На 5-от натпреварувачки ден втор златен и уште еден бронзен медал за германските олимпијци
18 август 2004Германските претставници во коњичкиот спорт секогаш се меѓу фаворитите на олимпијадите - и во Атина на стартот ја оправдаа таквата улога. Во екипниот натпревар во повеќебој Бетина Хој, Ингрид Климке, Франк Остхолт, Андреас Дибовски и Хинрих Ромајке ги оставија зад себе претставниците на Франција и на Велика Британија. Тоа е одвај трет златен медал за Германија во оваа дисциплина на олимпијадите, по 1936-та и 1988-ма година. Јавачите, изгледа, останаа поштедени од влијание на многуте досегашни потфрлувања и разочарувања со остварените резултати на поголем дел од германските претставници во другите спортови.
Денеска уште еднаш Јан Улрих ги изневери очекувањата дека во велосипедизам – возење на хронометар ќе се најде на победничкиот подиум. Тој го освои 7-то место. Подобро пласиран од него е Михаел Рих на петтата позиција. Победи Американецот Тајлер Хамилтон, кој беше најбрз на патеката од 48 километри, Вајческав Јекимов од Русија е втор и не го одбрани златото од Сиднеј, а трет е Американецот Боби Џулич. Јудит Арент беше 11-та во возење на хронометар во женска конкуренција – и од неа се очекуваше повеќе, со оглед на среброто за кое се избори во друмско возење.
Медал за Германија денеска досега освои и кануистот Штефан Пфанмелер. Светскиот вицешампион во веслање Марсел Хакер воопшто не се пласира за финалето, како ни Астрид Кумбернус во фрлање ѓуле и Сузане Кирмаер во стрелаштво во дисциплината двоен трап.
Женската пливачка штафета 4 пати по 200 метри слободно се пласира за финалето. Хокеарките на трева се поразени од европскиот првак Холандија со 4 спрема 1.
Грчките спринтери Костас Кентерас и Екатерини Тану се откажаа од настап на олимпијадата во која спаѓаа меѓу фаворитите за медали. По 50-минутното сослушување пред Дисциплинската Комисија на Меѓународниот олимписки комиетт (ИОЦ) поради избегнување анти-допинг контрола, Кентерас уште еднаш тврдеше дека е невин, но се повлекол “во интерес на својата земја”, додека неговата колешка Тану им се извини на сонародниците. Сега Светската атлетска федерација треба да донесе решение околу санкциите за грчките репрезентативци.