1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинација: БиХ - друго име за фијаско

Драган Максимовиќ
24 март 2021

Расте бесот во БиХ поради бавната вакцинација. Група граѓани дури поднесе и кривична пријава против државниот врв поради ненабавка на вакцини. Но денеска има и позитивни вести: Кина обезбедила 50.000 вакцини за земјата.

https://p.dw.com/p/3r3HQ
Coronavirus Bosnien | Impfkampagne
Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

„Првата испорака на вакцини од 100.000 дози ја очекуваме во текот на наредната недела“, рече пред седум дена премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, објаснувајќи дека се работи за вакцини од рускиот произведувач Спутинк V, а чија цена изнесува 14,3 евра по доза.

Тоа требаше да биде само првиот контингент од вкупно 500.000 вакцини, колку што е наведено во договорот со дистрибутерот Медимпех од Вогошче, но медиумите во БиХ пренесуваат дека на полноќ истекол рокот до кој руската страна требало да го потпише договорот.

Тоа сѐ уште не се случило, а од федералната влада сѐ уште немаат ниту потврдено ниту демантирано дека рокот навистина истекол, и оти од оваа набавка на вакцини нема ништо. Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, вели, има информации за тоа.

Bosnien und Herzegowina Banjaluka, Serbische Republik Impfung Sputnik V
Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

Помош од Србија

„Нема ништо од руските 500.000 вакцини за ФБиХ“, рече Додик, додека во Стара Пазова во Србија ја примаше новата донација респиратори и заштитни маски за Република Српска (РС). „Не нарачале. Нема никаков договор, ниту нешто се случува на тој план. Јас би сакал да е така, но не е. Ние (РС) потпишавме порано договор со рускиот произведувач, но поради некои проблеми во производството, дојде до застој. Досега добивме 40.000 вакцини, а неделава ќе добиеме уште 40.000. Успеавме да ги вакцинираме сите здравствени работници, сега ќе ја вакцинираме популацијата од 65 години“, изјави Додик.

Повеќе:

-Просјачки контингент на вакцини за БиХ

-Гестот на „псевдосолидарност“ на Вучиќ во Сараево

-Коронавирус вакцини: ЕУ повторно го остави Балканот на цедило

Меѓутоа, досега од РС во Србија се вакцинираа 15.000 лица и тоа е веројатно показател за способноста на функционирањето на кризниот менаџмент во БиХ. Сѐ повеќе граѓани кои се пријавуваат за вакцинација во Србија, а во последно време и населението од Федерацијата, бараат можности да се пријават во оваа земја, која досега вакцинираше 2 милиони жители.

„Се пријавив во Сремска Митровица, бидејќи ми е најблизу да одам. Добив потврда дека мојата пријава е примена. Прво не мислев да се пријавам, но откако се вакцинираше мојот кум пред неколку дена, се пријавив и јас. Тој ме наговори. Којзнае тука кога ќе дојдеме на ред“, вели Александар од Бања Лука.

Здравствениот систем пред пукање

Пред малку повеќе од еден месец е најавен почеток на процесот за имунизација во РС и навистина поголемиот број од здравствените работници се вакцинирани, но факт е и дека со капацитетот од 40.000 вакцини, не може да се направи многу. Поради тоа, властите на овој ентитет го „развлекуваат“ процесот на вакцинирање, за да се направи привид дека имунизацијата трае, бидејќи со останатото количество вакцини имунизацијата може да заврши за неколку дена. А бројките се повторно големи. Болничките капацитети се пред пукање, здравствените работници ги молат граѓаните да се придржуваат до мерките, бидејќи доколку продолжи растот на заразени, нема да можат веќе да примаат пациенти. „Ја запревме оперативната програма и работата на амбулантите. Тоа значи дека сите пациенти кои имаат потреба за контрола, кои имаат потреба да одат на прегледи, да ги продолжат своите терапии, не можат да одат на лекар“, вели Славица Зељковиќ, лекар во ковид одделението во Универзитетскиот клинички центар во Бања Лука.

Само во текот на 24 часа, во БиХ починаа 67 лица, а над 1.700 се заразени. Поради новиот бран, ФБиХ воведе полициски час на територијата на целиот ентитет, од 21 до 5 часот. „Дозволено е собирање на не повеќе од 20 лица во затворен и на отворен простор. Сите собирања мораат да се одвиваат во простор кој овозможува задолжителна физичка дистанца од најмалку 2 метра. Седумдневната инциденција на ниво на ФБиХ е 301 на 100.000 жители, а највисока е во Босанско-подринскиот, Сараевскиот и во Западнохерцеговскиот кантон“, соопштија од владата, која овие мерки ги донесе на период од 14 дена.

Вакцините во бројки

Еден месец откако минатата година беше откриен вирусот во БиХ, кризниот менаџмент во двата ентитета беше неуспешен, иако дотогаш добиваше позитивни оценки, дури и од критичарите на власта. Меѓутоа, по воведувањето на полицискиот час минатата година сѐ тргна наопаку. Од набавката на респиратори, поради што се води постапка против премиерот на ФБиХ, Фадил Новалиќ, и луѓето на врвот на иституциите кои ги носеа одлуките, преку купување на теренска болница во РС, па сѐ до набавката на вакцини која го потврди фијаското во кој било облик на координација.

Во БиХ досега влегле околу 50.000 вакцини, но со директен договор и купување само РС успеа да обезбеди 40.000, додека остатокот се донации од Србија. Словенија вети 4.8000 вакцини како донација, но оваа дистрибуција ќе реализира преку Ковакс механизмот. За турската донација на 30.000 вакцини, кои се договорени пред неколку дена на состанокот во Турција, засега ништо не се знае. Од вакцината на Фајзер деновиве треба да стигнат 23.400 дози, најави Министерството за надворешни работи на БиХ. Поради тешката ситуација, во набавката на вакцини во БиХ се вклучија и претприемачи.

Сопствениците на над 200 приватни фирми покажаа интерес за учество во купување на вакцини за своите работници.„Во меѓувреме се јавија многу фирми, но за жал немаме финални инструкции како да го реализираме тоа. Се надеваме дека нешто ќе решиме наскоро“, вели Аднан Смаилбеговиќ, претседател на Здружението на работавачи на ФБиХ, кој додава дека доколку се остварат контакти, во процесот на набавка не би се заобиколила владата на Федерацијата.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Кривична пријава за неработење

Дел од населението веќе не можеше да чека, па преку неформална група граѓани, тие поднесоа кривична пријава против Зоран Тегелтија - претседател на Советот на министри на БиХ, Анкица Гудељевиќ - министер за цивилни работи, Фадил Новалиќ, премиер на Федерацијата, и Вјекослав Мандиќ, министер за здравство. Во пријавата се наведува дека „постои основа за сомневање дека во периодот од 18 септември 2020 година до 18 март 2021 година, свесни за своите законски обврски, тие не ги извршиле своите службени должности во врска со обезбедувањето и директната набавка на вакцините потребни за имунизација на населението “, наведува д-р Бакир Накаш, кој ја поднесе пријавата во име на околу триесетина граѓани.

„Нивната злоупотреба на службената должност има за последица неконтролирано ширење на заразна болест, смрт на голем број луѓе, ускратување на правото на здравствена заштита на осигурениците за здравствено осигурување и колапс на здравствениот систем во Босна и Херцеговина“, се вели, меѓу другото, во пријавата.