Сијарто: Финска е виновна за блокадата на проширувањето
3 декември 2019Шефот на унгарската дипломатија ја обвинува Финска за неуспехот да се продолжи со процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан. Финска, како претседавач со ЕУ, е одговорна за „огромниот неуспех“ на проширувањето, рече Сијарто во Прага по средбата со колегите од Чешка, Полска и Словачка.
„Тие се првото претседателство кое не успеа да отвори едно единствено преговарачко поглавје со ниту една од земјите кандидати. Тоа не се случило никогаш порано“, рече Сијарто. Тоа, според него, било „голема, голема грешка“.
На самитот на ЕУ во Брисел, Франција го блокираше почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Обете земји, а особено Северна Македонија, имаа поддршка од сите останати земји-членки.
„Сметам дека одложувањето на проширувањето и ставањето пречки на патот на проширувањето е политика која е целосно спротивна на европските интереси“, рече Сијарто.
Сонародникот на Сијарто, Оливер Вархељи ќе раководи со проширувањето во новиот состав на Европската комисија. Според Сијарто, сега проширувањето е во „добри раце“.
„Како централно европски земји кои живеат во соседството, разбираме малку подобро од останатите членки на ЕУ колку е важно за ЕУ од економска, политичка, стратешка и безбедносна перспектива да се продолжи со проширувањето“, рече Сијарто.