1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе има ли мандатар до посетата на Хан?

7 февруари 2017

Поделени се проценките дали партиите со обезбедено мнозинство ќе го дочекаат еврокомесарот Јоханес Хан кој во четврток пристигнува во Скопје, или ќе чекаат на негови евентуални сугестии.

https://p.dw.com/p/2X5BA
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Доколку ефикасно и искрено течат внатрепартиските консултации и меѓупартиски разговори, постои умерен оптимизам дека „наскоро“ би можел да биде постигнат договор меѓу СДСМ и други партии на Албанците вклучени во разговори за обезбедување мнозинство за состав на нова влада, велат извори од партиите учеснички во разговорите. Сепак, не се исклучува можноста „ако нешто запне“, без одлука да го дочекаат еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, кој во четврток пристигнува во Скопје. Неговата посета не е поврзана со разговорите за формирање влада, бидејќи тој доаѓа на состанокот посветен на енергетиката во рамките на процесот „Шест западнобалкански држави“, на кој ќе учествуваат министри за надворешни работи и за енергетика и економија. Сепак, на маргините на состанокот се очекува комесарот Хан да има билатерални средби со партиските раководства, а не е исклучено и средба со шефот на државата.

Ќе има ли мандатар до посетата на Хан или ќе се чека евентуално неговите сугестии да бидат импулс за придвижување на процесот? Од партиите јавно „не сакаат да прејудицираат“, но неофицијално, имаат речиси идентични ставови: сите пријателски сугестии се добредојдени, но процесот кој е започнат зависи, пред сѐ, од волјата, зрелоста и посветеноста на домашните актери за изнаоѓање брзо и квалитетно решение за излез од кризата.

Mazedonien Krisengespräch in Skopje
Фотографија: MIA

Внатрепартиски консултации

На тој план засега има интензивни разговори. Во СДСМ и ДУИ од синоќа течат внатрепартиски консултации, по вчерашната прва средба на двата партиски тима, на која разговарале за „принципиелните позиции“ од кои треба да настапат по одлуката на Иванов да го додели мандатот на партиите кои ќе декларираат дека имаат мнозинство од 61 пратеник.

„Апсолутно сме далеку од конкретни дискусии по некои специфични политички пршања, а особено сме далеку од поделба на ресори. Многу поважно е прашањето како да излеземе од уставната криза, како да ставиме крај на кризата и како Македонија да добие функционална влада. Сметаме дека овие средби и разговори ќе продолжат. Штом ќе има дискусии завршени во рамки на двете политички партии, тогаш претпоставувам дека ќе биде лесно да се закаже и следната средба. Меѓутоа, се што ќе ви кажам сега во детали, би било импровизација од моја страна“, потенцираше заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Воздржаност манифестираше и потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи.  

„Јавноста ги знае нашите рамки: интеграција во ЕУ и НАТО, реализирање на скопскиот Договор во однос на СЈО, прашањата кои се поврзани со реализација на Охридскиот договор, со еднаквост на Албанците овде... Имавме конструктивна атмосфера, а финалните одлуки ќе се носат од претседателството на партијата, на чело со претедателот Али Ахмети“, рече Арифи.   

Шекеринска не се впушти во изнесување на партискиот став за овие прашања.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

„Ние за секое од овие прашања ќе се произнесеме, меѓутоа мислам дека е во ред прво да се произнесеме во рамките на партиите, пред политичките партии со кои разговараме, и веднаш потоа ќе ги соопштиме нашите ставови. Најголем дел од овие ставови беа сопштувани и во текот кампањата, така што тоа нема да бидат прашања за кои ќе избегнуваме одговор во јавноста. Ќе не разберете дека во овој период мора да градиме доверба, дека сето она што го дискутираме во јавноста треба да биде издискутирано и претходно“, рече заменик-претседателката на СДСМ.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Договор, па потписи

Според извори упатени во разговорите меѓу двете партии, усогласувањето на ставовите не би требало да им одзеде многу време, со оглед дека СДСМ и ДУИ немаат разлики по прашањето за СЈО, а кое беше камен на сопнување во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ. Како што изјави минатата недела портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, со ВМРО-ДПМНЕ се согласиле по сите точки на кои инсистира ДУИ, меѓу кои и за употребата на албанскиот јазик, но не и по точката која се однесува на правната држава - реформите предочени во Извештајот на Прибе и СЈО.

„Првпат немаме никаква разлика со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ за етничките прашања. Ако досега целата дилема беше околу членот 5 од Уставот, дали употребата на албанскиот јазик е на локално ниво или на ниво на целата држава, ви кажувам дека немаме разлика по етничките прашања. Тоа е доволна порака дека со двете македонски партии сме во фаза да немаме разлики“, рече Османи. Притоа потенцираше дека ДУИ ќе ги даде своите потписи само откако ќе се постигне договор за нова влада.

„Кога ќе има договор за влада, тогаш ќе се потпишеме. ДУИ нема да дозволи процесот да се симплифицира со давање потписи“, изјави Османи.

Од партиските раководства не соопштуваат дали ова и натаму е една од темите за која партиите ги утврдуваат „принципиелните позиции“ пред да почнат суштински разговори. Додека течат средбите меѓу ДУИ и СДСМ, во разговорите се вклучуваат и други партии на Албанците кои добија пратенички мандати. Како што објавија дел од медиумите, Шекеринска вчера се сретнала и со претставници на Движењето „Беса“.