Домашната и светската оперска елита во Скопје
16 мај 2010Македонскиот главен град деновиве живее во знакот на операта. По 38-ми пат Скопје е домаќин на Мајските оперски вечери. Од 9 до 31 мај, љубителите во оваа уметност имаат можност да уживаат во изведбата на повеќе оперски дела од страна на врвни имиња на светската опера. Манифестацијата беше отворена со операта Љубовен напиток од Гаетано Донцети, која се враќа на скопската сцена по 19 години пауза.
Врвни солистички имиња
Покрај традиционалниот собир на домашната музичка елита, годинава на Мајските оперски вечери присутни се и неколку врвни солистички имиња. Дарина Такова, Марија Драгони, Марија Хозе Сири, се само некои од врвните имиња во светот на операта кои се присутни годинава, вели за Дојче веле Дејан Прошев, директор на Македонската опера: „Карактеристично е што во секоја претстава има по двајца пејачи кои имаат искуство на светската сцена. Тоа е интересно за публиката. На 18 мај во Турандот ќе настапи Марија Драгона која се смета како наследничка на Марија Калас, која е прва победничка на конкурсот за млади пејачки ’Марија Калас’, се разбира таа сега е во одминати години“.
За крај традиционално „Аида“
Интересот на скопјани за операта очигледно е голем. Билетите за речиси сите претстави се распродадени. Посебно големо внимание предизвикува изведбата на „Травијата“, која важи за шлагер на фестивалот. Прошев е задоволен, иако признава не било лесно со скромни финансиски средства да се донесат во Скопје звучни имиња од светот на операта: „Тешко е да се организира и да се менаџира ваков настан. Да се успее да се донесат вакви солистички имиња за трипати пониски хонорари од оние во светот“.
Престижната манифестација годинава нуди седум настани. Пет оперски, една балетска претстава и концерт на Македонската филхармонија. Мајските оперски вечери траат до 31 мај. Крајот традиционално ќе биде означен со изведба на операта „Аида“.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Александра Трајковска