1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западниот Балкан припаѓа кон ЕУ

Бенјамин Парган
12 јули 2017

Европската унија има искрени намери во врска со перспективата за приклучување на балканските држави и во тоа нема дилема, оценува експертот за Балкан, Тобијас Флесенкемпер.

https://p.dw.com/p/2gLbV
Tobias Flessenkemper, Balkan-Experte, Politologe
Фотографија: Tamino Petelinšek/STA

ДВ: „Посвојчиња на континентот“ - така земјите од Западен Балкан беа наречени неодамна во еден текст на „Шпигел“. Во последно време во германските медиуми често се пишува дека ЕУ загубила многу од својата привлечна сила на Балканот. Точен ли е ваквиот впечаток?

Тобијас Флесенкемпер: Мора да правиме разлика меѓу привлечната сила на ЕУ за политичките раководства на овие земји и привлечната сила на ЕУ за граѓаните во земјите од Западен Балкан. Што се однесува до населението, таквиот впечаток не е точен. Европската унија останува и натаму многу атрактивен модел. И, исто како и досега, наспроти сите обиди на Русија, како и на Турција, да фатат корен таму во смисла на култура на живеење, за населението и натаму културната и другата понуда на ЕУ останува многу атрактивна. Меѓутоа, се разбира, луѓето на Балканот забележуваат дека европскиот економски и социјален модел, каков што сега им се прикажува, значи спроведување реформи и со тоа стимулација на порастот и на странските инвестиции, не функционира секогаш многу добро. На луѓето од Западен Балкан им е доволно да фрлат поглед врз Грција за да видат дека една земја која е членка на ЕУ веќе 36 години, не профитирала секогаш од ваквиот модел.

Како на тоа гледаат политичарите од западнобалканските држави?

На политичко ниво сликата е нешто подифузна и покомпликувана. Се разбира, има конкретни успеси. На пример, Хрватска, која се приклучи на Унијата во 2013 година. Црна Гора многу успешно преговара со ЕУ и сега стана членка на НАТО, а во НАТО претходно беше примена Албанија, Значи, во секој случај во делови од регионот гледаме свртување кон западните сојузи, западните организации. Во други региони гледаме дека има некакво лебдење. Ако се погледне Србија, и натаму постои проблемот на постоење на различни договори со Русија, меѓу другото и во воената сфера. Освен тоа, на политичкото раководство на Србија не му е сосема јасно дали треба да му се посвети на европско-западниот модел, или можеби сепак треба да остане помеѓу различните модели.

Значи, Балканот останува потенцијално кризно жариште во Европа и покрај јасно формулираната перспектива за приклучување во ЕУ?

Се разбира, на Балканот ги имаме проблематичните деца, земји како Босна и Херцеговина, Косово и Македонија. Сето тоа се земји во кои имаше конфликти, каде сѐ уште нема конечен одговор на прашањето „Каква држава сакаме?“. Таму, за жал, перспективата за европска интеграција не покажа доволно дејство за, на пример, да ги обедини ставовите на различните етнички групи во Босна и Херцеговина, или Македонија да ја насочи на реформски курс. Она што политички е многу релевантно е фактот дека сега има случај земји членки на ЕУ - како на пример Грција во однос на Македонија, но и Хрватска, која како членка на ЕУ не игра секогаш позитивна улога во регионот - делумно да не дејствуваат релаксирачки во конфликтите, туку повеќе ги одржуваат конфликтите во живот. Оттука, на политичко ниво атрактивноста на ЕУ сигурно не е веќе толку голема и кај лидерите веќе нема толку голема волја за реформи, за либерализација на општеството, зајакнување на граѓанските права и воопшто за повеќе плурализам. Во врска со елитите, од одлучувачко значење е и борбата против корупцијата и почитувањето на принципите на правната држава. Тука сигурно има да се направи уште многу.

Може ли да се каже дека ЕУ има искрени намери кога станува збор за перспективата за приклучување на овие земји? Граѓаните на ЕУ со години многу скептично гледаат на членство на балканските држави.

Европската унија има искрени намери во врска со перспективата за приклучување на балканските држави и во тоа нема дилема. Сепак, во институциите на ЕУ и во многу земји членки постои оправдана згариженост дека со овие држави во ЕУ би можеле да се увезат конфликти. Никој не сака некаков втор Кипар и начин на однесување какво што сега има во регионот, како на пример однесувањето на Хрватска кон земјите од регионот кои не се членки на ЕУ. Би морало навистина да се најде одржливо решение за политичките проблеми од 19 и 20 век во тие земји. Зашто, за ЕУ не претставува проблем создавањето на економска, социјална и политички прифатлива перспектива за земјите од Западен Балкан. Станува збор за население од 20 милиони луѓе, што за сите земји на ЕУ би било еднакво на приклучување на една мала или средно голема нова членка.

Очигледно има да се направи уште многу. Што очекувате од самитот во Трст? Што мора да се стори за конечно да се тргне напред?

Многу е важно уште еднаш, на највисоко ниво, сега заедно и со новиот француски претседател Макрон, Меркел, шефовите на држави или влади од регионот, да се испрати сигнал на подготвеност за соработка. Сигналот кој треба да биде испратен од Трст е: Западниот Балкан припаѓа кон ЕУ. Се обидуваме да го поместиме нанапред сето она што е останато да се заврши од претходните години, кога и ЕУ самата беше во криза.

Кои се тежиштата на самитот?

Тоа недвосмислено е економскиот развој. Италијанците како домаќини организираат економски форум со мали и средни претпријатија од Балканот. И Германците прават слични работи. Тие веќе почнаа иницијатива за купување, во рамките на која германската индустрија купува производи од Балканот. Оваа сфера мора да се поткрепи конкретно со гаранции и финансиски инструменти. Второто тежиште се конкретни мерки против корупцијата, организираниот криминал и сивата економија. Важна тема сигурно ќе бидат и билатералните конфликти во регионот.

Тобијас Флесенкемпер е виш соработник и директор на Балканскиот проект во Меѓународниот центар за европски студии (ЦИФЕ) во Ница. Тој е член на БиЕПАГ (Balkans in Europe Policy Advisory Group http://www.biepag.eu/about-the-group/ )