1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Канцеларот Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмајер
Канцеларот Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: Marcus Brandt/dpa/picture alliance
Конфликти

Удри по Германија!

Марко Милер
18 април 2022

Критиките на Германија земаат сѐ поголем замав. Најмногу доаѓаат од Украина, но и од други земји. Тоа најблаго речено не е фер, бидејќи Германија прави многу повеќе за Украина од која било друга земја, смета Марко Милер.

https://www.dw.com/mk/%D0%B2%D0%BE%D1%98%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B2%D0%BE-%D1%83%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%B8-%D0%BD%D0%B5%D0%BE%D0%BF%D1%80%D0%B0%D0%B2%D0%B4%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%BA%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B8%D0%BA%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BA%D0%BE%D0%BD-%D0%B3%D0%B5%D1%80%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0/a-61503487

Ред барања, ред навреди, ред барања, па повторно ред навреди – сè чини дека тоа е шемата која Украина ја користи во разговорите со Германија и кога зборува за Германија. Во ова на пример, сега спаѓа и одбивањето на Киев да го прими германскиот претседател Франк–Валтер Штајнмајер, откако Киев ја критикуваше неговата поранешна политика кон Русија, а тој си ги призна грешките.

Оваа шема е многу успешна. И германските медиуми „се фатија на орото“. Нема ден Берлин да не е исправен на столбот на срамот, нема ден некритичните новинари да не ги прашаат членовите на Владата зошто Германија конечно не се откаже од руската нафта и пред сѐ од рускиот гас, а најмногу поставуваното прашање е зошто Германија не и го испорача на Украина оружјето кое и го побара. Овој, во секој случај сосем непотребен спектакл, сè повеќе оди на нерви.

Германија помага како ретко која друга земја

Бидејќи, Германија е една од земјите кои пружа најголема помош за Украина. Како прво, од руската анексија на Крим во 2014 година Германија заедно со САД е најголемиот донатор во Украина. Второ, освен непосредните соседи, Германија е земја која сега прими најголем број украински бегалци. Трето, Германија е меѓу земјите кои и даваат најмногу финансиска помош на Украина за набавка на оружје.

Марко Милер, автор на коментарот
Марко Милер, автор на коментаротФотографија: Marco Müller/DW

Канцеларот Олаф Шолц тукушто најави и речиси две милијарда евра директна помош. При тоа апсолутно никој не го доведува во прашање тоа дека Германија мора да ја поддржи Украина во војната против Русија.

Повеќе: Војна во Украина: Германската надворешна политика на столб на срамот

Па дали е тогаш мудро кога владата во Киев постојано ја напаѓа германската влада и ја преплавува со нови остро упатени барања? Кога Германија ќе и испорача дел од бараното оружје реакцијата гласи – тоа е добро, ама мора повеќе да се испрати. Кога Германија со откажување од рускиот јаглен, нафта и гас најавува ни помалку ни повеќе промена на парадигмата тогаш се вели – тоа е убаво од вас, но тоа мора да се спроведе веднаш.

Промена од 180 степени! Недоволно?

Притоа намерно се заборава дека Германија во својата политика изврши пресврт од невидени размери. Гасоводот Северен тек 2 е завршен но не е пуштен во употреба. Германската војска за модернизација и опрема ќе добие на располагање дополнителни 100 милијарди евра само годинава – потфат кој Олаф Шолц го најави набрзо по рускиот напад врз Украина. Германија плаќа испорака на оружје во воена зона. Германската влада ги прекинува блиските врски со Русија, која е исклучително важна во секторот суровини. Министерот за економија од Зелените патува на Блискиот исток за таму да купи нафта и гас, и гласно размислува за продолжување на работата на атомските централи и термоелектраните на јаглен.

Сето ова се екстремни промени на курсот за исклучително кратко време. Кои други земји во Европа толку многу ја променија својата политика и пред сè по толку висока цена како Германија?

Првите украински бегалци пристигнаа во Германија

Жртвено јагне и за многу други ЕУ земји

Уште по иритирачки од безобразието на Киев е однесувањето на некои други европски земји. И тие самите не реагираат како што треба, но се затскриваат зад Германија па дури и со прстот вперуваат кон неа. Се чини дека се повеќе се работи за имиџот во јавноста.

Францускиот претседател Емануел Макрон во бројни телефонски разговори безуспешно се обидуваше да влијае врз рускиот претседател Владимир Путин. Патем тивко си го донесе во неговата земја фудбалското финале на Лигата на шампиони кое повторно требаше да се одржи во Русија. Но, кога станува збор за бегалците, Франција не се однесува вака решително.

Италија јавно и гласно изјави дека би можела веднаш да престане да увезува руски гас. Но всушност зад тоа се крие нешто друго – ако нема европско ембарго за гас, тогаш другите се виновни за тоа. Пред сè се мисли на Германија.

Полска јавно и без координација силно се залага за испорака на воени авиони на Украина, но само преку воената база на САД во Германија. Ако авионите не бидат испорачани, тоа секако ќе се смета за проблем на САД или Германија.

На Унгарија, барем во германската јавност, не и се префрла ништо поради нејзиниот проруски курс. Во Будимпешта радо си набавуваат руски гас, а ако треба го плаќаат и во рубљи.

Раздорот му помага само на еден

Може да се стекне впечатокот дека некои земји членки на ЕУ би биле доста среќни ако на Германија и тргне на лошо, и кога би изгубила дел од својата економска сила и благосостојба. Како по народната „да му цркне козата на комшијата“? Можеби.

Факт е дека за да функционира шемата на префрлање вина на другиот, поставување барања и нивно исполнување се потребни две страни – оној кој гласно бара, се лути и го вперува прстот и оној кој сето тоа го дозволува.

Сосем непотребен спектакл. На крајот од краиштата сите имаат иста цел – да се стави крај на руската војна во Украина. Тогаш зошто раздор? Тоа му помага само на еден човек – Путин. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Членството во Европската политичка заедница не е замена за членството на С.Македонија во ЕУ, во повеќе наврати беше нагласено во Брисел

Прашки самит, европска зима и македонски очекувања

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница