку продолжи руската испорака (се надевам - да) цените може да бидат зашеметувачки, со сите економски последици од тоа. Цените на храната исто така ќе добијат нов импулс за дополнителни височини. Русија е најголемиот извозник на пченица, а голем извозник е и Украина. Има земји, како Турција и Египет, кои увезуваат над 70 проценти од потребната пченица, а ние во С. Македонија и во најдобрите денови не сме обезбедувале повеќе од 50 проценти од домашно производство“, потсетува Гошев.