1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија сака да ги сослушува украинските борци од Азовстал

Тагесшау | ЕМФ
18 мај 2022

Ситуацијата со украинските борци изнесени од Азовстал останува нејасна. Додека Украина се залага за размена на затвореници, Русија сака да ги сослушува борците и да истражува можни злосторства.

https://p.dw.com/p/4BRn6
Mariupol: Verletzte Soldaten aus Stahlwerk abtransportiert
Украинските борци беа изнесени со автобуси од челичарницата во МариуполФотографија: picture alliance / ASSOCIATED PRESS

Над 260-те украински борци кои по повеќенеделна опсада на челичарницата Азовстал во Мариупол беа изнесени од фабриката, сега се во руско заробеништво. Украина инсистира на нивна размена за руски војници, но Русија очигледно засега не е заинтересирана за такво нешто.

Москва објави видео на кое, како што се вели, се прикажани приемот на украинските затвореници, нивниот медицински третман, како и транспортот на повредените. Повредените војници, според руски медиуми, се префрлени во болницата во Новоазовск. Голем дел од украинските борци се однесени во селото Оленивка. Регионот е под контрола на проруските сепаратисти.

Украински војници во замена за руски војници?

Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Маљар изрази надеж дека ќе може да се договори размена на затвореници со Русија. Според неа, благодарение на ангажманот на војниците се добило во време за да се создадат резерви, за да прегрупираат силите и да се добие помош од партнерите: „Бранителите на Мариупол целосно ги исполнија сите задачи доделени од командантите. За жал, немаме можност воено да ја решиме блокадата на Азовстал“, рече Маљар.

И украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака вчера нагласи дека на Украина „нејзините херои“ ѝ се потребни живи. Тој тврди дека напуштањето на Азовстал на дел од војниците е резултат на меѓусебни преговори. Се претпоставува дека во челичарницата сѐ уште има стотици борци. Украинскиот Генералштаб не дава точен број на војниците кои се наоѓаат во индустрискиот комплекс.

Како течеше евакуацијата на бранителите на Азовстал

Војниците треба да бидат сослушани

Каква ќе биде судбината на украинските војници е нејасно. Руски истражен комитет најави намера за сослушување на војниците - како дел од истрага за наводни „злосторства на украинскиот режим против цивилното население“ во источниот дел на земјата. Иследниците, како што се вели од руска страна, ќе ги идентификувале „националистите“ и ќе проверувале дали тие учествувале во злосторства против цивилното население.

Првиот човек на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, на пленарна седница се изјасни против „генерална размена на заробеници“. Тој ги нарече украинските борци „наци-злосторници“ кои не подлежат на размена. „Тоа се воени злосторници и мора да сториме сѐ за да ги изведеме пред суд“, рече претседателот на руската Дума.

Евакуација од челичарницата во Мариупол

Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека Русија е секогаш подготвена да ги „решава хуманитарните проблеми“ - исто како што тоа го направила „кога, благодарение на нашата војска и нејзините локални иницијативи, стотици ранети беа изнесени од Азовстал“. Лавров тврди дека токму тоа се принципите кои лежат во основата на акциите на руската армија.