Брисел и Вашингтон бараат реформи од идната македонска влада
13 декември 2016ЕУ и САД сметаат дека изборите се прв чекор кон излез од кризата, а на тој пат клучно е исполнувањето на реформските приоритети од Извештајот на Прибе.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан во заедничка изјава порачуваат дека „изборите и нудат на земјата клучна можност за обнова на демократски и конструктивен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза и обединување зад заедничка цел на евро-атланските интеграции“.
Во Брисел очекуваат политичките партии во Македонија да делуваат на инклузивен начин преку „активна парламентарна опозиција и динамично граѓанско општество“.
Новата влада, велат Могерини и Хан, треба да спроведе реформи со кои ќе се зајакне владеењето на правото.
„Владата и опозицијата треба да продолжат со спроведување на претходните политички договори во целост, вклучително и поддршка за работата на канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство“.
Во сличен тон и официјален Вашингтон оценува дека изборите биле важен прв чекор кон излез од кризата.
„Ги охрабруваме партиите кои ќе ја формираат новата влада да работат конструктивно со опозицијата и да ги спроведат реформите што би го интензивирале процесот на евро-атлантска интеграција, особено во поглед на владеењето на правото“, изјави портпаролот на Стејт Департментот Џон Кирби.