1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Киев подготвен да разговара за „неутралноста“

СН/агенции
28 март 2022

По околу две недели мировни преговори во онлајн формат, делегациите од Украина и Русија сега сакаат повторно да остварат физичка средба. Киев планира темелно да ги разгледа руските барања за неутрален статус на Украина.

https://p.dw.com/p/4977t
Делегации од Русија и од Украина за време на преговарачката рунда во Белорусија на крахот на февруари
Делегации од Русија и од Украина за време на преговарачката рунда во Белорусија на крахот на февруариФотографија: Sergei Kholodilin/BELTA/AFP

Украина е подготвена да разговара за неутралноста и за ненуклеарениот статус на земјата ако добие безбедносни гаранции, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео-интервју за независни руски медиуми. 
„Безбедносни гаранции и неутралност, ненуклеарен статус на нашата држава. Подготвени сме да разговараме за тоа. Ова е многу важна точка“, рече Зеленски. 
Одлуката за неутрален статус на Украина би морала да има гаранции од трета страна и да биде потврдена на референдум, објасни тој. Меѓутоа, Зеленски додаде дека нема да седне на преговарачка маса со Русија ако се разговара за „демилитаризација“, некој вид „денацификација“. Тој рече и оти не сака компромис со Русија по прашањето за Донбас. Додаде дека прашањето за рускиот јазик една од темите на преговорите.
Договорот со Русија е можен само ако руските трупи се повлечат од Украина, рече Зеленски. Тој додаде оти руската инвазија предизвикала разорување на украинските градови во кои се зборува на руски јазик и дека штетата е полоша отколку за време на војните во Чеченија.
Зеленски наведе дека не го разбира предлогот за мировна комисија во Украина и оти не сака замрзнат кофликт. Додаде и оти се залага за размена на сите заробеници.
Зеленски за време на 90 минутното интервју за руските медиуми зборуваше на руски јазик, пренесува агенцијата Росјтерс и потсетува дека во меѓувреме рускиот регуглатор за масовни медиуми Роскомнадзор ги предупредил медиумите во Русија да не го објавуваат ова интервју.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на видео-интервјуто со независните руски медиуми
Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на видео-интервјуто со независните руски медиумиФотографија: Ukrainian Presidential Press Office/AP/dpa/picture alliance

Нова рунда преговори во Турција

По околу две недели мировни преговори во онлајн формат, делегациите од Украина и Русија би требало повторно да имаат физичка средба. Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и рускиот претседател, Владимир Путин, се договориле да ја организираат наредната рунда преговори меѓу делегациите на Русија и на Украина, соопштија од кабинетот на Ердоган по неговиот телефонски разговор со Путин.
Како што се наведува, претседателите на двете земји разговарале за најновиот развој на случувањата во руско-украинската војна и за преговарачкиот процес.
„Претседателот Ердоган и претседателот Путин се договорија да го организираат наредниот состанок меѓу руската и украинската делегација во Истанбул“, се додава во соопштението.


Ердоган истакнал дека Турција ќе продолжи да посредува да се воспостави мир меѓу Русија и Украина. „Ердоган ја нагласи неопходноста да се постигне примирје и мир меѓу Русија и Украина што е можно побрзо и да се подобри хуманитарната ситуација во регионот. Тој додаде дека Турција ќе продолжи да дава придонес во овој процес“, се наведува во соопштението.
Од делегациите на Русија и на Украина вчера беше најавено дека на почетокот на неделава ќе продолжат мировните преговори, а украинскиот преговарач рече оти ќе биде одржани во Турција.
Давид Арахамија, украински пратеник и член на преговарачкиот тим, на Фејсбук напиша дека наредната рунда разговори меѓу Украина и Русија „лице во лице“ ќе биде одржана во Турција од понеделник до среда.
Главниот руски преговарач, Владимир Медински, потврди оти страните се договориле да се сретнат, но наведе дека тоа ќе биде во вторник и во среда.