Благодарност за поддршката од САД
30 септември 2010На англиски јазик, Вестервеле рече дека германскиот народ никогаш нема да ја заборави поддршката од американската влада и народот. Без САД нашата слобода и единство не ќе беа можни, изјави германскиот министер. На Хилари Клинтон тој и подари и парче од Берлинскиот ѕид.
„Германија му покажа на светот дека ѕидовите можат да бидат урнати, дека општествата можат да бидат повторно соединети, дека трајниот мир е можен дури и по долги период на поделеност и неединство. Таквата соработка е најдобриот начин да се стигне до мир, напредок и просперитет“, изјави американскиот државен секретар.
Двајцата министри ја потенцираа добрата билатерална соработка. Одбија да ги коментираат вчерашните наводи за спречените терористички напади на Ал Каеда врз цели во Британија, Франција и Германија, но рекоа дека постои континуирана размена на информации на таа тема.
Двете клучни надворешно-политички теми на кои се дискутираше беа состојбата во Авганистан и мировниот процес за Блискиот Исток.
„Префрлањето на надлежноста во Авганистан е можна и ние се надеваме дека до 2014 година во целост ќе им ја предадеме контролата на авганистанските безбедносни сили и тамошната влада“, оцени Вестервеле.
Преговорите на Блискиот Исток во клучна фаза
Блискоисточните мировни преговори, според германскиот дипломат се во клучна фаза.
„Ова се одлучувачки моменти. Апелираме до сите страни во разговори да не ја пропуштат оваа можност“.
На средбата станало збор и за новиот безбедносен концепт на НАТО кој треба да биде претставен на самитот во Лисабон. Вестервеле оцени дека документот е добра основа за натамошни разговори.
Станало збор и за членство на Турција во ЕУ, можност која Вестервеле ја смета за добредојдена, иако поголемиот партнер во владината коалиција во Берлин е против таквото решение.
„Турција не е само сојузник во НАТО, туку игра и важна улога во регионот. Сакаме поблиска соработка и нашиот интерес е Турција да остане ориентирана кон Европа и Западот“, рече Вестервеле.
За две недели тој повторно ќе патува за САД, поточно во Њујорк каде ќе се решава за новите непостојани членки на Советот за безбедност на ОН. Германија има конкуренти за оваа позиција во Португалија и Канада.
Автор: Кристина Бергман/Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска