Германските избори и несигурната иднина на Европа | Информации и анализи за Германија | DW | 01.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германските избори и несигурната иднина на Европа

Меркел си заминува со наследство на „кризен канцелар“, политичар кој знаеше да ја одржи обединета Европа во време на сериозни светски кризи и трансформации. Од денес почнува времето на несигурност. Пишува Ивор Мицковски

Кога завршува една ера, почнува времето на несигурност. Веројатно и затоа германскиот електорат, кој демонстрираше голема демократска виталност и излезе во огромен број на парламентарните избори, одлучи простувањето со канцеларката Меркел да го изведе на тој начин што ќе гласа за кандидатот кој највеќе ѝ наликува.

Така што не е за чудење што токму гласачите на фрау Меркел повторно одлучуваа за победникот, иако тој не е најјасен, како што не може ни да биде во политичкиот спектар на Германија кој сѐ повеќе се фрагментира. Преку милион и триста илјади гласачи на ЦДУ, сирачињата на Меркел, преминаа кон СПД и гласаа за Шолц наместо за Лашет. 900 илјади други својот глас го дадоа за Зелените, 340 илјади на Либералите, дури 440 илјади дале глас за партии кои не го поминаа изборниот праг за Бундестагот. Најмалку 100 илјади гласачи на Меркел одлучија да останат дома.

Изборните резултати се поразувачки за сите големи партии. Ниедна партија не освои 30% од гласовите и идната владејачка коалиција најверојатно ќе мора да биде сојуз од барем три партии. Унијата со 24,1% од гласовите, освои 8,5% помалку од изборите во 2017-та година. Социјалдемократите со 25,7% се враќаат на сцената како прва партија, нешто што не се случило од 2002 година, но сепак освоија помалку гласови од очекуваното. Зелените стигнаа до 14,8%, многу под очекувањата од последните месеци, додека Либералите со 11,5% го подобрија за еден процент својот резултат од 2017-та, но го загубија третото место за сметка на амбиенталистите. АфД го влоши својот резултат од 10,3% за два процента во споредба со 2017-та, но надмина и преку 24% консензус во голем дел од поранешна ГДР. Левица ги преполови своите гласови од минатите избори и освои само 4,9%, едвај влегувајќи во Бундестагот со помош на трите освоени директни мандати.

Со вакви односи на силите формирањето влада ќе биде вистинска трка со препреки. Мртвата трка помеѓу СПД и ЦДУ не им дава ни на Шолц ни на Лашет јасен мандат за составување влада. Иако формално Шолц ќе има право прв да се обиде да формира коалиција, сепак, тоа нема да биде ниту лесно ниту ќе се случи брзо. Со овие изборни податоци, долго сонуваната опција за формирање влада со Зелените и Левица пропаѓа во вода. Дури и „коалицијата Семафор“ со Зелените и Либералите нема да биде лесна задача. Тоа му остава некаков маневарски простор на Лашет да се обиде со „коалицијата Јамајка“ заедно со Зелените и Либералите, каде последниве се понастроени за оваа опција, но за ЦДУ ќе биде тешко да испреговара заедничка платформа со Зелените. Од две причини: сѐ уште е отворена раната од пропаднатите преговори за оваа коалиција од 2017-та година, како и дека разочарувачкиот резултат на Зелените дефинитивно ќе отвори голема внатрешна криза во партијата. Останува опцијата за Голема Коалиција, овојпат предводена од СПД, нешто што делува како никој да не го посакува, но што останува како крајна гаранција, во случај ако се дојде до невозможност да се формира трипартиска коалиција.

Тоа значи дека преговорите и времињата за формирање нова влада ќе бидат долги и мачни и дека Меркел ќе мора да го одложи своето пензионирање за некој месец. Тоа не е никаква новина за германскиот политички систем, но овојпат ќе недостасува силната фигура на Меркел како гаранција за стабилност, не само за судбината на Германија, туку и за целата Европска Унија.

Кој ќе ги менаџира злите духови?

Од 2005-та година до денес многу етапи од европската интеграција, па и самото функционирање и носење на одлуки во рамки на Унијата, зависеа и зависат од одлуките и насоките на германската влада. Од темите поврзани со монетарната политика до оние фискалните, од институционалната рамнотежа до дефинирање на управувачките пракси во Унијата, па конечно до меѓународната позиција на Унијата во услови на сѐ покомплицирани односи со САД, Русија и Кина, зборот на Германците секогаш бил првиот и последниот во носењето одлуки и во исходот на секои преговори. Во последните две децении Германија беше гласот на умереноста и посредништвото во една Унија без јасен и дефиниран политички лидершип.

- претходни колумни од авторот:

Спорот околу подморниците ја извади на површина кризата помеѓу САД и ЕУ

Крај на ерата Меркел

Судбината на Европа и Западот по Авганистан

Едно од големите прашања е дали идната германска влада ќе биде во состојба да ја зачува и консолидира улогата која Германија ја изгради во економскиот, финансиски и политички контекст на Унијата. Ако новата влада зависи од Либералите, тогаш притисокот Германија, а со тоа и ЕУ, да се врати на фискалната и монетарна строгост и штедливост, повторно ќе се наметне. Враќањето на политиките од Мастрихт и суспендираниот Пакт за Стабилност би отвориле нова криза и нови поделби во рамки на Унијата, особено помеѓу таканаречените „штедливи“ земји и оние од југот на Европа. Би биле сведоци на една фискална и монетарна реставрација која би внела само дополнител хаос и недоразбирање во рамки на Еврозоната. Злите духови и злата крв, кои Меркел знаеше да ги менаџира или одложи, тогаш конечно би се материјализирале во една Европа која денес единствено ја држат парите и ништо повеќе.

Доколку нов канцелар биде социјалдемократот Шолц, тогаш тој ќе мора да одржува една мошне хетерогена коалиција. Германија ќе има проблем да владее самата со себе, а камоли со Европа, нешто што не значи дека и домашната и европската политика ќе станат тотално нефукционални, но дефинитивно ќе изгубат на динамика и на одлучност.

Германија е на двојна раскрсница

Клучното прашање е дали Германија ќе го задржи доминантниот статус во рамките на својата економска сфера на влијание која ги опфаќа и „строгите“ северни членки на Унијата, за да може да продолжи да ги смирува или намалува нивните штедливи економски политики и себични и краткогледи погледи кон интегративните процеси на Унијата. Од таа траекторија ќе зависи голем дел иднината на ЕУ, особено во овој момент, кога главниот соработник на Берлин, Париз, се наоѓа пред претседателски избори, чиј исход е далеку од сигурен.

Токму овој круг на политички избори, прво во Германија, а потоа и во Франција, има потенцијал драматично да влијае на иднината на Унијата, и тоа на секое поле. Во Унијата, каде државите членки масовно влијаат на секој одлучувачки процес, исчезнувањето на долгогодишните политичари како Меркел и евентуалниот пораз на Макрон, би го искомплицирал преговарачкиот и одлучувачки процес од кој зависат приоритетите во политичките насоки и одлуки на ЕУ. Европската Комисија теоретски би добила поголема автономија и преговарачка моќ, но во реалноста големи се шансите да остане изолирана и обезглавена, како што актуелната претседателка Фон дер Лајен денес е осамена и без политички спонзори.

Германија се наоѓа на двојна раскрсница. Мора да одлучи за својата позиција во рамките на Европа и светот, а со тоа да ја дефинира и позицијата на Европа. Прашањето е дали ќе остане во актуелната улога на „Голема Швајцарија“, користејќи ја ЕУ пред сѐ за своите економски интереси или пак ќе заземе дефинитивна лидерска позиција. Тоа прашање Меркел не сакаше или не успеа да го расчисти, а не може да кажеме дека и германското јавно мислење не ја следеше или насочуваше особено кон некаква одлука. Од овие избори излезе на виделина дека главното политичко прашање за Германците се амбиенталните и климатските проблеми. Тоа е убава и чесна позиција, но тоа не е позиција со која политички се влијае во светот или се гради некаква стратешка визија за континентот.

За волја на вистината, ниедна стратешка култура не се гради од денес за утре. Германија страда од американската потчинетост и незаинтересираност, додека во исто време не излегува од својата поствоена димензија како семипротекторат на Америка. Германија има сериозни партнерски и економски врски и со Русија и со Кина и е земјата која најмалку сака да учествува во ограничувањето на Пекинг. На тој начин Берлин го предизвикува гневот на Вашингтон, но и оној на екс-сателитите на Москва, кои сѐ повеќе се вртат кон Америка. Берлин би требало да знае, дека оној кој седи на два стола секогаш ја плаќа највисоката цена. Ако до вчера тоа беше тешко и за една Меркел, за која и да било идна влада ќе биде уште потешко, затоа што таа ќе биде и послаба и уште повеќе поделена во носењето на стратешки одлуки.

Меркел си заминува со наследство на „кризен канцелар“, политичар кој знаеше да ја одржи обединета Европа во време на сериозни светски кризи и трансформации. Проблемот е што кризите остануваат нерешени исто како и главните политички јазли кои ја испреплетуваат Европа. Од денес ќе биде само потешко да се дојде до некакво решение. Од денес почнува времето на несигурност.