1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Mauerfall

9 ноември 2009

9 ноември 1989 година е навистина среќен ден во германската историја, којшто заслужува дури да стане национален празник.

https://p.dw.com/p/KRPb
Кој го отвори ѕидот? Источногермански војници гледаат на другата странаФотографија: AP

Ова е ден на слики што предизвикуваат силни емоции, ден на трогателни изјави, секако и ден исполнет со патос. Но, 9 ноември е, пред се’, најсреќен ден во поновата германска и европска историја. И тоа не само затоа што го означи крајот на неправедниот систем во поранешната ГДР и со тоа повторно ја спои земјата што беше поделена 40 години. Деветти ноември 1989 е исто така денот на кој со децении заговараните вредности на единство, слобода и владеење на правото конечно им станаа достапни на сите. Тоа е денот на кој отворениот општествен систем можеше да ужива во триумфот.

Револуција одоздола

Притоа и цели 20 години подоцна мора да потсетиме на фактот дека заслугата за големиот пресврт не му припаѓа на Западот, ниту пак на политичарите, туку на граѓаните на ГДР, кои во тажните улици на нивната забарикадирана држава не бараа ништо друго, туку она што е нивно природно право. Тоа што повеќенеделните мирни демонстрации го урнаа ѕидот од бетон и бодликав тел е потврда на вредностите врз кои се темели демократијата. На тоа треба да се сетат сите ониe, кои денес се жалат на постигнатото во процесот на германското повторно обединување, кои тагуваат поради наводниот економски колапс на истокот од земјата и кои го користат демократското право како избирачи за да им го дадат гласот на партии, кои кокетираат со враќање на социјалистичкиот експеримент.

Bildgalerie Deutschland Mauerfall Jahrestag
Децениски гнев: граѓанин на ГДР удира по Ѕидот со голем чеканФотографија: AP

Светски пресврт

Секако дека не беше се’ идеално во изминативе 20 години од процесот на обединување. Некои избрзани ветувања не можеа да бидат реализирани. И шок-терапијата со која социјалното пазарно стопанисување беше воведено во застарената економија на ГДР, секако, за многумина на почетокот не беше ништо друго освен болно доживување. Сепак, немаше алтернатива за таквиот развој, бидејќи низ мирната револуција во ГДР не се смени само таа држава, туку и целиот светски поредок.

На 9 ноември заврши една меѓуепоха во историјата што траеше цели 44 години. Наспроти опасноста што произлегуваше за светот од конфликтот меѓу источниот и западниот блок, тоа сепак беше ера на удобности. Денес светот е многу покомплициран, понепрегледен и понејасен од кога и да е порано - за тоа е заслужно паѓањето на Ѕидот. Но, тагувањето по старите добри времиња не е само историска глупост, туку и навреда за сите оние кои се ангажираа 9 ноември да стане можен.

Bildgalerie Deutschland Mauerfall Jahrestag
На Бранденбуршката порта се обедини цела ЕвропаФотографија: AP

Национален празник

Дваесет години подоцна, сигурно е прерано за сите во Германија да имаат единствен поглед на овие бурни историски настани. Можеби поради тоа на сите свечености, коментари и документации им недостасуваат често две решавачки карактеристики: радоста и гордоста за тој драматичен, неповторлив историски миг, во кој луѓето од Западот и Истокот се гушкаа со солзи во очите од трогнатост и неверување дека такво нешто големо се случило. Овој 9 ноември, кој не’ снајде така неочекувано, ни‘ покажува до ден денес дека може да се распадне секој систем на потчинување, се’ едно колку е совршено замислен и се’ едно каде се наоѓа, дали во Куба, во Иран или во Северна Кореја. Затоа овој ден не е среќен само за Германија и затоа би било важен политички и историски сигнал за целиот свет кога би го прогласиле за национален празник на Германците.

Авторна коментарот: Марк Кох

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска