1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското обединување не е завршено

9 ноември 2009

Повторното обединување на Германија не е завршен процес. Направивме многу, но се’ уште има разлики и мораме да сториме уште доста за да создадеме еднакви услови за живот - порача германската канцеларка Ангела Меркел.

https://p.dw.com/p/KRFP
Бранденбуршката порта стана симбол на повторното обединување на ГерманијаФотографија: AP

Запрашана дали е остварено ветувањето на нејзиниот политички ментор и канцелар на обединувањето, Хелмут Кол, дека и на истокот ќе има „расцутени предели“, канцеларката Ангела Меркел одговори: „Секако дека имаме голем број расцутени предели. Ако се сетите на загадувањето на човековата околина во поранешната Германска Демократска Република, на пример во регионот на индустрискиот град Битерфелд, тогаш ќе сфатите дека има многу расцутени предели. Поради подобрувањето на животните услови, денес имаме речиси еднакво долг животен век на граѓаните во источните, како и во западните покраини. Тоа, меѓутоа, не значи дека е се’ изедначено. Во источните покраини имаме речиси двојно поголема стапка на невработеност. Затоа многумина велат дека имаме уште работа за да создадеме еднакви животни услови во источните и во западните покраини.“

Останува Пактот за солидарност

Канцеларката посочи дека за таа цел постои т.н. Пакт за солидарност со источните покраини, како фонд во кој уплаќаат средства граѓаните од обата дела на земјата. Исто така, владата води сметка за посебните услови на пазарот на работна сила во источните покраини, за прилагодување на научните истражувања на тамошните услови итн. Во секој случај јас не го сметам германското обединување за завршен процес, оцени канцеларката Ангела Меркел.

Bildgalerie Deutschland Mauerfall Jahrestag
Што остана од тогашната солидарност? Западни Германци им подаваат рака на „браќата“ од Истокот да се прекачат преку омразениот Берлински ѕидФотографија: AP

На прашањето што ќе им порача на оние од западните покраини, кои се чувствуваат запоставени поради долгогодишното инвестирање во инфраструктурата на источните, Меркел одговори дека не смее да се создава противречност и заемно исклучување на инвестициите во новите покраини од истокот, наспроти потребата за постојана обнова на оние од западот. Мораме да овозможиме нови инвестиции во сите делови на земјата, но тоа не значи дека смееме да ги заборавиме структуралните разлики и да престанеме да работиме на нивното надминување - секако ако сакаме да создадеме еднакви услови за живот во цела Германија.

Лично доживување

Што се однесува, пак, до самиот ден кога падна Берлинскиот ѕид пред точно 20 години, Меркел во интервјуто за првата програма на германската телевизија изјави: „Јас насетував нешто, бидејќи ги слушнав зборовите на господинот Шабовски на телевизијата, пришто имаше индиции дека нешто може да се случи. Потоа бев во сауна и по неа се упатив кон преминот на Борнхолмерштрасе и таму останав без зборови и бев среќна. Тоа беа двете чувства што ме обземаа таа вечер.“

Автор: Вернер Зоне / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска