1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Griechenland EU

3 мај 2010

Финансиската помош за Грција беше неопходна за да се зачува стабилноста на еврото. Но, од проблемите со должничката криза на Грција ЕУ треба да научи дека нејзиниот кризен менаџмент треба подобро да функционира.

https://p.dw.com/p/ND4G

Германската канцеларка Ангела Меркел до неодамна тврдеше дека на Грција нема да и’ треба финансиска помош од членките на еврозоната или ако воопшто, тогаш помошта ќе биде само последно средство. Зачудувачки е колку брзо стигнавме до ситуацијата во која „последното средство“ стана, сепак, неопходно. Така Германците и другите Европејци, кои седат заедно со нив во „евро-чамецот“, ќе мораат да го отворат ќесето, па макар и со стиснати заби од лутина.

Лутината е притоа сосема оправдана, бидејќи на овој начин и’ се помага на една земја, која со децении си ги протегала нозете преку чергичето. Згора на тоа уште ги фризирала статистичките податоци, а како што сега дознаваме, дури со лажни бројки и влегла воопшто во евро-зоната. Сега сите други членки треба да ја спасуваат. Многумина со право се прашуваат: што ќе ги мотивира следните кандидати за банкрот, како што се Ирска, Португалија и Шпанија, подобро да се однесуваат кон сопствените буџети, ако можат да се надеваат дека другите ќе ги покријат нивните грешки?

Слепи по своја волја

Европската комисија и другите членки на ЕУ, меѓутоа, очигледно долго време не ни сакале да ги отворат очите за грчката економска реалност. Меѓу другите и германските фирми долго профитираа од извозот во земјата, која безобѕирно се задолжуваше. Освен тоа, Германците имаат посебно силна мотивација да ја зачуваат стабилноста на евро-зоната, бидејќи на неа се потпира целокупниот германски стопански систем.

Christoph Hasselbach Deutsche Welle, DW, Deutsches Programm, Zeitfunk, Funkjournal
Кристоф Хаселбах

Сега е најважно да не се остане само на акцијата за гаснење на финансискиот пожар во Грција, бидејќи без структурни реформи во рамките на ЕУ и пошироко наскоро ќе се најдеме соочени со нова криза. Оправдано е да се постави и прашањето - зошто нема напредок во најавената реформа на светскиот финансиски систем што треба да донесе засилена контрола на берзите? И зошто е можно неколку рејтинг агенции да можат да решаваат за судбината на цели национални економии? Можно ли е даночниот обврзник прво да ги спасува банките од кризата што сами си ја создадоа, а потоа тие да продолажт со нивните шпекулантски активности и со тоа да водат финансиски војни против државите? За сите овие отворени прашања се чини има само еден разумен одговор, имено - дека лобистите на финансиската бранша одлично си ја вршат работата.

Кршење на табуата

Нужни реформи и’ претстојат и на евро-зоната. Таа беше создадена пред се’ како политички, па дури во втора линија и како економски концепт. И таа очигледно беше конципирана за добри времиња. Сега, среде светската финансиска и економска криза, се чини дека никој повеќе не се потресува многу околу принципите на европскиот пакт за финансиска стабилност. Во иднина мора да се подобри и функционирањето на системот за размена на информации меѓу членките на евро-зоната за да може навреме да се преземат мерки против вакви кризи. Освен тоа, мора уште потесно да се координира економската политика на членките. И конечно, иако тоа се смета за табу во актуелната криза околу Грција, мора да биде можно привремено излегување, односно исклучување од монетарната унија.

Автор: Кристоф Хаселбах

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска