1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Путин ја разбуди изгубената љубов на Ердоган кон НАТО

Константин Егерт
2 март 2020

Рускиот претседател можеби го надмудри својот турски колега во Сирија, но попатно го уништи нивното пријателство. Внимателните калкулации на Владимир Путин може да му се одбијат од глава, пишува Констатин Егерт.

https://p.dw.com/p/3YizG
Treffen Recep Tayyip Erdogan und Wladimir Putin in Sotschi
Фотографија: Reuters/S. Chirikov

На Владимир Путин му се брза. Тој сака колку што е можно побргу да објави победа во војната во Сирија. Кремљ го извади режимот на сирискиот лидер Башар ел Асад од, како што се чинеше, неизбежен пораз – по висока човечка цена. Единственета пречка која останува за Русија и нејзиниот сириски сојузник е провинцијата Идлиб која сѐ уште ја контролираат контра - Асад силите. Тоа ги пореметува другите планови на Путин.

Како прво тој мора да заврши еден многу важен домашен проект: изменување и дополнување на рускиот устав на национален референдум закажан за 22 април. Амандманите – на кои сѐ уште се работи, треба да осигураат дека тој ќе си ја задржи контролата врз политичкиот систем како и донесувањето на големите политички и персонални одлуки, и по завршувањето на неговиот четврти мандат во 2024 година. Неколку анкети покажуваат дека Русите не се многу оптимисти во однос на странските интервенции на Кремљ.

Но, уште една „голема“ победа во Сирија (Путин најмалку два пати претходно имаше најавено повлекување на руските трупи) ќе му помогне дома. Второ, охрабрен од предлозите на францускиот претседател Емануел Макрон на Минхенската безбедносна конференција, рускиот моќник со нетрпение очекува постепено одмрзнување на односите со ЕУ, па дури и целосна нормализација.

Ова може да биде постигнато ако – а ова е третата причина зошто на Кремљ му се брза на Блискиот Исток – успее да ги убеди Европејците да извршат притисок врз украинското раководство да ги прифати условите на Русија за ставање крај на конфликтот околу отцепените источни региони на Украина, кои сега се под контрола и заштита на Москва.

Ризичен бизнис

За да го постигне сѐто ова, Путин мора да ја затвори „сириската дупка“. Неговата, не тотално неоснована пресметка, е дека Западот ќе ги заборави неговите претходни обвиненија за воени злосторства против руските сили кога во Сирија ќе се постигне релативен мир. Но оваа пресметка не е без ризик. Плановите на Кремљ за брзо решение во Сирија доведоа до спор со некој кој само до пред неколку недели изгледаше како сојузник: турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Сега двете земји се на раб на директна воена конфронтација, особено откако 33 турски војници беа убиени во воздушен напад во четвртокот. Официјалниот став на Дамаск и Москва е дека Сиријци го извршиле нападот врз турската армија во регион во кој тие не требало воопшто да бидат присутни.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт

Но постојат сомневања дека Турците биле погодени од руски воздухопловни сили – кои го штитат воздушниот простор и им даваат поддршка на копнените сили на Асад. Анкара не сака да ја обвини Москва, бидејќи со тоа ризикува воена конфронтација со Путин. Ердоган не сака такво нешто, а ниту пак НАТО – каде Турција е важен член.

Кој ќе попушти прв?

 Ердоган изминатите две години ги помина нагласувајќи ја својата независност во рамки на Алијансата, купуваше руски антиракетни системи и беше еден од домаќините на мировните преговори за  Сирија што се одвиваа во руското одморалиште Сочи, притоа игнорирајќи ги САД и западните сојузници. Сега од седиштето на НАТО во Брисел му се потребни повеќе од само ветувања за да се спротистави на политиките на Путин. Во очаен обид да ја добие поддршката на Западот, тој ги отвори турските граници за повеќе од еден милион бегалци од сириската војна и други места да може да влезат во ЕУ. Ердоган заканата за повторување на бегалската криза од 2015 година ја гледа како средство да ги натера лидерите на европските земји брзо да делуваат и да извршат притисок врз Путин. 

Иронијата што Ердоган потроши толку време и напори за да се дистанцира од НАТО и ЕУ, а сега се мачи да добие нивна помош, Русите ќе се обидат да ја свртат во своја корист. Сепак, ризичната стратегија на Кремљ би можела да излезе „наопаку“ доколку Ердоган одлучи да изврши притисок со копнена офанзива против силите на Асад и да ги ангажира и турските воздушни сили. Во играта „кој ќе попушти прв” уште не се знае победникот.

Конфликтот сѐ уште може да заврши во корист на Путин, ако доволно брзо преземе мерки на сириското копно за да превенира било какви турски акции. Масовно бомбардирање на Идлибби било успешен потег, а цивилни жртви никогаш не биле пречка за Путин и неговите генерали. Можеби е постигнат и некаков „лабав“ компромис откако Путин разговараше со Ердоган во петокот. Но, на долг рок Путин веројатно си отвори нови проблеми. Ердоган никогаш нема да го заборави неговото понижување од страна на Русија. Тоа му ја заслабна позицијата дома и во очите на сојузниците од НАТО. За него би било добро да почне да ги поправа релациите во Алијансата. Нема да се помири со режимот на Асад, што значи дека сонот на Путин да ја остави Сирија зад себе, може да не се оствари.