1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киев: Животот во родилиште за време на војна

Дојче веле
15 март 2022

Штом ќе се исклучат сирените за воздушен напад, родилките и трудниците излегуваат од подрумот и се упатуваат во Породилното одделение 5 во Киев. Среде смртта и уништувањето, младите мајки тука наоѓаат мала оддишка.

https://p.dw.com/p/48TYG
Ukraine Kyiv Entbindung in Kriegszeiten Entbindungsstation Geburtsklinik
Фотографија: John Marshall/DW

Искористувајќи го краткото затишје, три украински родилки се среќни што се надвор од подрумот, во голема топла соба во одделението додека цврсто ги држат своите бебиња на градите. Сѐ околу нив ги потсетува за руската инвазија која се одвива на само 20 километри оддалеченост од Породилното одделение 5 во Киев. 

Завесите се навлечени на секој прозорец и светлата се исклучени за да се осигура дека секоја активност што се одвива во одделението останува скриена за руските авиони кои надлетуваат. Дури и родилиштата се мети за напади, како што беше случајот во опколениот град Мариупол, каде неодамна беа убиени најмалку три лица, меѓу кои и едно дете.

„Звукот на сирените и бегањето е потешко да се поднесе кога не само што си сам, туку си и одговорен за дете“, вели Алина, која на 8 март ја роди ќерката Василиса. 

Алина, која е од Ирпин, предградие на Киев, сакала да оди во тамошната болница за да се породи, но слушнала дека е уништена. Таа и нејзиниот сопруг решија да заминат за Киев на 3 март. Издржувајќи 10-часовно патување, избегнувајќи тенкови и пукотници, тие конечно стигнаа до главниот град на Украина.

„Мојата ќерка стана борец“, вели Алина. Засега Алина најде засолниште во Породилното одделение 5. 

Ukraine Kyiv Entbindung in Kriegszeiten Entbindungsstation Geburtsklinik
Подрумите станаа засолништа од бомбите по нападите во КиевФотографија: John Marshall/DW

Грижа за новороденчињата и за нивните мајки

„Бебињата се однесуваат и плачат како во мир, како да нема војна“, рече д-р Олена Јарашчук, заменик директор на одделението. „За нас она што е важно е да се грижиме за мајките“.

Грижата за мајките сега вклучува осигурување дека тие се безбедни од руски гранатирања и воздушни напади. 

„Кога ќе прочитате вест дека е бомбардирано родилиште во Мариупол и ќе ги видите сите овие страшни слики, потоа не можете да направите ништо освен да седите и внимателно да наслушнете кога ќе се вклучат сирените“, вели Алина. 

Така, кога ќе се слушне звукот на сирените за воздушен напад и гранатирањето одекнува низ главниот град, тие се спуштаат до подрумот на Породилното одделение 5, сега пренаменет како бункер, каде жените можат да се породат или мајките да ги однесат своите бебиња на безбедно. 

Импровизирано, но функционално  

„Кога ќе се случи нешто вакво, се фокусирате на вашето дете, породувањето, себе си. Дури потоа, почнувате да размислувате за останатото“, рече Наталија, која за првпат излезе од засолништето, откако ѝ беше направен царски рез. „За среќа, барем сме заштитени во подрумот“, додаде таа. Како и Алина, така и Наталија не сакаше да го открие нејзиното целосно име.

Настрана од интензивниот флуоресцентен сјај, подрумот е темен, со ниски тавани и кревети. Топло е, но не е пријатно. 

Ukraine Kyiv Entbindung in Kriegszeiten Entbindungsstation Geburtsklinik
Импровизираната соба за итни случаи се наоѓа низ долгиот ходник и има сѐ што треба, меѓу другото и инкубатор за бебиња кои се борат со здравствени проблемиФотографија: John Marshall/DW

Импровизираната соба за итни случаи се наоѓа низ долгиот ходник и има сѐ што треба, како и инкубатор за бебиња кои се борат со здравствени проблеми. Не е важно што има малтер по целиот ѕид или душек на подот. Она што е важно е дека може да се користи ефективно.

„Можеме да извршиме породување тука, да правиме операции, а може да се користи и за интензивна нега“, вели Јарашчук, која е на одделението повеќе од 20 години. Таа не може да ни даде точни бројки, но посочува дека сега има многу помалку пациенти отколку пред војната. Обично жените остануваат три дена. Сега, некои заминуваат пет часа по породувањето. 

Нов живот и обновена надеж 

Со помалку пациенти и повеќе простор, многу лекари и нивните семејства престојуваат во различни простории во одделението. Секогаш кога има закана, и тие се упатуваат во подрумот.

Infografik Karte Ukraine Russische Truppenbewegungen Stand: 13.3.2022 EN

Јарашчук го преселила своето семејство во одделението откако куќата на нејзиниот сосед била погодена од руска бомба. Таа дава сѐ од себе за да го спречи стравот со тоа што ги уверува сите дека Украина „ќе победи и ќе ја добие војната“.

Одделот сè уште ги има сите лекови и материјали што му се потребни за нега, според Јарашчук. За неа тоа е уште една причина да се погледне на светлата страна на ситуацијата. 

Директорот на одделението, д-р Дмитро Ховсјеев, кој е на клиниката веќе 40 години, на тоа гледа вака: „Луѓето доаѓаат и носат леб и слатки, не ни кажуваат од кого е, само доаѓаат и го оставаат тоа на безбедносно место за оние кои се грижат за младите мајки. Ова ми дава надеж. Мислам дека луѓето кои се однесуваат вака не можат да бидат покорени“.

Оптимистичкиот пристап и решителноста да им се пружи грижата што им е потребна на пациентите очигледно има ефект врз трите млади мајки. По сето она низ коешто поминале и сето она што им претстои, на нивните лица сѐ уште се забележува надеж додека гледаат во своите бебиња родени во време на војна. 

Лекување во скривници во Киев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема