1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Хрватската летна бајка во сенка на фудбалскиот скандал

Среќко Матиќ
7 јули 2018

Хрватска е во четвртфиналето на СП во Русија и целата земја слави еуфорично. Сите проблеми одеднаш се во сенка, меѓу нив и аферите околу ѕвездите на репрезентацијата. Да се критикува едноставно не е патриотски.

https://p.dw.com/p/30vcq
Fußball WM 2018 Kroatien vs Dänemark Fans
Фотографија: picture-alliance/Pixsell/I. Kralj

Тоа не беше за луѓе со слаби нерви: тајниот фаворит Хрватска ги победи Данците, но дури по изведувањето пенали. Одлучувачкиот гол го постигна ѕвездата на „Барса“ - Иван Ракитиќ и целата земја ја зафати еуфорија од радост.

„Цела Хрватска експлодираше од среќа“, напиша еден дневен весник. Голови како балсам за душата на еден народ, кој последните месеци повеќе песимистички отколку отпимистички гледаше кон својата иднина.

На економијата ѝ оди слабо, младите луѓе масовно се иселуваат, државното раководство е раскарано, владее заситеност од политика. Благодарение на СП во Русија конечно има причина за традост. Повторно се станува некој во светскиот фудбал. Конечно повторно може да се биде горд на својата земја.

„Во Хрватска, но и во останатите држави од поранешна Југославија, спортските успеси се неделив дел од националниот хабитус. Спортот игра централна улога за националниот идентитет“, вели Дарио Брентин од Центарот за Југоисточноевропски студии на Универзитетот Грац.

Fußball WM 2018 Kroatien vs Dänemark Sieg Jubel
Конечно во фокусот повторно е спортот, а не криминалните дејанија на моќните фудбалски босовиФотографија: Reuters/C. Barria

За Брентин тоа и не е изненадувачки „ако се има предвид за што во регионот може да се биде навистина горд во меѓународна споредба“. А, тоа е - малку. Освен спортот одвај дека има друг аспект во општествата во земјите од екс Југославија со кој може да се биде меѓународно конкурентен.

„Најдобрата спортска нација на светот“

Во фудбалот, тенисот, ракометот или ватерполото Хрватите или Србите со години постигнуваат натпросечни успеси. Хрватска, со само 4 милиони жители, е „најдобрата спортска нација на светот“, оцени неодамна весникот „Билд“.

Причините за ваквата констатација меѓутоа се нејасни. Не може да е до систематска поддршка на спортот, зашто такво нешто одвај дека постои.

Kroatien, Zagreb: Zdravko Mamic bei einer Pressekonferenz im Maksimir Stadium
Здравко Мамиќ е осуден на 6,5, години затворФотографија: picture-alliance/P. Glebov

Еуфоријата е добра за чувството на заедништво, но има и друга, темна страна. Сепак, најдоцна кога тензиите во завршните минути од осминафиналето против Данците го достигнаа својот врв, навивачите ги заборавија сите скандали кои предизвикуваа лошо расположение пред Светското првенство.

Одеднаш го заборавија и спектакуларниот „Случај Здравко Мамиќ“, кој одамна го преокупира фудбалот во Хрватска. Конечно во фокусот се најде спортот, парадите на голманот Даниел Субашиќ, а не криминалните дејанија на моќните фудбалски босови.

Тотална амнезија на фановите

Мамиќ на почетокот на јуни беше осуден од првостепен суд на казна затвор од 6,5 години. Виновен е што заедно со други лица проневерил над 15 милиони евра од трансфери на играчи и дека затаил данок во висина од 1,6 милиони евра.

Во случајот Мамиќ се вмешани и Лука Модриќ, капитенот на Хрватска и централна фигура на СП, како и Дејан Ловрен. Двајцата заминаа да играат во странство за многу пари. Хрватскиот суд е уверен дека Мамиќ лично профитирал од трансферите.

Две други постапки сѐ уште претстојат - се работи за измама, проневера и перење пари. Модриќ и Ловрен се појавија на првиот судски процес против Мамиќ. На Модриќ сега му се префрла лажно сведочење, а се води истрага и против Ловрен. На ѕвездите од Реал Мадрид и Ливерпул им се закануваат затворски казни.

World Cup - Round of 16 - Croatia vs Denmark
Лука Модриќ и Дејан Ловрен во прегратка по победата над ДанскаФотографија: Reuters/C. Barria

Во Русија, Хрватите се постојано конфронтирани со аферата. Странскиот печат „копа“, поставува непријатни прашања. А дома? Колку повеќе напредуваат „огнените“, толку најголемиот број медиуми стануваат сѐ потивки.

Од фудбал опиена нација

Од фудбал опиената нација ги зема во заштита обвинетите, зашто ништо не би смеело да ја загрози историската мисија. На критичарите дури им се префрла дека не се патриоти, нагласува Брентин за ДВ:

„Немам чувство дека замолкнале сите критички гласови, но навистина изгледа како националната хистерија да преовлада. Спортските успеси едноставно подобро се продаваат во времиња на успешна СП-кампања.“

Од тоа профитираат и туристичките агенции и банките. Побарувачката по пакет-аранжмани за четвртфиналето против Русија е огромна. Сите слободни места се веќе пополнети, велат од агенцијата Елите Травел. Тоа не е евтино задоволство. Патување до Сочи чини околу 750 евра по лице, отприлика колку просечната плата во Хрватска.

Посиромашните фанови се задолжуваат за да можат во живо да ги следат натпреварите. Сбербанк во Загреб бележи огромен скок на побарувачката по краткорочни кредити - за цели 30% во споредба со истиот период лани. „Повеќето муштерии не наведуваат за што им се потребни пари, но некои експлицитно ни кажуваат дека сакаат да патуваат за Русија, на натпревар“, потврдува Тихана Мамиќ од Сбербанк.

Драмата со пеналите од Нижни Новгород повторно ги врза хрватскиот народ и тимот толку многу како што не биле поврзани одамна. Се будат сеќавања на „златната генерација од 1998-ма“, кога Хрватска го освои третото место на СП во Франција.

Russland WM 2018 Argentinien gegen Kroatien  | Derweil in Zagreb
Хрватска е опиена од фудбал (фото: славје во Загреб по натпреварот со Аргентина)Фотографија: Reuters/A. Bronic

Претседателката како главна „чирлидерка“

Политиката знае да го искористи актуелното расположение. Претседателката се инсценира како главна „чирлидерка“ на трибините, ги посети играчите во соблекувалната по натпреварот против Данска - исто како Ангела Меркел на СП во 2014-та во Бразил.

Во сенката на СП во земјата секојдневно се носат важни одлуки, закони, спорни проекти, како реформата на пензискиот фонд. Само што речиси никој не се интересира за тоа.

Хрватите живеат за моментот. Претстои натпреварот против Русија. Големата цел е на дофат. Еднаш да се биде светски првак, тоа би било нешто!

Светското фудбалско првенство во моментов го покрива сето она што не функционира. Меѓутоа, кога најдоцна на средината од јули ќе заврши целиот спектакл и кога Хрватите ќе се разбудат од фудбалскиот сон, можеби ќе се зачудат колку многу се променила земјата за само неколку недели. Можеби.