Меркел со јасна поддршка за Израел
30 јануари 2006При првата посета на Блискиот исток, Ангела Меркел јасно се стави на страната на Израел. За време на разговорите со израелскиот Претседател Моше Кацав во Ерусалим, таа побара од победникот на палестинските парламентарни избори, радикалната организација Хамаз, да се откаже од насилството и да го признае правото на постоење на Израелската држава. Доколку тоа не се случи, Германија и ЕУ не се подготвени понатаму да им даваат финансиска поддршка на палестинските автономни власти:
„Мислам дека мора јасно да се стави на знаење дека такви автономни власти не можат да сметаат со директна поддршка на ЕУ и на Германија. Секако дека сега ни е потребно малку време да видиме што ќе се случува, но за нас е важно Хамаз да сфати дека ние имаме јасни прицнипи!„ – посочи Меркел по средбата со израелскиот Претседател Кацав.
Ваквата јасна позиција на гостинката од Берлин наиде на големо одобрување во израелската јавност, која со големо внимание ја следи првата посета на новата германска канцеларка. Домаќинот Моше Кацав по разговорите со Меркел нагласи дека Израел сака да одбегне екслација на ситуацијата. Блиско источниот мировен процес мора да опстане, нагласи Кацав и го повика Претседателот на Палестинците Махмуд Абас да го обезбеди тоа од палестинска страна. Кацав исто така оцени дека Абас не се наоѓа во ослабена позиција по поразот на неговото движење Фатах на парламентарните избори. Напротив тој и понатаму располага со доволна моќ и влијание. Формално гледано, тоа е така, бидејќи Абас е шеф на палестинските власти и врховен командант на силите за безбедност. Но, во реалноста Абас е под голем притисок, и тоа не само од меѓународната заедница да го приволи Хамас да ги прифати условите на Западот за откажување од насилството, туку и од домашната јавност. Така младите приврзаници на неговото движење Фатах деновиве и преку демонстрации бараат тој да поднесе оставка. Воопшто постарата генерација политичари на Фатах тие ја обвинуваат за големиот неуспех на изборите.