1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Три предлога за слобода на медиумите

Инес Пол
3 мај 2019

Денеска се слави Денот на слободата на медиумите, иако тешко дека има причина за славје, смета главната и одговорна уредничка на ДВ, Инес Пол. Таа дава три предлога за долгорочно зајакнување на медиумската слобода.

https://p.dw.com/p/3Hrzm
Symbolbild Pressefreiheit in der Türkei
Фотографија: picture-alliance/Zumapress

Забрана за публикации, „завртување на славината за пари“ и затворски казни се одамна познати методи со кои репресивни држави ја потиснуваат слободата на говорот и на медиумите.

Во меѓувреме има постапки кои не се толку провидни, особено виралната структура на интернетот: луѓе, а сѐ повеќе и машини, кои шират лаги, лажни видеа и фотографии, чија цел е да манипулираат. Лажни вести, кампањи за дезинформација на социјалните медиуми, закани и клевети се станати секојдневие. Тука сѐ повеќе на дело се вистински професионалци за комуникации, како на пример кај Раша Тудеј, или во меѓувреме за жал и кај Ал Џазира. Нивната комуникација делува пријателски, понекогаш дури и вицкасто. Во компликуван свет мамат со понуда на поедноставување на нештата. Покрај тоа, во сѐ повеќе држави има обиди од интернетот кој е отворен кон светот да се создаде цензуриран интранет ограничен на земјата. Тоа го гледаме во Кина, Русија и во Турција.

На сето тоа има само еден можен одговор: луѓето мора да научат да разликуваат лага од вистина и таквата медиумска компетентност мора да стане составен дел од училишното образование, а мора да има и атрактивни понуди за возрасни. Во нив мора сѐ повеќе да се објаснува дека на крајот не е загрозена само медиумската слобода, туку потенцијално и слободата да се каже своето мислење во „приватен“ простор, без да се стравува од реперкусии.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес Пол, главна и одговорна уредничка на ДВФотографија: DW/P. Böll

Одговорност од политичарите

Демократски политичари од цел свет, па и од Европа и Германија, се натпреваруваат во обидите да ѝ се додворат на Кина. Притоа не игра улога тоа што медиумската слобода во земјата не постои и што и независни странски медиуми како Дојче веле се блокирани. Претставниците на бизнисот во Кина гледаат големи пари, а не човекови права.

И во Иран се дискутира за економските можности, а не за преку 20 новинари кои се затворени и измачувани од страна на Револуционерната гарда. Во Бангладеш и Пакистан блогери си го ризикуваат животот кога критички се осврнуваат на сѐ посилниот исламизам во земјата. Сериозна поддршка од странство не е на повидок. Светот го слави саудискиот престолонаследник бидејќи жените сега смеат да одат во кино, на стадион и дури и да возат коли. Но, каде е поплаката за тоа што блогерот Раиф Бадави и натаму е во саудиски затвор?

Листата може да се допишува надолго и нашироко. Тоа е тажна листа. Денеска е добар ден за да почнеме политичарите да ги оценуваме и според тоа што направиле против сѐ поголемиоот број напади врз медиумската слобода. Дали на диктатори јасно и гласно им покажуваат кои се нашите вредности? Дали се подготвени да се откажат од бизниси ако тие вредности еклатантно се прекршени? Дали подготвеноста да се даде развојна помош ќе ја врзат на ситуацијата со човековите права и медиумските слободи?

Новинарите се клучен фактор

Слободата на печатот не се гарантира само од горе. Една работа е законската рамка, а друга е внатрешниот став на секој новинар. Токму новинарите од земјите во кои има слобода на медиуми мора да бидат пример за колегите кои работат во тешки околности.

За мене новинар значи секогаш да ги преиспитува сопствените убедувања – или на колегите – и од тоа да произлегуваат прашања на кои треба да им се даде одговор. И да, не се плашете ако добиете аплауз од погрешна страна. На пример, со голема загриженост ја следам дебатата за тоа дали треба во Германија воопшто да имаме комуникација со политичарите од деснопопулистичката АфД. Ако ги игнорираме сите политички групации, неомилени политичари или други јавни личности кои не ни се вклопуваат во нашите претстави, тогаш ќе оставиме празнина која ќе ја пополнат други.

А со тоа, на крај, ќе ѝ наштетиме на слободата на печатот, која сакаме да ја славиме на овој ден.