За популизмот на власта и истрошеноста на опозицијата
27 август 2009Челникот на СДСМ, Бранко Црвенковски, ја обвини власта за примитивен популизам, за лаги, за манипулации, за страв што владее во Македонија: „На економско социјален план состојбите се‘ повеќе се влошуваат, невработеноста и сиромаштијата се зголемуваат, инвестициите целосно замреа, а инвеститорите ја заобиколуваат Македонија како забранета зона. Оваа власт ги троши девизните државни резерви, заштедени од претходниците.“
„Се бориме за излез од светската економска криза, за излез од дупката во која не‘ оставија изминатите 19 години, како и за излез од капитализмот на Бранко Црвенкоски од латино-американски тип, во кој малку луѓе се богатеа, а мнозинството страдаа“, одговори експресно, вчера попладне, вицепремиерот Зоран Ставревски. Во отсуство на шефот на владата, Никола Груевски, кој е во Канада, тој го примени неговиот речник за контранапад: „Црвенковски е истрошен политичар од латино-американски тип“.
Препирања и околу меѓуетничките односи
За оценките околу меѓуетничките односи - индиректни обвинувања:
„Во овие три години дојде до влошувања на меѓуетничките односи во Македонија. Станува сосема јасно дека не се работи за случајност, туку за правило. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, меѓусебната недоверба и сомневања растат, тензиите се зголемуваат, а инцидентите зачестуваат“, рече Црвенковски.
„Јас би го запрашал до кога планира да се служи со исти методи, до кога повторно ќе ги користи меѓуетничките тензии, кои се појавуваат секогаш кога СДСМ е во опозиција за да биде актуелен и да ги држи луѓето во страв и заложништво. До кога ќе креира имагинарни непријатели и ќе се претставува како спасител?“, одговори Ставревски.
Црвенковски најави жешка есен. СДСМ нема самостојно да организира, но ако се роди спонтан граѓански отпор кон власта, ќе застане на чело на поворката како израз на антивладиниот револт.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска