Балканската турнеја на Урсула фон дер Лајен - само убави ветувања? | Информации и анализи за Балкан | DW | 01.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Балканската турнеја на Урсула фон дер Лајен - само убави ветувања?

Шест земји кандидати во три дена: Посетата на Западен Балкан на Урсула фон дер Лајен беше подготовка за претстојниот самит во Словенија, каде ќе се разговара и за визите.

Пораката на Урсула фон дер Лајен насекаде беше иста: однесувајте се добро едни кон други, вложувајте и натаму напори, бидете трпеливи: „Ве сакаме во Европската унија. Јас лично се залагам за тоа.“

Трпение, ве молам!

Охрабувачки зборови се потребни, зашто  пристапниот процес  се развлекува со години, иако, на пример, Албанија и Северна Македонија уште од 2019 година имаат во џебот согласност од Брисел за почеток на пристапните преговори.

Претседателот на Албанија, Еди Рама го сумираше разочарувањето од бавноста на процесот на овој начин: „Се чувствуваме како на свадба, каде невестата е накитена, ама гостите не се поканети.“

Албанија, според Рама, се чувствува како заложник на кавгата меѓу Бугарија и Северна Македонија. Бугарија го блокираше почетокот на пристапните преговори на Скопје, тврдејќи дека Северна Македонија го загрозува бугарскиот идентитет и јазик. Бројни земји во ЕУ немаат разбирање за овој спор. Германската влада во јуни официјално побара од Бугарија конечно да го повлече своето вето. Урсула фон дер Лајен во Северна Македонија и во Албанија го повтори она што го пишува во сите извештаи од Брисел: „Ги исполнија сите услови и го одработија својот дел од работата“, изјави таа во Скопје и во Тирана.

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев го рече она што многу политичари од ЕУ го повторуваат со години – станува збор за  веродостојноста на ЕУ, таа мора конечно да ги исполни своите ветувања. Урсула фон дер Лајен се обиде со насмевка да ја ублажи критиката, меѓутоа, не понуди конкретен рецепт за омекнување на бугарскиот став.

Nord-Mazedonien Skopje | Ursula von der Leyen und Zoran Zaev

Урсула фон дер Лајен и Зоран Заев во Скопје

Таа на сите станици на својата турнеја порадо ги истакнуваше финансиските средства кои ЕУ ги става на располагање на земјите од Западен Бакан за обнова по пандемијата. По еднократната помош за вакцинирање, како стратешка инвестиција во регионот во следните неколку години стигнуваат 30 милијарди евра.

Привремено решение на судирот меѓу Приштина и Белград

Турнејата на Урсула фон дер Лајен почна во знакот на конфликтот меѓу Србија и Косово за заемно признавање на регистaрските автомобилски таблички, тоа доведе до пораст на напнатоста и ѕвечкање со оружје.

Додека претседателката на Европската комисија беше во Приштина и Ниш, преговарачите од косовска и српска страна бараа решение во Брисел. Преговорите вродија со плод, барем е пронајдено привремено решение, а преговорите ќе продолжат.

„Од животна важност е Србија и Косово да ги нормализираат своите односи. Многу сум загрижена поради актуелниот судир, мора да уследи деескалација“, им рече претседателката на ЕК на косовскиот премиер Албин Курти во Приштина и на српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград. Во принцип, тие се сложија, но не кажаа кога и дали и како ќе попуштат.

Основниот проблем, непризнавање на Косово како држава, а тоа е став на Белград и неколку земји од ЕУ, остана нерешен. Белград, но и Атина и Мадрид на пример, го гледаат Косово како српска сеператистичка покраина. Членови на ЕУ можат да станат само суверени држави. Значи, проблемот чека да биде решен.

Во Приштина, на прашање на еден новинар, Урсула фон дер Лајен рече дека Косово и натаму треба да стреми кон членство во ЕУ како „кон сон“.

„Има смисла, нужно е и прекрасно да се имаат соништа“, рече таа, додавајќи дека на самитот на Брдо кај Крањ следната недела мора да се вложат напори за да се воспостави солидна база на доверба и пријателство:

„Балканот припаѓа кон нас. Тоа е сон на чие остварување се исплаќа да се работи“, но притоа не наведе конкретни чекори.

Поголема меѓусебна соработка

Во Србија, Урслула фон дер Лајен го пофали тамошниот напредок. Со претседателот Александар Вучиќ потпиша договор за изградба на железничка линија, која еден ден би требало да ги поврзува Салцбург и Солун. ЕУ го финансира градењето на пругата на два колосека и нејзина електрификација. 

Вучиќ се заблагодаруваше нагласено, а Урсула фон дер Лајен постојано повторуваше дека на Србија местото ѝ е во ЕУ. Вучиќ посебно се заблагодари за помошта во изградбата на „Автопатот на пријателство“ меѓу Ниш и Приштина. Тој нагласи дека е потребна деескалација на конфликтот со Косово.

Serbien Belgrad | Ursula von der Leyen und Aleksandar Vucic

Урсула фон дер Лајен и Александар Вучиќ - потребна е деескалација во спорот со Косово

Урсула фон дер Лајен го повтори апелот упатен кон шефовите на држави и влади на шесте балкански земји да ја подобрат својата соработка и тоа пред пристапувањето кон ЕУ и пред почетокот на преговори. Економска соработка, отстранување на царински бариери и гранични контроли за граѓаните на три земји веќе сега се можни. Србија, Албанија и Северна Македонија тоа го договорија во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, каде би требало да се приклучат и БиХ, Црна Гора и Косово.  

Визите под прашалник?

Претседателката на ЕК не ја спомена, барем не јавно, резервираноста која кон пристапните преговори ја има не само Бугарија, туку и некои други земји членки. Франција и Холандија и натаму имаат критики на сметка на Албанија, холандскиот парламент ги укина формалните пречки, но техничката влада се колеба.

Некои земји од ЕУ, меѓу кои и Германија, во интерни советувања го доведоа во прашање безвизниот режим со балканските земји, со образложение дека од нив стигнуваат премногу баратели на политички азил и дека нивните земји на потекло не се спремни без проблеми да ги преземат своите депортирани државјни.

Германија побара од Европската комисија да размисли околу примена на клаузула која би овозможила привремено суспендирање на безвизниот режим. За тоа известуваше бриселскиот сајт „ЕУ Обсервер“, а за темата ќе се разговара на самитот во Словенија.