1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Востанието на Мицкоски може да почне

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
14 јуни 2022

Во прогласот до народот напишан по урнекот на Илинденското востание, Мицкоски како воскреснат Никола Карев повикува на ослободување на Македонија. Пишува Ерол Ризаов

https://www.dw.com/mk/%D0%B2%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B8%D1%86%D0%BA%D0%BE%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%BC%D0%BE%D0%B6%D0%B5-%D0%B4%D0%B0-%D0%BF%D0%BE%D1%87%D0%BD%D0%B5/a-62119062
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Голем вознес и наплив на силен патриотизам ме обли денес кога во поштенското сандаче го најдов срцепарателниот историски повик за кревање на востание и уривање на предавничката власт, потпишано лично од спасителот на Македонија -  Христијан Мицкоски.  Напишано по урнекот на Илинденското востание, Мицкоски како воскреснат Никола Карев повикува на  ослободување на Македонија.

Морници ме полазија кога прочитав: „Почитувани пријатели, драги браќа и сестри повикуваме на обединување, здружување на секоја индивидуа, машко и женско, христијани, муслимани, атеисти, Македонци, Албанци Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, ова е твоја битка за нашата Македонија, за твојата и за иднината на твоите деца. И кога каузата и влогот се големи, тоа значи дека нема да биде ниту брза, ниту лесна таа битка, но нашата цел е праведна и со сигурност можеме да кажеме дека ќе победиме заедно, силно за големи чекори напред, за иднината која е светла, напредна и која носи сигурност. Затоа ќе се излие таа енергија низ улиците, маалата, градовите и селата.

-Други колумни од авторот: МПЦ во мистиката на православието

Почетокот на крајот вели дека тргнуваме во рушење на владата која е именител на сите наши колективни порази и неуспеси. Стануваме на нозе, еден до друг заедно, против владата затоа што премногу е! Протест за промени. Заедно, здружено одлучно, за нашата Македонија. Почеток на крајот, 18 јуни 2022 во 20 часот пред владата на Република Македонија.“ 

Недостасува само смрт или слобода 

Во Илинденскиот проглас на крајот недостасува само: Смрт, или слобода.

Во вдахновеното писмо до народот за кревање востание, на кое може да позавиди и претседателот на Украина, Зеленски што не ги ставил тие пламени патриотски зборови во неговите повици против рускиот окупатор, наброени се сите зла, предавства и несреќи на оваа непријателска и предавничка антидржавна власт која пет години ја уништува, ја ограбува, ја осиромашува, ја уништува Македонија. Како никој досега, во целата историја на Македонија, оваа нелегитимна и антидржавна власт ги обезвреднува сите најголеми успеси од Илинден 1903 до АСНОМ 1944 и до независноста 1991 година, кои се постигнати благодарение само на ВМРО и единствениот наследник на револуционерната организација, ВМРО ДПМНЕ. 

Ова досега не го знаевме и не бевме го чуле ни за време на големиот реформатор Никола Груевски, но во прогласот е јасно кажано на кого треба да сме благодарни за историските заслуги што се уште имаме држава.

Nord-Mazedonien | Hristijan Mickoski wiedergewählter Präsident von VMRO-DPMNE
Христијан Мицкоски повикува на протест против властаФотографија: Petr Stojanovski/DW

И навистина премногу е, и од  Мицкоски кога е. Човек да земе пушка на рамо и да тргне во битките за слобода против ненародниот режим. Со голема надеж очекувам ноќта на 18 јуни, негде на полноќ, силно да светне ден кога големиот македонски деец Христијан Мицкоски на стотиците илјади граѓани ќе им обелодени како ќе ја спаси Македонија од страдањата кога ќе вјава на бел коњ во владиниот дворец. Таа историска ноќ на 18 јуни ќе се открие големата тајна за спасение на народот. 

Што поголема криза толку поголема изборна победа 

Се очекува Мицкоски да ги соопшти големите зафати за крај на организираниот криминал и големата корупција со доаѓање на власт на веќе осведочената чесна партија  ВМРО ДПМНЕ  која покажа како во своето досегашно владеење од 15 години ниту еднаш не бркна во џебовите на граѓаните, ниту еднаш не ја злоупотреби власта за лична корист на големите вмровски дејци, ниту една корупциска афера. 

Никогаш во Македонија немало поголема демократија и владеење на правото, поголема благосостојба и посреќен народ од годините на слобода и прогрес, кога ВМРО ДПМНЕ бил на власт. Тој минат труд во служба на народот, на голема одговорност и очетност, добро познати на граѓаните на Македонија, се најсилната гаранција дека не очекува светла иднина по промена на власта. И не само тоа. Туку многу повеќе. 

-Други колумни од авторот: Туморот што ги убива Бугарите и Македонците

Многу бргу по промените ќе запрат поскапувањата и ќе ја снема инфлацијата како со рака однесена. Платите ќе бидат според потребите на граѓаните во просек не помалку од 1000 евра. Носителите на предавствата со Грција и со Бугарија ќе бидат осудени како што предвидува законот за велепредавство, а предавничките договори со лошите комшии поништени. Ќе има нови праведни договори со соседите без никакви компромиси кои ќе ги заштитат националните интереси и идентитетски посебности. 

Преговорите со ЕУ ќе почнат веднаш по падот на власта, Македонија качена на брза пруга ќе стаса експресно до редовно членство во ЕУ, бидејќи тие државни  стратегиски цели сега се стопирани само поради неспособната власт.  

Добро, да не ги набројуваме сите големи успеси кои не очекуваат во блиската светла иднина и кои беа спречени за време на најуспешната влада на Македонија, која го достигна светскиот врв позната како ерата на груевизмот, која се проучува  на правните факултети и се актуелни во судската пракса и ден денешен. Тоа во овој момент се помалку значајни детаљи.

Засега доволно е да се знае само дека власта ќе се урива во долга војна со повеќе битки. Деталите како тие ќе се реализираат ќе ги каже Мицкоски на 18 јуни, се разбира, ако има потреба. Но, како стојат работите тоа воопшто нема да биде потребно бидејќи сега многу е поважно да се оддржува тензија до последниот удар на уривање на власта што ќе се случи кога тогаш. По неколку месеци, или по неколку години. Сеедно.

На ВМРО ДПМНЕ и на Мицкоски не им се брза многу и затоа, наместо брза победа, најавуваат долга истоштувачка  војна. Што поголема криза во државата, толку поголема победа на ВМРО ДПМНЕ. Злобниците измислуваат дека кога Александар Николоски го прашал Христијан Мицкоски што ќе правиме прво во ваква ситуација ако утре ја освоиме власта, одговорот бил многу краток. Не дај Боже.   

                                                

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница