1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија е европски првак во теории на заговор

Кено Верзек
15 декември 2018

Теориите на заговор имаат конјунктура дури и во просветени, демократски општества. Во Европа овој феномен има особено многу приврзаници во Унгарија, вели политикологот Петер Креко.

https://p.dw.com/p/39vn1
Ungarn | Anti-Soros Plakate
Фотографија: AFP/Getty Images

ДВ: Теориите на заговор сѐ уште се споредна гранка во истражувањето. Зошто одлучивте да ѝ се посветите на оваа тема?

Петер Креко: Во таа сфера истражувам веќе со години, а посебно интензивно тоа го правам од бегалската криза во 2015 година, зашто оттогаш теориите на заговор станаа фактор на влијание во унгарската политика и официјално средство на владината политика. Тоа, на пример, се гледа од резултатот на едно истражување на јавното мислење: 51 процент од испитаниците се уверени дека американскиот милијардер од унгарско-еврејско потекло Џорџ Сорос има план да носи масовно бегалци во Европа. Токму тоа е официјална пропаганда на унгарската влада во последните години.

Владата на Орбан во последните три години инвестираше многу пари и енергија за ширење на оваа теорија. Значи таа има успех?

Да, зашто во оваа теорија веруваат и некои приврзаници на опозицијата. Друг пример е тврдењето дека муслиманите имале таен план за освојување на Европа и план да ни ја наметнат тивко својата култура. И во ова веруваат многумина кои не гласаат за Орбан.

Дали резултатите од истражувањето беа очекувани, или имаше и изненадувања?

Антисемитистичките теории на заговор во Унгарија се пораширени отколку што мислевме. Тоа за нас беше изненадување. На пример, 44 проценти од испитаниците се согласуваат со тврдењето дека „Евреите сакаат да владеат со светот“. И, дури 49 проценти сметаат дека Евреите стремат да имаат одлучувачка улога во меѓународните финансиски институции.

Ungarn Peter Kreko Politikwissenschaftler aus Budapest
Петер Креко, политиколог и истражувач на теориите на заговорФотографија: Political Capital Institute/Ivan Karpati

Колку се опасни резултатите од истражувањето на антисемитистичките теории на заговор?

Унгарскиот антисемитизам во моментов е куче кое гласно лае, но најчесто не каса. Во моментов речиси и нема антисемитистичко насилство во земјата. Сепак, сакам да потенцирам еден аспект од нашето истражување: антимуслиманските ставови и расположението против Сорос во Унгарија со себе повлекуваат и засилен антисемитизам. Тука навистина има корелација која ја потврдивме. Значи, кога се шири некоја теорија на заговор, таа повлекува и друг наратив на омраза, за кој можеби не постоела намера да се предизвика.

Велите дека ситуацијата со медиумите и официјалното ширење на теории на заговор водат до тоа сѐ повеќе луѓе да веруваат во нив. Има ли и други фактори?

Да, за тоа многу придонесува и поларизацијата на унгарското општество. Тоа го нарекуваме трибализам, кој не само што е сѐ повпечатлив во Унгарија, туку и генерално во Европа. Се работи за политички стил кој изгледа како борба на живот и смрт. Во таква атмосфера дури и најстрашното тврдење за политичкиот противник станува веродостојно. На трибализмот му е особено лесно во еден „илиберален“ политички систем, како во Унгарија. Но, феноменот не е само унгарски, туку е светски. Пример за тоа е дека, според анкетите, половината од приврзаниците на републиканците во САД веруваат дека Хилари Клинтон управува со педофилска мрежа.

Значи, Унгарија по прашањето на теории на заговор во европски и светски контекст не е исклучок?

Не, станува збор за општ феномен. Сигурно, Унгарија отскокнува, но и ширум светот се зголемува вербата во теории на заговор. Тоа е поврзано и со духот на денешнината, кој покажува колку малку луѓето веруваат во меѓународните институции и колку многу промените во светот водат до тоа да се верува во бизарни теории за причината на овие промени. Имаме работа со криза на довербата ширум светот.

Дали вербата во теории на заговор има и опипливи последици? Може ли верувањето да се претвори во материјално насилство, доколку зафати широки народни маси?

Теориите на заговор може да бидат опасни пред сѐ за малцинствата во општеството, тоа го знаеме од историјата. Но, може да создаваат и други опасно општествени расположенија, како теориите на заговор за вакцините и намалувањето на подготвеноста на родителите да ги вакцинираат своите деца. Проблем се земјите каде теориите на заговор се дел до официјалната политика, како Унгарија, Италија или Бразил. Таму може да бидат предизвикани многу штетни процеси. И, на нивниот пример може да се види дека е многу полесно да се постигне ваквите теории да бидат прифатени, отколку со помош на аргументи да бидат отфрлени.

Петер Креко студирал политички науки и социјална психологија во Будимпешта. Тој е докажан европски експерт за теории на заговор. Неговата дисертација се занимава со социјалната психологија на теориите на заговор. Покрај тоа, Креко го истражува и руското влијание во Западна Европа и со тоа поврзаниот популизам и радикализам. Од 2011 година тој раководи со унгарскиот институт „Политички капитал“.