1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Животот на старите и болните кои останаа во Киев

Олександер Савитски
17 март 2022

За старите и болни луѓе, кои не можеа да побегнат од Киев откако Русија почна со нападите, се грижат роднините, доброволци и соседи. Насекаде низ градот има воспоставено локални структури за поддршка.

https://p.dw.com/p/48d62
Ukraine | Bewohnerin schaut aus einem beschädigten Hasu nach Luftangriffen in Kiew
Фотографија: Thomas Peter/REUTERS

Околу два милиони луѓе, што е речиси половина од населението, го напуштија Киев откако руската армија започна со бомбардирање на главниот украински град. Меѓу оние кои се останати има многу стари лица, самци и луѓе кои поради различни причини не може да бидат транспортирани.

Малите продавнички во населбите се одамна затворени, а јавниот превоз ретко сообраќа, поради што многу стари и болни лица не можат да дојдат до тие неколку аптеки или супермаркети кои сè уште работат. Поради тоа зависат од помошта на волонтерските организации кои ги снабдуваат со храна и лекови.

„Од што уште да се плашам?“

75-годишната Марија Василовна е оставена сама на себе. Живее во Киев, има ќерка во странство која не може да ѝ помогне. Марија се жали дека малите продавнички во нејзина близина се затворени уште од 24 февруари. До најблискиот супермаркет има километар и пол, а таа не може да оди толку далеку.

„Моиве нозе нема да го издржат тоа. Излегувам само до дворот, седам на клупа и ги хранам локалните мачки. Една сосетка остави седум килограми храна за тоа. Јас пак, имам само сув леб дома“, вели оваа жена.

Нема намера да го напушти Киев за да оди на некое побезбедно место. А и не ни знае каде би одела. Не знае ниту дека хуманитарни организации во моментов им носат бесплатни пакети со храна на сиромашните.

„Гледам телевизија, ги слушам експлозиите насекаде околу мене, па дури можам да кажам и од кој правец доаѓаат. Но, немам страв. Веќе сум стара и секако еден ден мора да умрам. Од што уште да се плашам? Единствено ми е жал што не можам со ништо да помогнам“, вели Марија Василовна.

Ukraine Kiew | Zerstörtes Wohngebäude nach Beschuss
Спасувачи пред зграда во Киев погодена од граната (16.03.2022)Фотографија: State Emergency Service of Ukraine/REUTERS

„Не можам да ја оставам мајка ми сама“

Додека Марија Василовна е оставена сама на себе, 52-годишната Свитлана реши да остане во Украина за да се грижи за својата 81-годишна мајка. Кратко по рускиот напад, мајка ѝ преживеала мозочен удар и оттогаш не може да се движи самостојно, а и тешко зборува.

Свитлана живее во киевската населба Подил, на највисокиот кат од една стара петтокатница без лифт. „Цело време сме дома. Не можам да одам ниту во засолниште кога има воздушни напади, бидејќи не сакам да ја оставам мајка ми сама“, вели таа.

Половина од соседите го напуштиле градот, а останатите се држат сплотени заедно.

„Ако ситуацијата стане лоша како во Мариупол, тогаш ќе ми помогнат да ја симнеме мајка ми долу и да одиме во скривница. Си помагаме многу. Си пренесуваме каде и што може да се купи, а си носиме и храна и лекови едни на други“, раскажува Свитлана.

- повеќе: Киев: Животот во родилиште за време на војна

Експлозии и пукотници

Пред неколку дена, на само 150 метри од нивната куќа, руска ракета која била пресретната од украинската војска паднала врз зграда со канцеларии која е доста оштетена. Свитлана не може да се соземе од експлозиите и пукотниците.

„Во тој момент цела се тресам, и рацете и нозете. Потоа ми треба еден час за повторно да си дојдам на себе. Добро е што мајка ми лошо слуша, па забележува нешто само кога ќе се затресат прозорците“, вели таа.

Свитлана сега не оди на работа. Студентскиот театар на киевската Академија Мохила е затворен поради војната. Но, нејзината плата и пензијата на мајка ѝ и натаму редовно се префрлаат на сметка.

Страдањата на Киев

„Добрите мачки“ од Киев

За луѓето на кои им треба помош во Киев, во меѓувреме се грижат многу доброволци на организацијата „Мачките од Печерск“, именувани по една централна населба од Киев. Таму има околу 1500 лица кои имаат потреба од помош.

„Ние сме дел од поголемата организација ‘Мачките од Соломјанск’, која им помага на жителите на истоимената општина во украинскиот главен град“, вели Димитро Хеочанивски, еден од доброволците.

Од почетокот на одбраната на Киев, во украинскиот главен град спонтано настанаа слични структури, покрај организациите на доброволци, кои постојат уште од почетокот на руската војна во Украина од 2014.

- повеќе: Киев: Недостигаат храна, вода и лекови, а стравот се зголемува

Волонтерите на „Мачките од Печерск“ се сместени во една кафетерија во близина на споменикот на незнајниот јунак од Втората светска војна. Таму сега имаат магацин за складирање храна. Преку посебна телефонска линија се координира и врши распределбата на храна, хигиенски средства и лекови за старите и болни лица.

Ukraine | Evakuierung zerstörter Häuser in Kiew
Психолог помага во евакуација на луѓе од станбена зграда погодена од ракета (Киев, 16.03.2022)Фотографија: State Emergency Service of Ukraine/HandoutREUTERS

„Не знам колку луѓе вкупно помагаат, бидејќи секој ден овде е врвулица од луѓе. Но, во принцип дневно се ангажирани десетици доброволци. Сето тоа го прават апсолутно доброволно и нема фиксен распоред“, вели Димитро Хеочанивски.

1000 шишиња масло

Според него, целата помош доаѓа од донација од централното складиште на организацијата. При распределбата доброволците се водат од потребите на луѓето.

„Најчесто се тоа пензионери, болни и стари. Но, не се само тие! Ние им помагаме и на војниците и болниците. Тукушто поделивме 1000 шишиња масло во случај градот да биде блокиран, па да имаат барем основни намирници“, вели Димитро.

Најголемиот дел доброволци се млади жени и мажи, од кои голем број се студенти. Една од нив е и 19-годишната Оксана. Вели дека можела да го напушти Киев и да оди кај роднини на западот на Украина или кај пријатели во ЕУ, но решила да остане во градот и да им помага на луѓето.

„На почетокот, разбирливо, многу се плашев кога ќе слушнам експлозија или пукотници. Но, сега веќе не се потресувам. Ако си заминев од овде срцето немаше да ми биде на вистинското место“, вели таа, положувајќи ја раката на градите.