Брисел и Вашингтон бараат реформи од идната македонска влада | Македонија | DW | 13.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Брисел и Вашингтон бараат реформи од идната македонска влада

Во одделни изјави ЕУ и САД ги поздравија мирните избори во Македонија, но побараа итно исполнување на реформските приоритети.

ЕУ и САД сметаат дека изборите се прв чекор кон излез од кризата, а на тој пат клучно е исполнувањето на реформските приоритети од Извештајот на Прибе.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан во заедничка изјава порачуваат дека „изборите и нудат на земјата клучна можност за обнова на демократски и конструктивен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза и обединување зад заедничка цел на евро-атланските интеграции“.

Во Брисел очекуваат политичките партии во Македонија да делуваат на инклузивен начин преку „активна парламентарна опозиција и динамично граѓанско општество“.

Новата влада, велат Могерини и Хан, треба да спроведе реформи со кои ќе се зајакне владеењето на правото.

„Владата и опозицијата треба да продолжат со спроведување на претходните политички договори во целост, вклучително и поддршка за работата на канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство“.

Во сличен тон и официјален Вашингтон оценува дека изборите биле важен прв чекор кон излез од кризата.

„Ги охрабруваме партиите кои ќе ја формираат новата влада да работат конструктивно со опозицијата и да ги спроведат реформите што би го интензивирале процесот на евро-атлантска интеграција, особено во поглед на владеењето на правото“, изјави портпаролот на Стејт Департментот Џон Кирби.

 

DW.COM

Реклама