Војната во Украина и европската интеграција: нема брз колосек за Балканот | Европа | DW | 11.03.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Војната во Украина и европската интеграција: нема брз колосек за Балканот

Геополитичката ситуација предизвикана од војната во Украина може да донесе перспектива, но не и забрзан пат на земјите од Источното партнерство во ЕУ. А, ни земјите од Западен Балкан не треба да очекуваат брзо решение.

Frankreich Russland-Ukraine-Krieg EU-Gipfel Schloss Versailles

Самит на ЕУ во Версај. 10.03.2022

Воената агресија на Русија против Украина доведе до нова геополитичка реалност во Европа.Во исто време, Европската Унија беше принудена да одговори на вонредната ситуација со низа итни мерки, меѓу кои, за прв пат во својата историја, и воено да им помогне на страните во воениот конфликт. 

Токму во тој момент во Брисел пристигнаа барањата на Украина,  Молдавија и Грузија за членство. Земјите-членки веќе и дадоа инструкции на Европската комисија да подготви „мислења“ за пристигнатите кандидатури, а во Брисел велат дека очекуваат дополнителни инструкции од лидерите на ЕУ, кои од четвртокот се среќаваат во Париз, за ​​тоа како треба да изгледа процесот за земјите од Источно партнерство. 

Лидерите на ЕУ би можеле да и понудат на Украина различни форми на партнерство, вклучувајќи ги и перспективите за членство, но не и брз колосек или моментален прием“, се пораките од Брисел пред состанокот во Версај. Таквата порака, особено во однос на Украина, ја зацврсти и францускиот претседател Емануел Макрон со изјавата дека „ЕУ не може да преговара со земја што е во војна“.  

Перспектива за Украина, но не и забрзан процес

Деновиве од Европската Унија пристигнуваат едногласни пораки за разбирање и поддршка за ЕУ ​​аспирациите на народите на Украина, Грузија и Молдавија, но има и одредени разлики во ставовите кога станува збор за самиот процес на проширување.

Украина и припаѓа на Европската Унија, а блокот сака таа земја да се приклучи“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со поголема претпазливост оценува дека ЕУ веќе има силен договор за соработка со Киев, кој „може да се зајакне“. Иако вели дека Украина има јасна европска перспектива, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, оценува дека само „членството во моментов не е на дневен ред“. „Членството е нешто што треба да дојде во наредните години, а ние бараме одговор во наредните часови“, рече Борел. 

Ukraine Präsident Selenskyj unterzeichnet Antrag auf Mitgliedschaft in EU

Претседаелот Володимир Зеленски на 28 февруари го потпиша барањето за членство на Украина во ЕУ

Во Брисел посочуваат дека одлуките за проширување не се само прашање на геополитика или солидарност со Украина, туку и чувствително прашање на внатрешната организација на ЕУ, за која членките имаат различни ставови. 

Влијанието на војната во Украина врз европската интеграција

Нова политичка дебата во ЕУ за проширувањето се одвива во светло на војната во Украина и предупредувањата за можното „прелевање“ на разорното влијание на Русија врз соседите на Украина и Западен Балкан. Тука се и повиците од претставници на ЕУ да се зачува стабилноста на цела Европа со стратешко инвестирање во зачувување на мирот, односно со намалување на влијанието на Русија во непосредното соседство. Лидерите на Западен Балкан, како и Украина, Грузија и Молдавија, велат дека патот кон членството во ЕУ е патот кон стабилност, помирување и просперитет. 

Сепак, Центарот за европски политички студии (ЦЕПС) од Брисел оценува дека ЕУ „најверојатно ќе игра на добивање време“, преку процесот на изготвување на мислењето на Европската комисија, за да се види развојот на ситуацијата во Украина. Можните сценарија, според Мајкл Емерсон, аналитичар на ЦЕПС, се движат од продолжување на воените конфликти, преку примирје, поделба на Украина и повлекување на руските сили, до пораз на Русија или, „најмалку веројатно“, предавање на Украина и воспоставување на марионетски режим во Киев.

„Војната ќе го зголеми притисокот да се подобри процесот на приклучување на Балканот и тие идеи да ги направи релевантни за Украина, Молдавија и Грузија, како и за шесте земји од Западен Балкан. Може да има де факто спојување на процесите на Западен Балкан и Источна Европа, под претпоставка дека Украина ќе опстане“, вели Емерсон.

Тој, исто така, потсетува на отвореното писмо во кое 11 членки на ЕУ веќе ја поддржаа сегашната перспектива за пристап на Украина, како и на повикот на ЦЕПС до лидерите на европските институции „целосно да ги интегрираат Украина, Грузија и Молдавија во постоечките процедури за проширување“, коишто треба да бидат „изменетети и надградени и во интерес на Западен Балкан". 

Michael Emerson vom Zentrum für Europäische Politikstudien in Brüssel

Може да има де факто спојување на процесите на Западен Балкан и Источна Европа, под претпоставка дека Украина ќе опстане, вели Мајкл Емерсон.

Критериумите остануваат

Во Брисел, исто така, велат дека се свесни оти земјите-членки, поборници за приклучување на Западен Балкан, секако „ќе ја искористат новонастанатата ситуација“ и ќе побараат побрз пристап на западнобалканската шесторка.

-повеќе на темата: Проширување на ЕУ - дали сега сѐ ќе оди побрзо?

„Ова може да донесе нов поттик за пристапување на Западен Балкан, но земјите-членки кои инсистираат на исполнување на критериумите за влез во ЕУ ќе продолжат да го прават тоа, без оглед на новата геополитичка реалност“, заклучуваат во Брисел.

Премиерите на Словенија, Јанез Јанша и на Полска, Матеуш Моравјецки ги повикаа лидерите на ЕУ да подготват план според кој Украина, Грузија и Молдавија, но и земјите од Западен Балкан, ќе влезат во Европската Унија до 2030 година.

Европската комисија, која има извршна улога во процесот на проширување, вели дека ништо не е променето во пристапот на Унијата досега, но забележува и дека политичката волја на земјите-членки може да го промени патот кон членство во ЕУ - да се забрза или да се успори.