Нова мировна иницијатива за Блискиот исток
17 ноември 2006Првиот чекор би била нова мировна конференција за Блискиот исток на која ќе учествуваат сите страни во конфликтот. Идејата ја објавија шпанскиот премиер Хозе Луис Родригез Запатеро и францускиот претседател Жак Ширак. По вчерашната средба во шпанското градче Герона, Запатеро изјави:
„Шпанија и Франција одлучија повеќе да не посматраме само немо и заедно со Италија и ЕУ активно да соработуваме, за со меѓународни напори да го поттикнеме мирот во регионот. Мир на Блискиот исток, мир меѓу Израел и Палестина, значи мир и во меѓународни рамки“, изјави Запатеро.
Се надоврза и францускиот претседател Ширак:
„Целосно ја поддржуваме оваа иницијатива. Ќе спроведеме заедничка акција со која ќе се обидеме да ги поттикнеме итно потребните политички, но и морални реформи на Блискиот Исток“.
Запатеро додаде дека претходно овој предлог го поддржал и италијанскиот премиер Романо Проди, како и евродипломатот Хавиер Солана. Сега се чека тоа да го сторат и Германија и Велика Британија.
По мировната конференција во појасот Газа би се испратиле и меѓународни набљудувачи. Со новата мировна инцијатива треба да се дојде до крај на насилствата меѓу Израелците и Палестинците, а цел е и креирање на нова палестинска влада на национално единство и размена на затвореници меѓу двете страни.