1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Усогласен законот за ЈО: „да“ за правда, „не“ за реваншизам

10 февруари 2020

Со вградување на предлозите на независната претеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во текстот на законот, зголемена е шансата да се обезбеди 2/3 мнозинство за законот за Јавното Обвинителство.

https://p.dw.com/p/3XWix
Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Нокеска по полноќ, Владата даде зелено светло предлог-законот за Јавното обвинителство да биде испратен до Собранието и да влезе во процедура за гласање. Ова уследи по последните напори за усогласување на предложениот текст, а придонес во таа насока даде независната пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. Со прифаќањето на нивните ставови, се зголемува надежта дека во парламентот би можело да биде обезбедено двотретинско мнозинство (80 гласови) за усвојување на законот.

„Нашите искрени намери во овој период беа да се изнајде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно со европските вредности, и со цел да се оневозможи реваншизам а да се овозможи правда“, соопшти независната пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија".

Тие апелирааа до ВМРО-ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржат и во интерес на граѓаните ќе донесат законско решение за градење доверба во создавањето правна држава, но и заедно да и помогнат на државата во евроатланските процеси. 

Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

„Бомбите“ нема да бидат доказ во „Талир“ 1 и 2

За што се избори независната пратеничка група? Таа преку соопштение објасни кои ставови ги застапувале, и што постигнале во однос на предлог-законот за ЈО.

Повеќе на темата:

-Лавиринтите на македонското судство: што би требало да знаете

-Последното танго на власта и опозицијата

-А да ги заклучиме сите во Парламентот?!

„Јавниот обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да биде избран со непосредно гласање на сите обвинители; После завршената академија обвинителите да мора 3 години да бидат во основни обвинителства; Ја дефиниравме дисциплинската постапка како не би можела да биде злоупотребена; Јавното обвинителство повеќе не може да заснова обвинение врз основа на незаконски прислушкувани материјали; Согласно забелешките на сите присутни експерти на јавната расправа во однос на преносот на надлежностите од СЈО во ОЈО, а во духот на времениот карактер за кој СЈО беше формирано, предложивме преземање на предметите од јавните обвинителства согласно надлежностите утврдени со овој закон; Обвинението за случаите ‘Талир' 1 и ‘Талир' 2 поднесени после законскиот рок се обвиненија во кои отпаѓаат незаконски прислушкуваните материјали, и со тоа ја исправаме неправдата, односно даваме фер шанса сега без незаконски прислушкуваните материјали да ја докажат невиноста и неаргументираноста за постоење на овие случаи", соопштија од независната пратеничка група.

Меѓу деветте наведени точки, е и нивниот предлог за уништување на незаконски прислушкуваните материјали, на прецизен начин, јасно опишано во законот, како и прецизирање на рокот за конечно одлучување по жалби. А до отпочнувањето на примената на овој закон (30.06.2020), Собранието да го усогласи кривичното законодавство со европските стандарди, при што во преодните одредби ќе ги наведе броевите на членовите од новиот закон кои кореспондираат во членовите од кривичниот законик.

Заев: За правна и европска држава

По ваквиот епилог, лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, синоќа преку социјалните мрежи порача дека била постигната доволно добра основа за да почне процедурата за носење на Законот за Јавното обвинителство, и изрази надеж дека тој ќе добие поддршка од најмалку 2/3 од пратениците.

„Усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес кон нашата европска интеграција и аргумент плус за Европската Унија да донесе позитивни одлуки поврзани со почетокот на преговорите на Република Северна Македонија за членство во Унијата. Она што е особено важно за сите наши граѓани, е дека Законот ги овозможува неопходните услови за владеење на правото во нашата земја и за конечна и темелна изградба на правната држава“, порача Заев.

Тој потенцира дека низ разговорите за содржината на предлог-законот биле вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се заложила и се изборила Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија", со што е изнајдено решение со кое ќе се обезбеди владеење на правото согласно со европските вредности.

Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Законот гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази. Она што ни беше една од основните цели, го обезбедивме - во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите!", потенцира Заев.

Тој упати благодарност до ЕУ, САД и Државниот јавен обвинител за нивните напори и за помошта при дефинирањето на содржината на предлог-законот, им се заблагодари и на сите пратеници и експерти кои дале свој придонес, и ги повика сите политички сили во земјата да го поддржат законското решение за уште еднаш заедно да го потврдат европскиот пат на земјата и и стратегиската определба за обезбедување правна држава.

Со оглед дека Законот за јавното обвинителство се носи по скратена постапка и со европско знаме, процедурата за неговото изгласување може да заврши пред да се распушти Собранието. За тоа колку е важен секој глас, говори и изјавата на Заев дека пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски, кој е во САД, потврдил дека ќе се врати во земјава. Дали законот ќе добие поддршка од 80 пратеници, ќе биде јасно на самото гласење.