1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

Ураганот „Ијан“ се ближи кон Јужна Каролина

ЖА / агенции
30 септември 2022

Прво Куба и Флорида, а наскоро Јужна Каролина и други држави на источниот брег на САД: ураганот „Ијан“ се заканува да го продолжи својот уништувачки курс. Уште е нејасно колку жртви предизвика тој досега.

https://p.dw.com/p/4HaGS
Флорида „Ијан“
Ураганот „Ијан“ предизвика огромни штети во ФлоридаФотографија: SHANNON STAPLETON/REUTERS

Уште пред пристигнувањето на ураганот „Ијан“ до Јужна Каролина, американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во сојузната држава на источниот брег на САД. 

Потегот на претседателот Бајден е во насока на овозможување поголема и поокоординирана помош на федералните власти и локалните служби во спасувачките активности и пружањето помош на населението, соопшти доцна синоќа претставник на Белата куќа.

Флорида „Ијан“
„Ијан“ остави пустош зад себе во ФлоридаФотографија: Wilfredo Lee/AP Photo/picture alliance

Ураганот „Ијан“ се наоѓа кратко пред брегот на Јужна Каролина и се очекува неговиот удар да следи во текот на денот. Ураганот добива дополнително на сила, произлегува од најновите извештаи од Националниот центар за урагани од утрово. Максималната брзина на ветрот изнесувала до 140 километри на час, што одговара на единица на скалата за категоризација на урагани. Претходно „Ијан“ ја погоди американската  сојузна држава Флорида  како ураган од четврта категорија со ветар до 240 километри на час.  „Ијан“ остави траги од пустош и поплави  на Флорида. Локалните власти се воздржани во објавувањето на бројот на веројатни жртви, но се без дилема дека „Ијан“ однесе и човечки животи.

Флорида „Ијан“
„Ијан“ ја погоди Флорида со огромна силаФотографија: SHANNON STAPLETON/REUTERS

Американскиот претседател Џо Бајден изрече мрачни стравувања: „Ова може да значи најсмртоносен ураган во историјата на Флорида.“