1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хабек: Путин води перфидна игра со гасот

ЖА / агенции
26 јули 2022

Русија најави натамошно намалување на испораките на гас за Германија. Министерот за економија Роберт Хабек смета дека е во прашање „перфидна игра“ на Путин.

https://p.dw.com/p/4EeAU
Deutschland Wirtschaftsminister Robert Habeck
Фотографија: Tobias Steinmaurer/dpa/APA/picture alliance

Германскиот министер за економија Роберт Хабек не е изненаден од редуцирањето на количните гас кои стигнуваат во Германија преку гасоводот Северен тек 1. Тој смета дека рускиот енергетски концерн Газпром ќе донесе самоволна одлука за комплетно запирање на  доставата на гас.  Но, лутина кај него предизвикуваат наведуваните причини, како „фарсата околу турбината“: Газпром „нема храброст ни отворено да каже – се наоѓаме во економско воен судир со вас“, истакна Хабек. За намалувањето на количините гас кои течат низ Северен тек 1 не постојат технички причини, турбината произведена од Сименс, која беше сервисирана во Канада, е вратена и спремна за испорака во Русија, но Москва одбива издавање влезни документи", истакнува Хабек: „Русија ги крши договорите, а потоа вината ја префрла врз други.“

Министерот отворено укажува на сериозноста на ситуацијата и повторно апелира за намалување на потрошувачката на гас: „Нема да имаме гас во изобилство, а дали количините ќе бидат доволни, ќе зависи и од колективниот труд на нашата земја тоа да го овозможи, неопходно е консеквентно спроведување на сите мерки".

Хабек за новинската агенција ДПА изјави дека со лиферувањето гас, рускиот претседател Владимир Путин води „перфидна игра“, а неговата стратегија е проѕирна: „Тој се обидува да ја ослаби големата поддршка за Украина и да забие клин во нашите општества. За таа цел тој шири несигурност и предизвикува раст на цените. На тоа се спротиставуваме со одлучност и концентрирани дејства.“

Само шест дена откако  повторно профункционира гасоводот,  рускиот државен концерн Газпром најави дополнително ограничување на дотокот на гас преку Северен тек 1 од среда (27.07.), поради ремонт на уште една турбина. Количините на гас со тоа се намалуваат на 33 милиони кубни метри дневно од вкупниот капацитет на гасоводот кој изнесува преку 160 милиони кубни метри, што изнесува околу 20 проценти.

Министрите за енергетика на ЕУ денеска расправаат за  спорниот план за штедење на гас,  подготвен од Европската комисија, кој предлага секоја земја членка до крајот на март да заштеди по 15 проценти гас, заради компензирање на намалените количини кои доаѓаат од Русија.

Планот наидува на отпор кај јужните членки, како Италија, Шпанија, Потругалија и Грција, кои се против принудно штедење. Некои земји во планот гледаат првенствено обезбедување на Германија, како најголем зависник од рускиот гас. Меѓутоа, наводно, постигнато е веќе компромисно решение.