Празник за новото време
9 ноември 2009Денес, на 20 годишнината од паѓањето на Берлинскиот ѕид, престолнината е град на радост, сеќавање и благодарност. Берлинчани и државниот врв се домаќини на илјадници обични граѓани, но и на првата политичка гарнитура од светот: францускиот претседател Никола Саркози, рускиот претседател Дмитри Медведев, британскиот премиер Гордон Браун, шефот на американската дипломатија Хилари Клинтон и првите луѓе на сите држави од Унијата.
Ѕидовите не ги решаваат проблемите
Денот за државниот врз започна со црковна служба на која пред сојузниот претседател Хорст Келер, првиот човек на Бундестагот Норберт Ламерт, канцеларката Ангела Меркел, надбискуспот Роберт Цолич им се заблагодари на сите Германци што обединувањето го спроведоа без насилство и капка крв потсетувајќи дека случувањата од 9 ноември 1989, и не помалку на страшниот погром од 9 ноември од 1938, покажуваат дека ѕидовите, оние реалните или во мислите и срцата на луѓето, не ги решаваат проблемите туку напротив ги создаваат.
Канцеларката Ангела Меркел, која пред две децении живееше во источниот дел од престолнината, утринава на германската телевизија говореше за значењето на мирната револуција за Германија и Европа осврнувајќи се на се уште различните услови на живот на Истокот и Западот коментирајќи дека „германското обединување целосно не е завршено!“
„О
вој свет нема да биде мирен и убав без глобалната соработка и одговорност. Новите искуства врзани за климата говорат дека Европа и Америка ваквите глобални проблеми самите не може да ги решат. Паѓањето на ѕидот, и крајот на студената војна отворија нови погледи. Се покажа дека желбата на секоја единка за слобода може многу да направи, и тоа не само во политиката, туку и во науката, зашто денес ни‘ е потребно општество кое живее, дише и размислува”, истакна Меркел денес напладне и пред научниците на Конференцијата на Ајнштајн- Фондацијата за „Паѓањето на ѕидовите на новото време“.На местото на историјата
Меркел денес заедно со Михаел Горбачов и Лех Валес беше на мостот на Борнхомер Штрасе, каде и самата пред 20 години мина од Источен во Западен Берлин. Сепак, покрај бројните настани со политички тон, без сомнение, денес најголема атракција е 1,5 километри долгиот ѕид од над 1.000 стиропор-коцки. Шарените домино коцки се распослани на оригиналната траса на некогашниот Ѕид од Потсдамер плац, преку Бранденбуршката порта до зградата на Рајхстагот. Идејата за овој проект е на Култур Проект Берлин. Секоја од коцките тежи по 20 килограми и ги насликаа 500 одделенија од Берлин-Бранденбург и исто толку од Германија.
Врв на вечерта е токму уривањето на ваквиот симбиоличен ѕид. Првата коцка пред Рајхстагот треба да ја урне Лех Валеса, а дваесеттина минути подоцна од Потсдамер Плац претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и на Европскиот парламент Јержи Буцек. Од обете страни на Бранденбуршката порта, ќе се одвива голема народна веселба, проследена со политички обраќања, музика и огномет.
И на крај, празникот нема да е празник доколку нема одличја. Годинава, наградата за придонес за германското и европското обединување и Книга со седум печати им е доделена на четворица заслужни граѓани, меѓу кои е и поранешниот шеф на германската дипмоматијата Ханс Дитрих Геншер.
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска