Франција, СЦГ и Шведска се пласираа за СП 2006
13 октомври 2005Во синоќешните последни квалификациони средби Франција го победи Кипар со 4 спрема 0, Србија и Црна Гора забележа победа над Босна и Херцеговина со 1 спрема 0, додека Шведска го победи Исланд со 3 спрема 1. Хрватска и Полска како екипи со најдобар биланс од сите второпласирани исто така обезбедија директно учество на првенството. Чешка, Турција, Шпанија, Словачка, Швајцарија и Норвешка во претстојните плеј-оф средби, што ќе се одиграат кон средината на ноември, ќе се борат за преостанатите три визи од европската зона за учество на светското првенство.
Македонија квалификациите ги заврши со забележителен резултат: на гостувањето кај победникот во групата Холандија одигра нерешено 0 спрема 0. Така во овие квалификации македонија остана непоразена од холандија, бидејќи нерешен беше и резултатот од дуелот во Скопје.
Германската репрезентација ветуваше дека во пријателскиот натпревар против Кина во Хамбург ќе се рехабилитира за слабата претстава и поразот од Турција, но тоа и’ успеа само делумно: Германија ја победи Кина со 1 спрема нула, со голот што од оправдано досуден пенал го реализира Торстен Фрингс во 51-та минута. Само 20 минути репрезентацијата прикажа игра каква што се очекува. Во другиот дел кинеските фудбалери со дисциплинирана, главно дефанзивна игра рамноправно се спротивставија, а создадоа и две зрели шанси во финишот на првото полувреме.
Селекторот Јирген Клинсман овој пат беше многу поблаг во оцената, отколку по средбата против Турција: “Екипата вложи многу, многу напори. Значи, имаше ангажман, имаше волја, но недостасуваше финалната решителност да се каже – сега ќе ја протуркаме топката преку гол-линијата, се’ едно на кој начин“.
Зоран Јордановски