1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кројачницата на Мицкоски за брзи избори

22 февруари 2022

Ако Мицкоски не сака да му се упропасти премиерскиот костум, треба да го има предвид советот на кројачот, главниот мајстор: три пати мери, еднаш сечи. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/47O8K
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Последното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се објаснува зошто се потребни предвремени  парламентарни избори, конечно ги расчисти сите дилеми за неопходноста за брза промена на власта. Тоа е единствениот ефикасен начин да се спречи премиерот Димитар Ковачевски да краде. Кога ќе дојдат на власт ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, предводени од новиот премиер Христијан Мицкоски, во Македонија ќе престане крадењето, организираниот криминал и високата корупција. Ако не верувате во ова и ако мислите дека се работи за новинарска патка, веројатно не сте го прочитале ова „историско“ обраќање до јавноста на револуционерната партија за македонско национално единство. 

Еве го клучниот цитат за мотивите зошто итно треба да се оди на предвремени избори, како што вчера обнароди ВМРО-ДПМНЕ: „Kовачевски бега од избори за да продолжи да краде милиони во енергетската криза. Тој не прифаќа лидерска средба затоа што сака да продолжи да краде. Ковачевски бега од избори, затоа што тој не сака решение на кризата, тој сака да ги краде парите на граѓаните преку големи набавки, кои ги правда под превезот криза. Ковачевски само го интересира неговата политичка кариера и профит“. 

Навистина, после ова човек останува без зборови. Многу револуцинерно од прекиот суд на најчесната и најпатриотска партија, која во своето 15-годишно владеење во независна Македонија на дело покажа невиден морал, државничко лидерски капацитет и чесност каква што досега не е забележана во поновата историја на Македонија.

Посебно импресионира политичката, комуникациската и општата висока култура во ова соопштение и се разбира големата грижа за парите на граѓаните и заштитата на државната каса. Кога го прочитав ова, ми излета од уста: Аман уште утре нека дојдат на власт и нека ја спасат Македонија од ограбувачите и згора на тоа од предавниците на националните и државните интереси! Тие тоа веќе го правеа многу успешно долги години. Зошто пак да не се повтори?   Време е пак да се вратиме на големите достигнувања, кога бевме светски прваци во економските, политичките и демократските реформи какви што никогаш досега не сме имале и кога за секој денар од буџетот се водело строга контрола да не заврши во приватни џепови, а лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, како премиери, биле олицетворение на чесност и транспарентност. Вистински државници.

Ала турка, или ала франга? 

Затоа треба да му се верува на Христијан Мицкоски кога ни вели да бидеме трпеливи, бидејќи планот за брзи избори веќе е во кројачницата на шивачот: „Нормално дека имаме план, јас сум сериозен човек и секогаш во животот ги правам работите со план. Ќе ги искористиме сите институционални и вонинституционални методи и алатки за што побрзо да се распишат предвремените избори.“ Притоа, ако Мицкоски не сака да му се упропасти премиерскиот костум, треба да го има предвид советот на кројачот, главниот мајстор: три пати мери, еднаш сечи. Оти кога ножиците се побрзи од точните мерки, може да се згреши, па костумот да му биде претесен дотаму да не може да го облече.

Сериозен партиски лидер би земал „штоф“ наместо со тек, со дупла широчина, па би го распослал на голема маса пред кројачите одговорни за иднината на Македонија, ставајќи ги прецизно сите мерки за да биде потаман новото руво. Прво би го избрал моделот, каков костум сака - класичен за четири сезони, старомоден „ала турка“, или современ „ала франга". На пример, мерките за пандемијата, за економската и енергетската криза, преговорите со Бугарија и почетокот на преговорите со ЕУ. Има тука и многу други детали кои не се гледаат на прв поглед, но се многу значајни за солиден впечаток на сериозен човек кој сака да ја крои иднината на државата. Вака набрзина, прво избори, па сѐ друго, откако ќе ја преземеме власта ќе му ја мислиме, има опасност како неодамна со парламентарното мнозинство кое се кроеше во истата кројачница, каде и ракавите и ногавиците излегоа многу покуси. 

Ако не сте светска велесила учете од другите 

Со вонинституционално делување, што ќе рече со протести и блокади, и да се издејствуваат предвремени избори, и во тој случај ако само промената на власта е излезното решение, тоа ќе биде како патоказ кој означува погрешен правец и неизвесност за главните стратегиски државни определби.

- повеќе од авторот: Единство бараат оние кои ги сеат поделбите и омразата

Затоа, ако внимателно се следат јавните настапи на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски нема повеќе ветувања дека ќе биде поништен договорот со Бугарија за доброседство и дека ќе биде направен подобар, како што беше ветувано и за Преспанскиот договор. Освен критики за справување со пандемијата, нема предлози за нови мерки, има само додворување на антиваксерите. Нема ништо конкретно и за енергетската криза, оти енергетичарот проф. Мицкоски знае дека тоа што е испуштено во период од 40 години, со неизградба на ниту еден голем енергетски капацитет, не може да се надомести со избори, или со еден мандат на власта. Нема ни волшебни формули за надминување на економската криза, освен нереална „издашност“ за зголемување на платите, која некаде оди и до 90 отсто. За почеток на преговорите со ЕУ веќе не се ни зборува, бидејќи тие нема да се случат, според проценките на евроскептиците од ВМРО-ДПМНЕ сѐ додека тие не дојдат на власт. Членството во НАТО е банална тема, кое се случи само по себе заради предавството со промена на уставното име на државата и од кое според воено партиските стратези нема никакво фајде. 

- повеќе од авторот: Лажната дилема редовни или предвремени избори

Со ваква стратегија планот од кројачницата на Мицкоски, наместо брзи предвремени избори,  може лесно да открие дека нема доволно „штоф“ ни за елече. Ако некој не знае каде да оди, ниту еден ветер не е поволен. Избори само со мотиви да се дојде на власт, без одговор за главните прашања со кои се соочува Македонија, е драгоцено, напразно изгубено време. Нема друго решение освен да се седне на заедничка маса и да се постигне согласност за клучните државни интереси. Тоа е тоа единство на кое сите се повикуваат, ама различно го разбираат. Само заедничките ставови и мудроста на одговорни политичари може да го означи излезот од политичката и економската криза. Уметноста на компромисот е највисокиот дострел во политиката ако не сте светска велесила. Такви примери има повеќе во светот. Треба малку и да се учи од другите кои го поминале тој пат.