1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Русија: Победа над Ковид-19 за среќен 100-ти роденден

СН/агенции
14 мај 2020

И од Русија пристигнаа информации дека жена во длабока старост ја преживеала инфекцијата од коронавирусот. Инаку во земјата денеска за првпат по две недели се пријавени помалку од 10 илјади нови случаи за 24 часа.

https://p.dw.com/p/3cCjD
Russland Moskau | Coronavirus | Pflegepersonal
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Pitalev

Во Русија една пациентка е отпуштена од болница како излечена од коронавирусот на нејзиниот стоти роденден. Руската телевизија синоќа прикажа како Пелагија Појаркова ја напушта московската болница во инвалидска количка со маска за лице и со букет црвени рози.

Стогодишната жена се заразила во друга болница за време на рутинска нега на друг пациент. Коронавирусот е особено опасен за постарите лица и за лицата со хронични болести. Појаркова, која е родена во Москва, ја преживеала инфекцијата, според наводите на клиниката, без да и' биде потребна интензивна нега.

„Се покажа како силна стара дама“, изјави Всеволод Белоусов, заменик директор на московската болница, за руската телевизија. Инаку светските новински агенции во изминатите денови пренесоа информација дека најстарата Шпанка со 113 години ја преживеала заразата.

Бројот на заболени од коронавирусот во Русија првпат по 2 мај падна под 10.000. Во последните 24 часа се потврдени 9.974 нови случаи. Од вирусот починаа 93 лица, од кои 58 во Москва. Од почетокот на пандемијата во Русија починаа 2.305 луѓе.

Повеќе:

-Најтешката криза на Владимир Путин

-Коронавирус: Тешки недели претстојат во Москва

-„Од Русија со љубов“: Корона-помошта пристигна во Њујорк

Во последните 24 часа се регистрирани 5.527 оздравени лица, а вкупната бројка изнесува 53.530. Вирологот Анатоли Алштејн оцени дека може да се смета оти крајот на епидемијата на Ковид-19 во Русија ќе биде кога дневно нема да бидат откриени повеќе од 100 новозаболени случаи. Според официјалните  информации, досега во Русија се пријавени над 252.245 заболени случаи. Русија во моментов е најзагрозена држава во светот по САД.