ЕУ сака построго да го ограничи извозот на вакцини | Свет | DW | 25.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ сака построго да го ограничи извозот на вакцини

Европската комисија пред сѐ има една земја во визирот: Велика Британија. Извозот во земјите во развој и неразвиените земји е дозволен, но речиси и да не се случува.

Фабриките на најголемите производители на вакцини во Европската унија работат со полна пареа. Од ЕУ се извезуваат вакцини во целиот свет. Откако Европската комисија во јануари воведе надзор на извозот, одобрени се 380 барања за извоз. Само една испорака за Австралија од Италија е задржана. Дополнително на наведените, се извезуваат и вакцини во рамки на заедничкиот „Ковакс“ систем на Обединетите нации. За испораките за 92 сиромашни земји кои се дел од „Ковакс“ системот, како земји од Источна Европа, Африка, Латинска Америка или Азија, кои досега беа во занемарливи количества, не треба посебно одобрение од ЕУ. Од фабриките низ ЕУ досега се испорачани 43 милиони дози во 32 земји.

Нема забрана за извоз

„Засега не може да се зборува за забрана за извоз,“ вели еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес. Но, на Комисијата ѝ паднало в очи дека Велика Британија добила 10 од овие 43 милиони дози, и покрај фактот што во земјата веќе се произведуваат голем дел вакцини на британско-шведската фармацевтска компанија АстраЗенека. Ова не е пропорционално, смета претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бидејќи Велика Британија веќе има обезбедено дози за речиси половина од населението. Во останатите ЕУ земји оваа квота е околу десет до дванаесет проценти. Според ЕУ-дипломати, Велика Британија склучила многу поволни договори со АстраЗенека со клаузула „Велика Британија прва“, со која си обезбедиле приоритетни испораки. Поради ова речиси е невозможен извозот во ЕУ на вакцини произведени во Велика Британија, и затоа нема реципроцитет во испораките, се жалат од Комисијата.

Infografik COVID-19 EU-Impfstoff-Export nach Zielland EN

Главни дестинации на вакцините за извоз од ЕУ

Реципроцитет и пропорционалност

Токму овие два критериума - „пропорционалност“ и “реципроцитет“-  ЕУ ги воведе како дополнителни критериуми за одобрување на извозот на вакцини. „Соодветно на тоа денес решивме да направиме две промени во механизмот. Тие се неопходни, за да се обезбеди краткорочен и побрз пристап до вакцините за граѓаните на ЕУ,“ изјави во Брисел потпретседателот на Комисијата, Валдис Домбровски. ЕУ е единствениот регион од индустриски развиените земји кој воопшто извезува вакцини. Промената на механизмот со други зборови значи дека оној којшто нема да извезува, веќе нема ни да добива. И оние кои имаат поголема стапка на вакцинирани, или пак понизок број на заразени од ЕУ, исто така ќе останат со празни раце.

Повеќе: 

Меркел: „Се гледа светлина на крајот од тунелот“

Македонцки работи: Кој за Врање, кој за Ниш

Вакцинација: БиХ - друго име за фијаско

Британците во фокусот

Со тоа веројатно ќе биде многу отежнат извозот за Велика Британија. Еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес, ги отфрли острите критики од поранешната членка на ЕУ за „забраната за извоз”. „Се работи за пандемија. Не се работи за тоа да казниме земја, кога ние сме најголемите поддржувачи за глобална солидарност. Ние само смисливме инструмент кој ни овоможува поголемо влијание." САД не експортираат вакцини во Европа, туку од пред неколку денови почнаа да извезуваат во Канада и Мексико. Од ЕУ исто така не се извезуваат вакцини во САД. Дипломат од ЕУ вели дека тука има реципроцитет рамен на нула.

Главен виновник е пред сѐ фирмата АстраЗенека, која многу заостанува со количествата кои ги вети за ЕУ, додека пак за Велика Британија испорачува приоритетно. Во Италија беа откриени 29 милиони дози вакцини во магацин на АстраЗенека. Дали биле наменети за извоз, не се знае. Од германски владини кругови се слуша дека при можна распределба на пронајдените вакцини би можела да се подобри и состојбата во Германија.

Brüssel | Stella Kyriakides in der Pressekonferenz zu EU und AstraZeneca

Еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес вели: Ние само смисливме инструмент кој ни овоможува поголемо влијание

Посиромашни земји не се засегнати

Ограничувањата за извоз нема да важат за сиромашни држави во источните делови на Европа, на Западен Балкан, Африка, многу земји од Латинска Америка и големи делови од Азија, појасни еврокомесарот Валдис Домбровски. „Извозот во сиромашни држави или држави со средни примања, извоз за КОВАКС механизмот, прекуокеански извоз за предели на ЕУ, остануваат без исклучок дозволени." Но, обемот на таквиот извоз досега е многу мал. Според податоци на ОН, сите 92 земји, кои според Ковакс имаат право на вакцини, досега добиле вкупно 31 милиони дози. До мај треба да бидат испорачани уште 130 милиони дози.

Дипломати на ЕУ од Брисел јасно кажуваат дека прво мора да биде вакцинирано населението во Европа бидејќи не може на граѓаните да им се објасни дека вакцините се произведуваат во Европа, а потоа се извезуваат додека пандемијата во ЕУ зема замав. „Европа презема секакви чекори за да дејствува фер и одговорно во согласност со нашата водечка улога во светот од почетокот на пандемјата. ЕУ останува најголем извозник на вакцини.

Гледај видео 02:57

Цела година во комплетна изолација

Ние сме најголем донатор во глобалната кампања за вакцинација КОВАКС", изјави еврокомесарот Домбровски. Но, Европејците, исто како и Американците и другите индустриски држави, ќе станат великодушни донатори дури откако ќе го вакцинираат сопственото население.

Нерамномерност и во ЕУ

ЕУ досега има нарачано 2,6 милијарди дози вакцини од шест различни производители. Дури во вториот квартал се очекува зголемување на извозот кое реално ќе се почувствува. Најмногу дози во однос на населението во Европа, според податоци на ОН, добила Малта со 33 проценти, а најмалку Бугарија - за шест проценти од населението. Германија има за 13 проценти од граѓаните и се наоѓа во средината. На самитот на претседатели на држави или влади на ЕУ треба да се разгледа прашањето зошто и распределбата во рамки на ЕУ е толку нерамномерна.